Демократски воајеризам

09.03.2010 13:31
Laurent-Nivalle-Photography-2.jpg

Според теоријата, во демократијата луѓето би морале да им ѕиркаат под нокти на оние што се на власт. Би морале да ги гледаат како владеат, да ги набљудуваат, бидејќи им дале мандат за владеење, ги избрале.

Најпрвин едно мало недоразбирање. Според теоријата, во демократијата луѓето би морале да им ѕиркаат под нокти на оние што се на власт. Би морале да ги гледаат како владеат, да ги набљудуваат, бидејќи им дале мандат за владеење, ги избрале. И доколку не ги исполнуваат изборните обврски, ако не ја извршуваат добро својата работа, народот им го одзема мандатот, за што постојат механизми и процедури, а не уривање на системот и почнување отпочеток.

Гледање денес има многу, ама сè помалку се гледа на значајните нешта, на она што нè засега. Можеби пресвртот во таа чудна насока се случил кога почнавме да гледаме како рекреативно трчаат највисоките државни службеници, кога камерите почнаа да ја снимаат рекреацијата на службениците, а не нивното извршување на службената должност. Се разбира, Американците и тука беа предводници. Еден од нивните најдобри претседатели се наоѓаше во инвалидска количка. Колку што стануваа полоши, толку повеќе се прикажуваа во спортски дресови и патики, и со понекоја капка пот на челото. Претпоследниот позираше на велосипед, но возењето на истиот не му одеше најдобро, па на сеир на целиот свет, падна и се искрши.

За што станува збор? Не се работи за покажување на моќта и богатството. Таквото перчење е нераздвоен момент на владеењето. Но покажувањето на мускулите во модерниот свет некако излезе од мода. Не се работи ни за тоа дека во модерните ритуали на владеење секогаш се покажува, или по несреќата се гледа, и дел од приватниот живот на високите политичари. Од друга страна, нивната секојдневна работа, која е од нецеремонијална природа, е нефотогенична. Дедовците со вратоврски и понекоја женска зад работна маса или околу масата за конференции, или во парламентарните клупи или на говорницата или стоејќи со прекрстени раце во разговор едни со други – многу непривлечно, многу досадно.

Кога генерацијата политичари, кои сега се во зрели години, беше млада, се случуваше нешто што се нарекуваше политика на личното. И бидејќи добар дел од тоа на некој начин беше поврзан со јавните репрезентации на родовите улоги и родовата практика, некои учествуваа во неа, но уште поголем дел од нив се скандализираше. Еден дел од она на кое можеме да гледаме како на субверзивен или еманципациски потенцијал на тоа случување, се потроши, а друг беше одомаќинет. И така во еден момент, кој сè уште не знаеме прецизно да го одредиме, и по патишта кои сè уште се прилично нејасни, стигнавме до тоа личното да ја засени политиката. Јавната слика на политичарот се одлепи од неговите политички ставови (ако претпоставиме дека воопшто ги има), припадност и дела, и се закачи на неговата „личност“: како се облекува, што прави во слободно време, со каков спорт се занимава, со кого живее, каде оди на летување, што јаде и пие, што чувствува и како го доживува ова или она. Дури и кај толку крајно неинтересни ликови, како што е, на пример, словенечкиот премиер Борут Пахор, наеднаш тие детали стануваат интересни.

Најлично е, секако, телото. Во средниот век владетелите имале две тела, природно и политичко, и околу тоа сфаќање се исплете цел еден политички репрезентативен свет. Тогаш настапи новиот век и власта стана де-персонализирана, одвоена како од телото на владетелот така и од телото на поданикот. Не толку одамна ги имавме тоталитаризмите, а најуспешниот од нив го присвои телото на поданикот и прогласи: Dein Körper gehört der Nation – твоето тело и’ припаѓа на нацијата, на народот. Политичките владетели се изземаа од тоа и гледаа како дисциплинираните тела масовно вежбаат, работат или заминуваат на фронт. Денес состојбата е обратна: сега народот ги гледа телата на владетелите. Но тоа гледање не ги дисциплинира гледаните, туку гледачите. Набљудувачкиот народ не гледа што и како работат оние што владеат. Тој сака да види како тие уживаат. Ама не толку како уживаат во власта, туку во приватниот живот. Добар пример за тоа е неодамнешната афера во Словенија, кога министерството за земјоделство, шумарство и исхрана ги врати кучињата убијци во јавноста. Прашањето дали некој имал сексуални односи со тие животни го засени прашањето за неодговорното делување на власта кое смртно ја загрози јавноста. Наместо демократски надзор врз делувањето на власта ние имаме демократски воајеризам. Притоа, проблемот не е воајеризмот како таков, туку воајеризмот како политичка практика: како надомест за надзор над политиката.

И тука доаѓаме до големо недоразбирање. Демократијата – ќе повторам што вели теоријата – е политички систем во кој народот ги надгледува владетелите. Парадоксниот развој на демократијата доведе до тоа и во најсовршената демократска држава, како што веројатно сите се сеќаваме, на јавноста го изложија претседателот со спуштени гаќи, со гол газ. Тој поглед беше толку величествен што не забележавме како грубо во исто време незапирливо почна да се шири системот на совршен надзор на населението, народот и секој негов индивидуален дел. Сè се регистрира, сè се гледа. Не само нашето движење, финансиски трансакции, е-поштата и телефонските разговори. Тој надзор сега ја засегна и нашата гола кожа, нашата долна облека. Тоа не е развој на грижата за нашата безбедност. Тоа е политички развој. Тоа е развојот на демократијата. Демократијата како систем за надзор се ослободи од пречките кои го ограничуваа надгледувањето на оние што владејат. Доследниот демократизам бараше демократизација на надзорот. Демократијата стана општество на целосен надзор на власта – надзор на власта во кој власта не е предмет на надзорот, туку таа целосно надгледува сè живо. Во замена за тоа, народот може да гледа што прават властодршците со своите тела во приватниот живот.

Фотографија: Laurent-Nivalle

Извор: Demokratični voajerizem, Dnevnik

Ако сакате да читате други текстови од Мастнак, кликнете на следниве линкови:

Политиката како бизнис

Чудата на спасителите од цивилизираниот свет

ПрилогГолемина
Преземи96.78 KB

ОкоБоли главаВицФото