1031 hPa
71 %
8 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 17:59
Вангел Ноневски продолжува да ја форсира темата на, според него, естетски и политички несоодветниот перформанс „Барокните девојки одат во театар“ (перформансот нема наслов, колку што знам, та го предлагам овој). Но, мој впечаток е дека патот што Вангел го изодел меѓу двата свои текста и по мојот претходен текст на темава ‒ отприлика е долг ко патот на дождовен црв заробен во конзерва за мамци.
Значи, тврдам дека Ноневски во случајов сосема ги промашил еманципаторските (или слободарските) поенти и на микро ниво (оценка на конкретниот перформанс) и на макро ниво (несериозно претенциозно зафаќајќи се со прашањето за улогата на уметноста во општеството). Попросто речено, од величествениот (но и мошне опасен) збор „слобода“ Ноневски ја сочувал буквата „ѓ“. Цело време заземајќи неодржливи мета позиции, ѓоа објективни, ѓоа дидактички, а всушност затупителни и морализирачки, Ноневски се однесува како самоуверен батка кој пред невремето глатко и безбедно си го покрива базенот со автоматска церада. На пример, тој имплицира дека „Барокните девојки...“ не ја разбираат „СУШТИНАТА на ПРОБЛЕМОТ на малограѓанскиот морал“ (така пишува Ноневски). Но, кој ја знае таа суштина?! И како воопшто се лоцира „суштината“?! Особено по прашањата на уметноста, чија важна цел е токму демистификувањето и релативизирањето на разноразните суштини, канони, диктати, неслободи...
Ќе се префрлам на формата на лично обраќање (некомотна ми е, ко што реков погоре, божем неутралната вивисекциска критичка метода). Велиш, Вангел: „Тие неизмерно сакаат да ја разбрануваат јавноста, но проблемот е што неа кај нас ја НЕМА, а онаа која ја „боцнуваат“ е премногу мала (или со дефицитарна критичка свест) за да се зафати со проактивно решавање на нашиов проблем. Тоа е така, заради тоа што нашиот проблем има многу понагласен степен на ургентност/итност од оној на малограѓанскиот морал, кој, гледан од сегашен ракурс, за нас има занемарлива важност. Згора на тоа, нагласениот слободен ангажман на Протестирам делува цинично и виртуелно во една средина, во која токму слободата е дефицитарна.“
Вангел, ако кај нас не постои (критичка) јавност, што е тогаш просторот во кој се обраќаш?! Ако не постои амбиент за „Барокните девојки (што) одат во театар“ како тоа постои амбиент за твоите текстови?! Зарем токму твојата реакција (и не само твојата) не покажува дека „Барокните девојки...“ токму со својата провокација отворија простор за критичка расправа?! Што значи, ја оствариле целта, упаднале во умртвениот јавен простор со сосема поинаков ракопис ‒ и биле забележани! И тоа биле забележани, меѓу другото, со многу омраза! Не е ли тоа добар начин да се критикува заспаната јавност?! Не е ли тој начин можеби уметнички, па и политички посоодветен од твојот, Вангел? И не ли се во таа смисла „Барокните девојки...“ многу поангажирани и посубверзивни во јавниот настап од многу други критичари на режимот? Не ли на тој начин тие многу повеќе ја разбираат „суштината на проблемот“ (онака како што самиот ја образложуваш)?!
Најпосле, низ јавниот перформативен гест ‒ мошне нетипичен за оваа средина ‒ тие девојки преземаа одредени ризици и ги добија врелите шамари (аха, делумно и по сексистичка линија, оти нивниот перформанс е еминентно ЖЕНСКИ!) и од десно (од морално‒интелектуалните бедници налик на Венко Андоновски или Влатко Ѓорчев), но и од лево! Тие девојки многу посликовито од дузина јалови политички коментатори ‒ и сосема спротивно на твоите тези, Вангел ‒ покажаа дека креативноста и храброста, како впрочем и верноста, најдобро се докажуваат низ ризици, нови чинови, експерименти и искушенија. За разлика од нив, Вангел, мене ми се чини дека небото што го нудиш во својот текст (то ест текстови, веќе се два, на темава) е церада над базен; небо залепено за прозорско окно. А птиците на слободата во твојот текст наликуваат на лажните птици нацртани врз проѕирните огради по автопатиштата.
Понатаму велиш: „Ангажираната уметност е секогаш добредојдена. Но, дали неа треба да ја повикаме на помош во овој период? Со оглед на околностите, мислам НЕ!“ Кои се тие специфични македонски околности во кои ангажираната уметност сепак не е добредојдена, Вангел?! (иако е добредојдена!?) Зарем токму несогледувањето (заправо, простото незнаење) дека тоа што нам ни се случува има безброј аналогии, историски, политички, културни, не е знак на твојата изгубеност во просторот и времето?! Зарем токму не се „цинични и виртуелни“, Вангел, твојата ригидност, фатализмот, сосема произволната арбитрарност и твојата во суштина декламаторска немоќ да се заземе соодветна (политичка, теориска, уметничка) позиција контра режимот?! Како птиче што налетува директ на огледалото ‒ така изгледаат твоите лупинзи насочени кон „Барокните девојки...“
Велиш: „Кај нас ја нема онаа уметност која ќе го нагризува култот на неслободата во целината (на пример, во МКД нема ниту еден забележителен фри џез состав!), за на тој начин да гради една критичка јавна свест. Но дури и да претпоставиме дека би можела да се изгради, што со тоа сега, кога ургентноста на предизвикот пред кој сме исправени бара real‒time акција?!“ Вангел, прости, но повремено се добива впечаток дека аргументациски трокираш, како мозокот да заборавил да ти се поврзе со јазикот. Што значи да се „нагризува култот на неслободата во целината“?! Какви се тоа бесмислени претенциозности!? Зарем стварно мислиш дека постоењето на фри џез состав е прв чекор кон градење критичка јавна свест?! Ако тоа го мислиш, со кои мерни инструменти одреди дека фри џезот е послободарски („повеќе го нагризува култот на неслободата“) од „Барокните девојки...“? Пак ќе речам: „слободата“ што ја нудиш личи на железно ѓуле што робот го влече зад себе на рѓосан ланец.
И пак, Вангел, паничиш, стигматизираш и агитпроповски челично пресудуваш кога велиш дека нам ни треба real‒time акција, а не цинични и перверзни барокни заеабанции. Да потсетам на одамна изборената а денес веќе просто цивилизациска придобивка: во модерното европско општество и во неговата култура, барем 60‒70 години наназад, веќе нема место за оние институции кои сакаат да го задржат предмодерниот статус на интелектуален супервизор на општествените и политичките случувања. Исто така, местото на интелектуалецот, барем од појавата на масовната култура (да речеме, од средината на 20 век), е поместено одозгора кон долу, од цврстите слоеви и ексклузивните класи што пропишуваат и канонизираат кон променливите и инклузивните групи кои се принципиелно отворени. Не можеш, Вангел, да си ја дозволуваш таа (не соцреалистичка туку груевистичка!) дрскост да пропишуваш естетски стилови и политички методи!
За денес ова е последното делче што ќе го прокоментирам:
„Последното нешто што на нашата општа неслобода во моментов ѝ треба е некој СЛОБОДНО да дејствува, за да покаже колку сме сите НЕСЛОБОДНИ и на тој начин да се става над целата ситуација. (...) Потребна ни е ангажирана уметност која ќе манифестира колку е болно да си неслободен.“
Вангел, упаѓаш во потполна логичко‒јазичка каша, како „ѓулето на слободата“ до грло да те закопало во некој каллив ендек. Да не зборувам дека твоите зборови се сосема бесмислени и од активистичко‒политички аспект, на кој инсистираш. По твојата логика испаѓа дека во неслободно општество секој чин на слобода всушност е фејкерски и мимикриски и дека всушност само ја зацврстува неслободата?! Само (театралниот?) чин на неслободата (во неслободната стварност) може да нè ослободи?! Па нели, Вангел, погоре се залагаше за воспоставување фри џез состави во походот кон слободата?! Зарем тие не се исто така непотребни „покажувајќи колку сме сите неслободни“?!
Твоите тези за уметноста и активизмот, повторувам, се сосема неодржливи, и во деталите и во целината. Ако ти пречи расцепот во граѓанското општество (кон кој баеги придонесува групата што за себе перфидно и насилнички си го присвои брендот „#Протестирам“) тогаш, Вангел, тоа треба отворено да го објасниш, пред сè низ еден активистичко‒политички ракурс, кој мене во мигов (за опис на состојбата во дел од граѓанскиот сектор) ми изгледа посоодветен од естетичката расправа за дострелите на „Барокните девојки...“. На тој начин, ми се чини, повеќе ќе придонесеш за воспоставување позрела и поартикулирана критичка јавност. А не да ги напаѓаш „Барокните девојки (што) одат во театар“ според тактиката „Ти кажувам ќерко, сети се снајо“. Оти баш тоа, според мене, е „спинерски, цинично и виртуелно“. Баш таквиот начин на јавно дејствување многу повеќе придонесува за анестезирање на нашата јавна сцена од разноразните успешни или неуспешни перформанси.
Да завршам: текстот на Ноневски ми наликува на прирачник: Како од крилја да се направи оклоп. Ненад Величковиќ фино ја опишува таа вештина: Ќе се прегрнеш себеси најмногу и ќе се гушнеш најсилно, сè додека крилата не ти отврднат и оклопот не срасне со градите. Не ѝ даваш на смртта во себе, не му даваш на стравот од себе.
Фотографиите се од герилскиот перформанс изведен во „Театар комедија“ во