Стрелба

11.06.2015 13:19
Стрелба

Што правеше Фјодор Кузмич сиот свој живот?

Одговорот е: бркаше стаорци. Ниту тој самиот не знаеше зошто е предодреден баш за тоа. Не го паметеше детството ниту својата претходна инкарнација. Дури не сметаше ни дека оди на работа, бидејќи спиеше и јадеше во темниот ресторан-самопослуга. Макар што, тој го извршуваше сето тоа, благодарение на што постоеше.

Дали тој беше практичен? Едвај. Но ја поседуваше неопходната острина на умот за основното, то ест за ловот на стаорци. Доволно беше да се рече дека тој го смени сончевиот стан за валкана, пропадната соба, за која кружеа гласини дека има стаорци. Собата беше сместена некаде во некој агол на стара куќа, имаше посебен влез, изолирана од другите соби со лавиринт од бесконечни скалила, ходници, ѕидови и некаков си вечен мрак.

Во тоа време Фјодор Кузмич сè уште беше млад човек од дваесетина години, со истакната вилица и речиси невидливи очи. Се беше откажал од своите родители, почитувани граѓани.

Една самоуверена, но затворена во себе девојка му понуди брак. Фјодор, кој знае зошто, ја прати кај една цевка што се наоѓаше далеку во полето, покрај некоја фабрика што се распаѓаше сама од себе. Ниедна друга девојка не му понуди брак. И неговиот живот тргна во зачудувачка едноличност, макар мошне затворена. Тој не си ја испиваше платата, туку јадејќи речиси отпадоци, ја штедеше платата во касичка, што ја криеше во кучешката куќарка... Единственото сериозно нешто што Фјодор го имаше купено, беше ловџиска пушка.

„Главното“ се случуваше на овој начин. Фјодор се будеше ноќе на својот полукревет, од некаква внатрешна молитва. Го палеше кандилото, иако нигде не можеа да се видат икони. Сиот под веќе беше како жив: посеан дали со стаорци, дали со глувци, за коишто Фјодор ноќта нафрлаше храна. Тогаш Фјодор, во долни алишта, во мислите споен со треперливиот пламен, од пушката пукаше по стаорците. Громови ја потресуваа собата. Затоа, кај него стаклата најчесто беа скршени.

Така минаа десет години. Фјодор забележа дека, без оглед на дивото изобилство стаорци во околијата, нив навечер помалку ги има кај него. Макар што, за десет години тој немаше убиено ниту еден стаорец. Веројатно е дека дивјачкото пукање ги трауматизирало. Тогаш Фјодор реши да ги лови стаорците со голи раце. Нему никогаш не му паднало на ум дека тие ќе го каснат, и навистина, тие не го касаа – толку небиолошки беа неговите односи со стаорците.

Разбуден среде ноќ – сега веќе не од молитва, туку од убав, шарен, речиси детски сон – Фјодор трпеливо го палеше вообичаеното кандило, кое стана постудено и помртво. Чудното отсуство на икони покрај кандилото – таа празнина на голиот ѕид – укажуваше дека се преобразува неговата суштина.

Напола гол, по неколкуте речиси клинички скокови угоре и настрана, Фјодор се нафрлуваше во сплетот на животните. Тие сега воопшто не се плашеа од него, разоружан, бегајќи од неговите раце. А тој скокаше по нив, од една на друга страна.

Можеби стаорците чувствуваа дека сето тоа не е залудно, дека нив овде воопшто не ги ловат? Но, што беше тогаш работата? Впрочем, за првите пет години тој успеа да фати четири стаорци за опаш. Но Фјодор не се сеќаваше што сторил со нив подоцна.

Треба да се рече дека никој од луѓето не знаеше дека Фјодор лови стаорци. За неговата дамнешна стрелба од пушка сите сметаа дека е одбранбен тренинг. А во последно време тој целосно стивна, користејќи ги само своите божемни скокови.

Така минаа уште десет години.

Во оваа затворена структура, која му даде начин на стабилно постоење, се случија светли промени на истото место. Сега Фјодор не само што бркаше стаорци туку бркаше и призраци на стаорци. Едноставно речено, тој ги бркаше „нив“ дење, скокајќи по нив на различни страни, макар што стаорците во тоа време реално отсуствуваа. Тој лов на нереални стаорци некако одеднаш му го олесни животот: Стана просветлен, поетичен, така исчезна тешката мрачна секојдневна неопходност да се буди ноќе. Последното нешто беше единственото според кое Фјодор своите активности ги сметаше за тешка и сериозна работа.

Сега Фјодор стана полесен, побистар, и можеше со часови, не одејќи никаде, да скока во својата собичка по призраци на стаорци!

Воздушноста, воздушноста го совлада!

Така минаа уште десет години!

Во претставите на Фјодор, светот беше структурален, затворен и сосема адекватен со неговото сознание. Не можеше ни да се посака подобар свет. Фјодор беше среќен, особено ако отсуството на тага може да се нарече среќа. И никој не знаеше која е причината за неговата стабилност.

Еднаш тој одеше по шумичката, враќајќи се – се чини – од селото во соседниот град. Ненадејно, од зад дрвјата излезе огромна фигура. Формално, тоа беше човек, само што сиот беше зараснат. Кога тој му пријде, Фјодор му го виде лицето: лисесто, забрадено, сo железни очиња како заковани за лицето.

Фјодор осети мртво студенило што ја уништува душата. Првпат во животот беше обземен од смртен страв. Затоа што, најстрашното нешто што Фјодор го забележа на неживото, сонливо лице на новото суштество беше: овој човек е надвор од неговата, Фјодорова, претстава за светот, надвор од сето што тој може да го создаде.

Можеби тоа беше нечовек – Фјодор никогаш порано немаше видено такви лица, или, во секој случај, тоа беше човек од другиот свет.

– Нема веќе да ловиш стаорци – со ненадејно клештење му рече тој на Фјодор во лице и силно му го забоде ножот во градите...

„Од каде ли само знае?” – беше последното што Фјодор стигна да го помисли. И тоа го уби повеќе отколку убодот со нож.

Превод: Павел Попов
Извор: Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2006.
Слики: James W Johnson

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото