Осуда за хомофобичните спонзорства на Град Скопје

12.06.2015 00:26
Осуда за хомофобичните спонзорства на Град Скопје

Промотивен постер за мото фестивалот на „Ноќни волци“ со хомофобичен симбол

 

ЛГБТИ Центарот за поддршка остро ја осудува хомофобијата која е јавно и официјално спонзорирана од властите, каков што е случајот со Град Скопје како поддржувач на мото фестивалот организиран од страна на „Ноќни волци“. Дополнително, ширењето на дискриминаторски содржини, како и ширењето на говорот на омраза е недозволиво при одржување на јавни настани, кои се спонзорирани од страна на јавни институции како што е локалната самоуправа на градот Скопје, имајќи предвид дека на тој начин се исклучува и деградира цела група на граѓани или ЛГБТИ заедницата.

Имајќи го искуството од претходните години на организирање на истиот мото фестивал од страна на „Ноќни волци“, градот Скопје требаше одговорно да реагира во однос на хомофобичната организација на фестивалот и хомофобичните симболи на промотивниот материјал со кои се забранува влезот на истиот за хомосексуалци. Имено, како во 2010, така и во 2011 година, организациската политика на мото фестивалот цело време подразбираше забрана за хомосексуалци, иако по реакциите на Народниот правобранител за таквите содржини и опомена до ова единица на локалната самоуправа, градот Скопје се извини на сите граѓани за дискриминаторските пораки, и се обврза на идно спречување на дискриминација.

Очигледното отсуство на волја за таквите гестови на недискриминација може да се забележи и оваа година и организирањето на мото фестивалот (2015 година), бидејќи градот Скопје е повторно поддржувач и спонзор на овој собир, и тоа со пари кои се собрани од даноците на сите граѓани.

Одговорното позиционирање на локалните власти треба да биде спротивно на тоа, односно не треба да спонзорира исклучиви собири, туку треба да пристапи кон овозможување на еднаквост, толеранција и почит за сите, без оглед на нивните лични карактеристики.

Повикуваме на јавен бојкот на мото фестивалот на „Ноќни волци“ 2015 година.

Извор: lgbti.mk