За утре

12.06.2015 02:06
За утре

Крени ја главата кон небото населено со желки
Ако видиш врз нивниот грб едно ладало што мавта
ќе ја откриеш жена си на Месечината
Скрши му еден заб-секач на портирот со гајтани
за да чуеш како ти пророкува за убавите денови што те чекаат
Ако твојот пес тивко потпевнува
ќе ти ги украдат садовите од кујната
Ако твојата маса мрмори клетви
испрскај ја со свежо млеко за да ја избегнеш чумата
Ветрот што црта опашеста ѕвезда во песокта
го најавува твоето скорешно апсење
ако не го изгориш знамето на твојата земја
Тетовирај го врз образот на мајка ти знакот на Сатурн
и ќе го разбереш почетокот и крајот
Избричи го внимателно зарипнатиот лав
и ќе го откриеш гласот на гавранот
Расплачи го коренот на лилјанот
свирејќи гол на виолина
пред големиот оган што ги маѓосува чкрапјите
и твојот мозок ќе се размножи
Но не убивај ја во никој случај
шатката со црвен клун
зашто твојата зовриена кожа ќе се поткрене
за да ги пушти да избегаат засекогаш твоите умни зборови

Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Џим Хаусер

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото