Мистериите на посткомунизмот

12.06.2015 10:53
Мистериите на посткомунизмот

„Другари, јас ни сега не се срамам од своето комунистичко минато“. Со тие зборови завршува ремек делото на Душан Макавеев од 1972 година, филмот „Вилхелм Рајх – Мистериите на организмот“. Реченицата ја изговара пресечената глава на Милена, главната протагонистка на филмот, која по краткотрајната љубовна афера го убива Владимир Илич, уметнички лизгач од Советскиот сојуз.

Иако забранет од страна на комунистичката власт, филмот на Душан Макавеев не претставува единствена критичка рефлексија на тогашната социјалистичка реалност. Напротив, денес откриваме дека филмот „Вилхелм Рајх – Мистериите на организмот“ има што да му порача и на нашето посткомунистичко секојдневие. Во што се состои таа порака?

Филмот е создаден во период на длабоки општествено економски промени. Ефектите од стопанската реформа од средината на шеесеттите ќе доведат до влошување на материјалната положба на југословенската работничка класа, масовни отпуштања на работниците и работничките, и до создавање нови национални политички елити регрутирани од редовите на владејачката номенклатура. Отворањето на Југославија кон светскиот пазар, нејзината интеграција во светската поделба на трудот и почетокот на воведувањето на пазарниот економски систем, ќе предизвика низа политички и социјални промени. „Достигнување на западниот модел на либерална демократија“, таа парола на транзициската посткомунистичка идеологија им изгледала незамислива на тогашните политизирани маси: против таканаречената црвена буржоазија, новата економска класа создадена заради логиката на воведувањето пазарна економија, се борела со барањата за воведување „социјализам со човечки лик“.

Под товарот на растот на надворешниот долг, кој од почетокот на седумдесеттите незапирливо расте, илузиите за бескласно комунистичко општество полека исчезнуваат. Влијанието на меѓународните финансиски организации е сè поочигледно, особено во поглед на контролата на југословенските финансии: спроведувањето на таканаречените мерки за штедење ќе има голема улога во крвавиот распад на земјата неколку децении подоцна. Приказната за тоа е раскажана: политиките на етно националните идентитети и ексцесивната фашизација на постјугословенските држави од деведесеттите, ќе ги фрли на ѓубриштето на историјата наративите за класните антагонизми, социјалната правда и пролетерскиот интернационализам. Конзервативниот политички пресврт од раните седумдесетти во пакет со неолибералните економски мерки ќе го означат почетокот на распаѓањето на социјалната држава. Секако, процесот трае и денес. Дали смееме да се срамиме од нашето комунистичко минато, во услови на перманентно разградување на сите облици социјални услуги, па и самата димензија на социјалното?

Во падот на Берлинскиот ѕид како слика за падот на комунизмот, Борис Буден гледа „идеолошки кич“(1). Сликата ја изгубила својата еманципаторска улога, а за оние кои денес стојат пред новите ѕидови таа претставува гола опортунистичка лага. Источноевропските набљудувачи во таа слика ја видоа конечната победа на либералната демократија и таканаречениот крај на историјата: изгледаше дека излегувањето од комунистичкиот мрак води право во клубот на најразвиените капиталистички земји. Масите кои на Истокот го срушија комунистичкиот поредок одеднаш ги добија сите одговори: потребно е што побрзо да се решат од мрачното минато за да се обезбеди патот кон достигнување либерална демократија. Значи, политички систем кој на Запад веќе е остварен и кон кој веќе долго се негува одредена дистанца. Така, транзицијата поаѓа од ништо: од празниот простор на комунистичкиот тоталитаризам, заборавеното минато кое и онака, како што ќе се покаже, било илузија. Илузија дека е можно да се оствари поправедно општество со радикална промена на општествените услови. Но, политички самосвесните поединци не веруваат во илузии: затоа транзицијата ќе бара нов вид политички субјект кој Борис Буден го нарекува „децата на комунизмот“.

Неоптоварени од минатото, репресивно инфантилизираните постјугословенски општества ја прифатија идеологијата која може да се резимира со зборовите: транзиција кон демократија. Според новата идеологија, демократијата се одложува во неодредена иднина, а субјектите на таа транзиција репресивно се инфантилизираат. Во тоа, секако, е рефлексијата на новите облици на моќ: транзицијата станува процес на одложено растење, воспитување и образование за демократска зрелост која западните старатели ја спроведуваат над таканаречените деца на комунизмот. Во посткомунистичката идеологија на транзицијата кон демократијата, минатото станува вишок: децата и онака немаат на што да се сеќаваат.

Па сепак, баучот на комунизмот не го напушта сосема тоа незрело битие. Во посткомунизмот, тој бауч е длабоко потиснат за да се заштити од неподносливите афекти кои тој би можел да ги предизвика. Да се потсетиме: според Ана Фројд, потиснувањето е најопасниот механизам за одбрана, а се состои во ифрлање слики и претстави од сеќавањата. Меѓутоа, иако тие сеќавања исчезнуваат од свеста, нагоните поврзани за тој настан остануваат и бараат заобиколни патишта за олеснување.(2)

Виновникот за неуспешниот проект за изградба на либерално демократска држава, па и за нејзиното претворање во фашистички тоталитаризам, не се гледа во деформираноста на периферниот капитализам во кој се интегрирани постјугословенските државички и протекторати. Напротив, за раширениот клиентелизам и културно политичката заостанатост е одговорен, како што нè учи транзициската идеологија: комунизмот. Меѓутоа, што доколку до свеста допрат сликите кои ја нарушуваат таа реалност?

Краткиот документарен филм на Желимир Жилник од 1968 година, „Невработени луѓе“, прикажува урнебесни и потресни приказни на луѓе кои стопанската реформа ги оставила без работа.(3)  Многумина биле принудени да спијат на станиците, вагоните или колективните сместувања, додека другите можноста за добивање работа можеле да ја побараат во странство: отворањето на Југославија за светскиот финансиски капитал, кое е овозможено со стопанската реформа, значело почеток на масовен извоз на југословенска работна сила на западните пазари. Значи, филмот го отсликува почетокот на воведувањето пазарни односи во тогашната социјалистичка држава и нуспојавите кои ги следи тој процес: масовна невработеност, огромни разлики во примањата помеѓу вработените и партиските раководители на претпријатијата, размена на работна сила помеѓу економскиот центар и перифериите во рамки на европскиот капиталистички систем. Спротивно на посткомунистичкиот мит за капитализмот кој допрва треба да настапи со воведување одредени институционални и економски мерки, во филмот на Желимир Жилник го гледаме токму процесот на интеграција на социјалистичката држава во глобалниот капиталистички систем. Денес знаеме: процес кој не го преживеа.

Но, со исчезнувањето на тогашните социјалистички држави и потиснувањето на историјата и идеите на комунизмот, европската политичка мисла, но и европската општествено политичка реалност се лишуваат од една димензија без која ни самата Европа не е можна како конструкција. Имено, идејата за политичка, односно политизирана солидарност на угнетените од онаа страна на партикуларните национални, културни или религиски идентитети. Таа идеја со векови го обликувала европското интелектуално и општествено поле: од средновековните францисканци кои се противеле на апсолутизацијата на приватната сопственост, преку таканаречените буржоаски револуции, до работничкиот социјализам во услови на нови економски противречности. Со бришење на таа димензија на отпорот е создадена голема празнина во политиката: крајот на комунизмот за многумина значел и крај на идеологијата, потоа крај на политиката. И, најпосле, крај на историјата.

Да се вратиме на ремек делото на југословенскиот црн бран, филмот „Вилхелм Рајх – Мистериите на организмот“. Како што е познато, првиот дел од филмот е посветен на психоаналитичарот и социјален теоретичар Вилхелм Рајх. Главната протагонистка од другиот дел на филмот е Милена, млада југословенска комунистка и феминистка приврзана за идеите на Рајх за слободна љубов и сексуално ослободување на пролетаријатот. Нејзината љубов кон Владимир Илич, уметнички лизгач од Советскиот сојуз, завршува трагично: имењакот на Ленин со сечивото од лизгалката ѝ ја отсекува главата на Милена. Положена на маса за сецирање, нејзината пресечена глава ја изговара познатата реченица: „Другари, јас ни сега не се срамам од своето комунистичко минато“.

Борис Буден предложува сликата за падот на Берлинскиот ѕид, како слика за крајот на комунизмот, да ја замени последната сцена од филмот на Душан Макавеев: отсечената глава на комунистката Милена која веќе на почетокот од седумдесеттите зборува дека не се срами од своето комунистичко минато. Со тоа ќе решиме неколку илузии, или мистерии, што ни ги наметнува идеологијата на посткомунизмот, како на пример онаа дека со рушењето на еден не можеме одново да се најдеме пред нови ѕидови.

Ние, децата на посткомунизмот, добро ги познаваме тие ѕидови: од заборавот на минатото, разгорувањето на националистичката омраза, укинувањето на изборените социјални права и наследството, до наметнување однапред одредена иднина од која сме исклучени како политички субјекти. Меѓутоа, се уште не знаеме дали еден ден ќе се срамиме што не сме им пружиле отпор на тие ѕидови.

(1) Boris Buden, Zona prelaska: o kraju postkomunizma, Fabrika knjiga, 2011.
(2) Ana Frojd, Ja i mehanizmi odbrane, Akademska knjiga, 2010.
(3) Gledaj film: Želimir Žilnik – Nezaposleni ljudi, 1968.

Извор: http://akuzativ.com