Претседателот Иванов ја додели наградата „Молчењето е злато“

13.06.2015 11:21
Претседателот Иванов ја додели наградата „Молчењето е злато“

Скопје, 13 јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р. Ѓорге Иванов, синоќа на една од плажите во Скопје за првпат им ја врачи престижната награда насловена „Молчењето е злато“ на најтивките академици, новинари, јавни личности и студентите од земјава.


Дваесет студенти од разни факултети во Македонија оваа година го добија признанието „Молчењето е злато 2015“, меѓу кои се најдоа и студенти кои ниту еднаш не се побуниле за лошите услови во студентските домови каде што престојуваат.


„Денес со нас се најтивките студенти. Вие досега мудро молчевте. Очекувам и во иднина да молчите, зашто молчењето е злато“, истакна претседателот Иванов.


Наградата им беше доделена и на десетина новинари кои не напишале ниту една статија за влошената политичко-безбедносно-економска клима во државава.


„Ви ја доделувам оваа награда бидејќи е многу поважно да се пишува за задникот на Ким Кардашијан наместо за некои глупи политичко-безбедносни проблеми во Македонија. Нашиот народ заслужува да знае за колку проценти е зголемен обемот на еден од најпознатите светски задници“, изјави претседателот Иванов.


Наградени беа и бројни јавни личности кои во своите јавни настапи ниту еднаш не се осврнаа кон проблемите кои го измачуваат ова општество.


Посебна награда добија академиците од МАНУ кои при врачувањето се завештаа дека ќе продолжат со своето свето молчење, кое во најтешките мигови на татковината се покажало и повеќе од добредојдено.

Иванов додаде дека молчењето почнува да дава резултати, a луѓето што молчат треба да бидат прогласени и за херои.

Честитајќи им го успехот на најдобрите молчеливци за оваа година, Иванов од брегот на реката Вардар им порача да не се задоволуваат со безбедноста на глувчешките дупки и храбро да запловат во океанот на светото молчење, кон хоризонтот осветлен со портокалово зајдисонце.

Своето излагање Иванов го заврши со зборовите: „Молчењето е злато затоа што молчењето е златно.“

Слика: Странски служби