Москва создава услови за хибриден конфликт во Македонија

13.06.2015 11:51
Москва создава услови за хибриден конфликт во Македонија

После целосната реконфигурација на теренот и замрзнатите односи на Русија со западниот свет, и откако се увиде дека помината е неповратната точка, Кремљ започна една нова меѓународна кампања за изградба на конзервативна интернационала.

Постојат повеќе индикации дека значајна улога во оваа кампања ѝ е дадена на Македонија. Како мултиетничка и мултиконфесионална земја, еден вид Европска Унија во мало, Македонија е плодна почва (буре барут) за потпалување на конфликт чија цел е уривање на митот за обединета Европа и почетокот на крајот на ЕУ како проект. Тоа e всушност ултимативната цел на Москва.

Овој хибриден систем на идеологии и вредности е нешто слично на комунистичката интернационала на Ленин и на Троцки. За разлика од банкротираните болшевици, режимот на Владимир Путин поседува неограничени средства (сибирските ресурси) и користи најнови информациски технологии и мрежи со навистина глобален опсег за реализација на својата цел.

Планот на Москва е нејзината конзервативна интернационала да биде ширена од радикалните леви и од крајно десните традиционални сили на Европа, во спрега со медиумски гиганти како меѓународна телевизија RT или агенцијата Спутник, кои се создадени да емитуваат контра-наратив на постоечките западни либерални информациски текови. Двата државни медиума се строго контролирани од Кремљ и имаат годишен буџет од неверојатни една милијарда долари.

Оваа кампања е во експлозивен микс со балканскиот атавистички национализам и тоа му доаѓа како ас во ракавот на Москва, откако воената авантура во источна Украина е на повидок да заврши во морален и политички дебакл, и доколку на Русија ѝ биде одземено правото за одржување на Мундијалот во 2018. Неслучајно, во текот на изминативе години, некои од регионалните лидери како Ердоган во Турција, нашиот Грујо, или Орбан во Унгарија, сите започнаа да гледаат со стравопочит и восхит во Путин и сите го аплицираа неговиот авторитарен политички систем во своите земји.

Америка и Европа имаат сè поголемо разбирање за поведението и улогата на Москва во регионот и затоа активизацијата на странците за превенција на можен меѓуетнички или интраетнички конфликт во Македонија. Тие се свесни дека ако не дојде до брзо решение на политичката криза, Русија, чија геостратешка цел е стопирање на проширувањето на ЕУ и НАТО, би можела да го искористи моментот на слабост и да поттикне нова хибридна војна во Македонија по теркот на онаа во источна Украина.

На тој начин таа фактички ќе стави вето на ЕУ и НАТО проширувањето во регионот, како што истото го направи и со својот сосед. Македонија и соседните земји кои би можеле да бидат опфатени од тој конфликт ќе останат со децении надвор од евроатлантските структури, во замрзнат конфликт по либанско или сириско сценарио. Според Москва, политиката на проширување на Брисел е во спротивност со интересите на Русија за заштита на своите сфери на влијание. Какви и да се, и кои и да се тие интереси што таа ги штити од Балканот, преку Карпатите во Донбас, па сè до јужен Кавказ.


Во најновата анализа насловена „Рускиот предизвик“, лондонски Чатам хаус, еден од најугледните светски тинк-тенкови, прогнозира ушто позасилено влошување на односите помеѓу Русија и Западот. „Главната причина за предизвиците на Русија со кои Запад е соочен е во внатрешниот развој на земјата и нејзиниот неуспех да изгради кохерентна структура на развој после падот на Советскиот Сојуз“, се вели во анализата, и се подвлекува дека „Путин и неговиот круг (на пријатели и соработници) не се еднакви со Русија и рускиот народ. Нивните интереси не секогаш се совпаѓаат.“ Анализата заклучува дека западните земји треба да бидат свесни за можен хаотичен крај на системот на Путин и за драматичните последици што таквиот крај би ги предизвикал.

Путинскиот „алиберален“ или псевдо-демократски режим е последица на едни комплексни историски, социјални и економски односи со кои е обременето руското национално ткиво. Крвавото создавање на болшевичката држава, егзодусот за време на граѓанската војна, Советскиот Сојуз како „зандана на народите“, црвениот терор на Сталин, прогонот на дисидентите од шеесееттите до осумедесеттите, долгиот Брежњевски застој, неуспешната перестројка на Горбачов, падот на моралните вредности и подемот на бедата во деведесеттите, сито овие историски пореметувања го имаат преуредно менталниот код на Русите.

Никола Груевски и неговата власт се обидуваат од Македонците да направат Козаци и да аплицираат таков неосоветски систем во Македонија со сето свое епохално бреме. Според пропагандата на ДПМНЕ, тој авторитарен режим е всушност клучот за решавање на идентитетските, социјалните и секако, економските проблеми на старо-новиот славјано-антички Македонец.

Постои сомневање дека овој хибриден систем што се создава во земјата, и кој е пропагиран од мегафоните на власта и поради тоа прифатен од добар дел од населението, е политички, логистички и финаниски поддржуван од руски структури. Посебно откако опозицијата започна да објавува прислушкувани материјали, таканаречените аудио-бомби на Зоран Заев, и откако незадоволството на народот се излеа по улиците на големите градови во Македонија со барање за оставка на владата.

За воспоставената оска Москва-Скопје има неколку индикации.

Секојдневна практика на режимот на Путин е селективно да апси и судски да прогонува активисти или обични граѓани кои се појавиле на антивладини протести како начин на заплашување и психолошки притисок. Еталон за оваа репресивна политика се „узники 6-го маја“ или политичките затвореници од 6-ти мај 2012. Тогаш, за време на инаугурацијата на Путин, имаше изблик од масовни незадоволства по улиците на Москва поради неговото враќање со трет претседателски мандат. Околу триесетина протестанти и активисти беа упасени и држени во притвор речиси две години, некои беа ослободени а 16 сè уште лежат во затвор.

Процесот со узники 6-го маја има фрапантна сличност со уапсените македонски демонстранти од 5-ти мај годинава, нивното незаконски долго држење во притвор и затворските казни, и е речиси невозможно идејата мнозинството да се држи во страв да не потекнува од иста кујна. Инструкциите од Москва во случај на народно незадоволство се јасни – уапси селективно десетици, долг притвор и казни за невини за да ги држиш во страв останатите. Тоа се должи на уплавот на Кремљ од сакакво случување на народ, од киевски Мајдан во руска верзија.

Втората индикација за постоење на оваа оска е сè позачестеното повикување од страна на Груевски за наводната незаконска приватизација од деведесеттите, кризата и бедата што таа приватизација наводно ги донела, обвинувајќи ја за тоа денешната опозиција. Иако актерите на таа приватизаиција, Бранко Црвеновски, Петар Гошев, Стојан Андов и останатите, веќе со години не се вклучени во политичките процеси на земјата, Груевски ја искривува историјата повикувајќи се на некакви „криминални деведесетти“ како начин да го отргне вниманието од криминалот на власта кој, како што покажаа бомбите, всушност ни се случувал пред нос. Спинот овде е да се укаже дека политиката на привлекување странски инвестиции и високите рејтинзи на Македонија за вршење бизнис е всушност антитеза на времето кога капиталот во Македонија бил незаконски приватизиран, а народот останал на просјачки стап.

Тое е уште една негова лага. Иако годините по осамостојувањето на Македонија на економски план не беа така сјајни (години на ембарга и војни во Хрватска, Босна и на Косово) тие сепак беа златно доба на оформување на третата македонска држава (после Илинден и АСНОМ), и време кога имаше вистинска ренесанса во македонската демократија и слобода.

Истата реторика за „лихије девјаности“, дека може да се случи повторување на бедните и хаотични деведесетти и распад на Русија ако случајни луѓе ја приграбат власта, Путин редовно ја употребува од 2004, за да ја легитимира својата клептократска власт стекната на фалсификувани избори. Заклучок: и во овој случај адаптацијата на путинизмот во Македонија од страна на Грујо е фрапантна.

Третата индикација за замешаноста на руските тајни служби во Македонија е работата на десетина антизападни портали и новински агенции на македонски јазик. Никогаш порано кај нас не постоеле такви медиуми каде толку многу се плука по ЕУ и Америка, а така небесно се глорифицира Русија. Некои од тие се Нетпрес, Телеграф, Денешен, Вистина, Прес24 и Инфомакс, последниот е еден од најрадикалните. Сите тие ја омаловажуваат евроатлантската перспектива на земјата, ги глорифицираат Путин, неговиот Евроазиски сојуз и политиката на Москва во регионот, ја величат руската воена моќ и ги клеветат украинските политичари и нивните напори за запирање на вооружениот конфликт во источна Украина.

Угледниот весник Њујорк Тајмс неодамна започна да објавува на руски во еден од своите прилози. Првата истражувачка сторија е посветена на армијата од стотици тролови и ботови на Кремљ која шири дезинформации и прави р'шум низ социјaлните мрежи на глобално ниво низ земјите до каде стигаат долгите пипала на руската пропагандна машина. Несомнено, оваа таканаречена фабрика, е всушност уредникот на некои од „вестите“ објавени во горенаведените портали кои се шират како спам најпрвин на руски, па преведени и објавени на српски од слични портали во Србија се преземаат и на македонски. Голем дел од тие парчиња текст, интервјуа, статии и анализи со јуришничка антизападна содржина, како и фотографии и видеа, се полувистини и дезинформации, креирани, лепени и монтирани во редакцијата и студијата сместени во зданието на улица Савушкина во Санкт Петербург. Нивната работа пролетва беше разобличена од руски новинари кои прикриено стапиле во служба во оваа „интернет агенција“.

Постојат сознанија дека некои од тие македонски портали, едни од стотиците запченици во гломазната пропагандна машинерија на Кремљ, се директно финансирани од Москва. Тема на која наскоро ќе ѝ посветам цела колумна.

Фотографии: Бела Дока