Tопографија на глупоста и примитивизмот

15.06.2015 09:32
Tопографија на глупоста и примитивизмот

Седам минатата среда во Берлин, пијам дупло еспресо и читам Њујорк Тајмс – со одличен и прилично долг коментар на Иван Крастев за Македонија – но мене вниманието ми ја привлекува приказната на следната страница од весникот: Германците неодамна открија скриени артефакти кои потекнуваат од монументалниот кабинет на Хитлер во Берлин, во кој тој се вселил во 1939 г. и го користел до влегувањето Црвената армија во градот, во мај 1945 г. Скулптурите, торзата и други (со или без наводници) уметнички предмети од командната зграда на Третиот Рајх и од големите канцеларии на Хитлер, Русите не ги пренеле во Москва, туку ги складирале во близина на Берлин, на спортските терени на касарната кај Еберсфелд, на Одра. Тргнати од очите на јавноста, оваа ес-ес-збирка „дремела“ цели 40 и повеќе години, до падот на комунизмот во 1989 г. А, потоа се појавиле луѓе со кеш во рацете, ги натовариле на камиони „пљачките“ и ги однеле во непознат правец… Сé до средината на април годинава, кога, како резултат на поголема акција на германската полиција, повторно биле откриени во магацин во Бад Диркхајм, во германската област Фалц.

Сега, пишува Њујорк Тајмс, германската влада, всушност, не знае што да прави со оваа колекција: меѓу другото, се работи и за два масивни бронзени коњи, големи релјефи и платна, но и за двете веројатно најпознати разголени машки наци-скулптури во природна големина, олицетворенијата на Die Partei и на Die Wehrmacht – Партијата и Армијата – обете дела на Арно Брекер, кои дење и ноќе ја „чувале“ влезната врата на Хитлеровиот убер-кабинет. Во колекцијата има и скулптури од вилата на Херман Геринг, кои биле навреме тргнати пред да бидат разорени со динамит, заедно со Геринговата „викендичка“, пред несопирливите освојувања на Русите.

Во текстот понатаму читам дека илјадници артефакти од 12-годишното владеење на Третиот Рајх со Германија биле уништени или запалени, особено во американскиот сектор на контрола во повоената Германија, нешто како резултат на хаотичните воени операции, но многу и со намера да се анулираат физичките и уметничките симболи на германскиот нацизам и милитаризам. Над 8.700 разно-разни трофеи пренесени во Пентагон во повоените години, денеска се вратени во Германија и стојат длабоко „закопани“ во подрумите на Баварскиот воен музеј во Инголштат или низ магацините на други државни музеи во Германија. Во најдобар случај, нешто се изложува низ повремените поставки на некои од историските музеи (како оној во Берлин, на пример), но не во уметнички, туку во политичко-историски контекст.

Некои од колекциите можат да се погледнат, но не од обичната публика, туку само со специјални дозволи и од страна на научници кои проучуваат одредени аспекти од историјата на Хитлеровата Германија. Сепак, стручната оценка е недвосмислена: многу малку од илјадниците предмети имаат вистинска уметничка вредност, бидејќи, како што заклучува и Њујорк Тајмс, „тешко се создава голема уметност во време на тиранија“!

ПОСТОЈАНА ПОСТАВКА НА СРАМОТ

Чудни се патиштата деспотски!

Штета што историјата не располага со снимени телефонски разговори меѓу Хитлер и Геринг. (Тогаш Израелците не произведуваа софистицирана прислушна опрема како денес, бидејќи беа зафатени со преживување пред налетот на не толку софистицираната германска технологија за геноцид врз Евреите.) Да имавме макар и нелегални снимки од такви евентуални разговори, ќе можевме да посведочиме како неталентираниот австриски сликар Адолф – кој го мразел модернизмот во уметноста од дното на душата, сметајќи го за декадентен, „дегенериран“ и опасен за чистотата на германскиот ариевски ум! – договара во некој ситен саат во ноќта со егзекуторот Херман како да изгледаат, колку да бидат големи и каде да се монтираат скулптурите, на пример, на Бранденбуршката капија. Познато е дека (и) во Третиот Рајх не се штеделе пари за хонорарите на „вистинските“ уметници, тие морално-политички поддржувачи на нацистичката тиранија и терор.

Но, ние имаме повеќе среќа од Германците. Имено, кога ќе дојде време од скопските улици и објекти да се тргаат „артефактите“ од владеењето на груевизмот (не мислам само на „Скопје 2014“, туку на уште низа други „уметнички“ глупости и грдотии што издашно ги финансираме со нашите пари), предлагам тие да не се уништуваат или да се напикаат и да се заборават во подрумите на нашите музеи, туку, напротив, да се изложат во постојана поставка во Историскиот музеј на Македонија каде колекцијата ќе биде сериозно обработена и презентирана на увид на идните генерации македонски граѓани во врска со болните амбиции на нашиот неуспешен театарски актер да го смени светот со алатките на социјалниот инженеринг. Всушност, можеби најдобрата зграда за оваа прикладно обработена колекција е Музејот на ВМРО, како музејски тестамент за глупоста и невкусот на денешнава македонска тиранија на чие располагање се ставени многу неталентирани (но и некои талентирани, особено во сферата на лукративноста) македонски уметници, скулптори, архитекти, писатели, професори и други перачи на пари и идеи од сите насоки на македонското уметничко и политичко идејно подземје. Така поставената изложба ќе може да се разгледува со слушалки на ушите преку кои ќе се следат автентичните меѓусебни разговори на Груевски, Јанакиески, Канчевска-Милевска, Ставрески и други релевантни чинители во разнебитувањето на македонската споменична и општа култура.

Под секој од изложените предмети, покрај другите информации, ќе стои и цената на неговото чинење. За да не се заборави примарниот мотив на злото.

(Во оваа смисла, сериозно треба да се размисли и за основање на една нова музејска институција, или макар депанданс на погоре опишаната музејска поставка, посветена само на македонското новинарство и на медиумите во периодот 2006-2016, како неопходно сведоштво за информативниот и идејниот геноцид спроведен од власта врз сопствениот народ. Се согласувам во рамките на тој музеј да ги има и восочните фигури на најистакнатите медиумски злосторници од оваа деценија на изгубените македонски надежи, може и сосе Груевски како повремено им дава интервјуа.)

СКОПСКО АНАЛЕ

Просто не ми е јасно како досега некој од груевциве не се сетил да му предложи на нашиот деспот да прават годишни изложби на „новата преродбеничка уметност“, како што тоа во триесеттите години од минатиот век го правеше Хитлер со редовните годишни уметнички изложби во Минхен. Ако таквата манифестација се спои со некаков пиволенд или чварколенд, сигурен сум дека и претседателот би се понудил за покровител. Како што е познато, тој ја обожува уметноста… на молчењето.

Кај нас вреди да се копира уште едно германско искуство: на местото на зградата на некогашното Гестапо во Берлин – тоа му доаѓа нешто како нашата локација на УБК во комплексот на МВР во Пржино, до станбената зграда каде што половина Влада поседуваат по два-три стана – е поставена постојана изложба насловена како „Топографија на теророт“ во која на многуте заинтересирани посетители детално им се објаснува нацистичката машинерија за масовни убивања и терор. Не им беше лесно, но Германците разбраа дека и за идните генерации е важно добро да ја научат историската лекција од цивилизациската провалија во која ги втурна нацистичкиот режим.

Шетам, така, минатата недела, од еден на друг состанок, низ долгите ходници на германското Министерство за надворешни работи и низ зградата на Бундес-канцеларката Меркел. Импресивни модерни зданија, градени според највисоките стандарди на 21-от век за функционалност, убавина, енергетска ефикасност и комфор. И си мислам: колкава будала треба да си, за во 2014 г. да градиш барок?!

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Петар Младеновиќ