Mort Aux Chats

15.06.2015 11:03

Мачки нема да има!
Мачките шират зарази,
мачките загадуваат воздух,
мачките неделно ја јадат
својата седумкратна тежина,
мачките биле обожавани
во декадентни општества (Египет
и стар Рим), на Грците
мачките не им биле потребни. Мачките
седејќи мочаат (тоа е докажано
од наши научници). Парењето
на мачките е мачно; тие се
неприфатливо склони кон скитање.
Можеби се на свое место
во својата земја, но
нивната традиција нам ни е туѓа.
Мачките смрдат и тоа не можат да го поправат,
ја чувствуваш додека се качува по скали.
Мачките премногу гледаат телевизија,
можат да спијат додека беснее бура,
а деновиве нè напаѓаат
од грб. Никогаш уште не се појавил
ниеден голем уметник меѓу мачките.
Тие не заслужуваат големо М
освен на почеток на реченица.
Виновни се за мојата главоболка
и зашто билките ми венеат.
Во нашата општина ги има многу,
вредноста на имотот паѓа.
Кога го сонувам Господ гледам
Масакр на мачки. Зошто тие
инсистираат на своја сопствена
религија и на јазик, кој мора да преде
за да го изложи своето гледиште?
Смрт за сите мачки! Владеењето
на Кучињата ќе трае илјада години!

Препев: П. В.
Mort Aux Chats ‒ франц. Смрт за мачките (прев.)

оригиналната песна

Питер Портер (Peter Porter, 1929-2010), роден во Бризбејн, Австралија. Во Лондон се преселил 1951 година. Работел како чиновник, продавач на книги и пишувач на огласи цели десет години. Објавил триесетина книги, главно стихозбирки. Бил мошне ценет поет и денес го вредуваат меѓу врвовите на англиската поезија со неговата интелектуална продорност и тематска широчина - од сатирични стихови до барање смисла во искушенијата на постиндустриската стварност, од молитви до раскошни музички фрази; неговото богатство на форми и изрази критичарите го споредуваат со она на В. Х. Оден.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото