1002 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 20:59
Македонија има шанса каква што пропушти Србија. Значи, не само да ја промени гарнитурата на власт, туку самата власт да ја изведе пред лицето на правдата, правосудниот ситем да го изведе пред лицето на правдата и државата да ја врати кон нејзиниот темел: обврската да се казнат злоделата, злоупотребата на моќта и нанесувањето неправда на недолжните. Македонија има шанса структурата на грозоморниот сон на својата реалност, каква што денеска ја живурка меѓу џиновските кич-споменици, кич-измислиците на монументалистичката заумна историја, да ја разбие на парчиња, и да се пробие до сопственото време.
Ќе наведам неколку главни симптоми кои укажуваат на ова зрело будење. Велам, не без предупредувања и трепет, тие се само навестувања кои би можеле да се остварат. А тоа не е лесно, ниту е безбедно. Слободата мора да се плати со подвиг. Инаку, не вреди ништо. Инаку, не го исцртува хоризонтот на вредности.
Антивладините протести се сè поживи и поживи. Во четвртокот вечер, демонстрантите собираа помош за мигрантите кои минуваат низ територијата на Македонија со цел, преку Србија, да се доберат во центарот на Европа. Македонските закони кон овие луѓе се неспоредливо поригорозни, понечовечни од нашите, а демонстрантите, со оваа постапка се отвораат кон човечноста, која не е ограничена со национални, територијални и социјални поделби. Нивната постапка ги надминува тесните национални интереси. Така светскиот дух влегува во антивладиниот протест, не на коњ и со меч в рака, туку преку милосрдието спрема оние кои не се дури ни државјани, но се понижени и загрозени, обесправени и намачени.
Меѓу претставниците на демонстрантите и претставниците на власта, во координација со Европската унија, се водат преговори. Заев и Груевски преговараат како во војна, на неутрален терен, во Стразбур; еднаш, додуша, преговараа и во Скопје, но и тука е освоен добар дел од територијата, во самиот центар на градот, и, конечно, во Брисел. Пред некој ден, околу полноќ, преговорите во Брисел беа прекинати. Антивладината широка коалиција на левицата, да го кажеме тоа јасно, не отстапува од своите барања. Првото меѓу нив е: исклучување на Груевски од секоја идна влада. Колку е работата заострена од лево и, истовремено, калку е нееластична позицијата на десничарската власт, најдобро се гледа од фактот дека, на изненадување на сите, Груевски предложи една крајно необична работа - тој и Заев да бидат копремиери! Се разбира, тоа мазно е одбиено. Предлогот произлегува од самата структура на гротескниот сон на сегашната македонската државна и општествена реалност.
„Вмровците“ сега јавно го обвинуваат Зоран Заев дека ги слуша интелектуалците, професорите, уметниците и невладините организации. Значи, го обвинуваат дека ги слуша советите на оние кои имаат знаење и совест. Го обвинуваат, значи, дека се оглушува на советите на незнајковците и политичките бараби. Од тоа што трезните се срамат, зашеметените со гордеат!
Светски теми влегуваат во антивладиниот протест, а протестот се шири надвор од границите на кампусот. Пред неколку дена, во скопскиот „Театар Комедија“, кој го води обземена љубителка на политиката на Груевски и негова партиска партнерка, актерката Јелена Жугиќ, во текот на претставата „Лисистрата“ од Аристофан, во моментот кога во улога на сцената беше директорката окупирана од бунтовните атински жени, кои на своите сопрузи, за да ги принудат да ја запрат војната, им го скратуваат правото на консумирање на бракот, повикува на заеднички „селфи“, во публиката, во истиот миг, се кренаа дваесет, исто така, костимирани жени, учеснички на антивладините протести, кои на устите имаа залепени ленти со зборот „протестирам“ (на македонски и на албански јазик), и на ист начин направија групен портрет. Тоа беше совршен ефект на изненадување, ефект на демаскирање на стварноста, кој е удрен како печат на публиката во театарската илузија. Се распишаа потоа владините полтрони на сите страни по медиумите за ова „бесрамно“ реметење на текот на изведување на една театарска претстава.
Завчера во скопскиот Театар за деца и млади, во кој од шеснаесет постојани вработени актерки и актери, дванаесет се редовно на антивладините протести, беше одиграна премиерата на претставата „Заспаниот ум раѓа чудовишта или денес не напишав ниту збор“, во режија на Владимир Милчин, што драматуршки го помогна сопругата Ема Маркоска Милчин, според песните и прозните текстови на Данил Хармс и драмата „Сон на разумот“ на Антонио Буеро Ваљехо, за тегобното преживување на Франциско Гоја под диктатурата на Фернандо Седми. Каков мудар избор и театарска постапка, во која театарот, низ игра, укажува на несреќната, очајно диктирана и разнебитена македонска реалност која, всушност, потсетува на времето на диктатурата на шпанскиот монарх и на диктатурата на советскиот монарх, а во неа, на граѓанската судбина на прогонетите, храбрите и талентирани луѓе како Гоја и Хармс - на граѓанската судбина на Владимир Милчин и Ѓоко Лазаревски.
Лазаревски е македонски Бредли Менинг или Сноуден, како сакате. Веќе половина година е во притвор, каде што трпи огромна ментална тортура, тој, како компјутерски стручњак, оној храбар човек кој од тајните подруми на македонската Службата за безбедност изнесе ленти со аудио записи на снимени телефонски разговори на највисоките државни службеници и записи на прислушувани телефонски разговори на т.н. државни непријатели. Овие снимки јавно се преслушуваат во антивладиниот камп, а сведочат за криминалот на власта, имаат проседе на прозата на генијот на алогизмот и гротеската, Данил Хармс.
Кога на сцената гледам како на Гоја, кој го игра директорот на овој мал театар, Драган Довлев,на домашната врата му доаѓа она „стадо од луѓе“, отелотворено во масата или хорот на грозоморните Старици - на чии лица се менуваат страшни маски кои мајсторски ги замислила костимографката Марија Пупучевска, а ги изработи мајсторот на својот занает Кирил Василев - и на нив удираат за да влезат внатре за да го убијат маестрото и либералниот мислител, викајќи погрдни зборови: „Масон, комунист, либерал“, тогаш ги гледам и сите оние напаѓачи на Владимир Милчин, чии напади , физички и душевно, тој ги преживеа; и тој самиот како Гоја.
Кога слушам што зборува Фернандо VII за Гоја, на сцената, тогаш како да го слушам Груевски, од говорница во зградата на Владата, која денеска наликува на грандиозна шампита, како фрла дрвја и камења на Милчин - истиот оној Професор, како што сиот театарски свет во Македонија го нарекува, бидејќи подигна генерации и генерации на македонски актери, и создаде најдобра актерска школа на Балканот, кој Груевски го моли во 2005, кога го презеде кормилото во ВМРО-ДПМНЕ, да дојде на состанок во четири очи во ресторанот „Томче Софка“, за да му каже: „Знам, почитуван професоре, дека во мојата партија има будали кои мислат дека вие сте предавник, но јас не мислам така“, и да му бара „морална“ поддршка за една од своите матни работи, во која требало да се прекројат границите на општините со мнозинско албанско население, за да станат Албанците малцинство во нив. Учителот по театар и живот, Милчин, едноставно одговорил дека тоа не доаѓа предвид, бидејќи за него нема никаво значење дали е некој Албанец, Турчин, Македонец, или нешто друго - дека тој гледа само луѓе и нелуѓе.
Не помина многу време кога медиумите почнаа да објавуваат извештаи за Владимир Милчин како агент на југословенската УДБ-а, користејќи при тоа записници на кои Милчин во тајната полиција бил приведен во својство на осомничен непријател на народот, а не во својство на соработник. Денес, случајот е решен, според Милчиновата тужба против владата, на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Истиот метод на манипиулација користела и Инквизицијата во обвинението на Гоја.
Мрачна е новата Милчинова претстава и мрачна е македонската реалност. Гоја е нејзин сликар, Хармс нејзин писател.
Милчин режира автобиографска претстава и, истовремено, смела, јасна фреска на една заедничка биографија на работен и за правда жеден свет во Македонија, храбро посочувајќи што значи звањето режисер и која е позицијата на театарот во општеството. Режисерот својата мисија во театарот ја правда со мисијата во општеството. Настапите на Милчин во антивладиниот камп, критички горливи и бескомпромисни, се премиси на неговото неодамнешно театарско ремек-дело „Нашиот клас“ и на „Заспаниот ум раѓа чудовишта ...“, кои ги реализира со најдобриот ансамбл во овој дел на Европа.
Како застрашувачки рефрен, Хорот на старици ја пее песната за диктатурата која ја создаде Данил Иванович, жртва на сталинистичкиот режим: „Долго / учат / Коњите / Во циркусот / да чинат / чуда. / А ние за час! / Коњите / Наши / Ги учиме вака: / Им ги стегаме мадињата!“
Оваа претстава е dance macabre, и целата е со застрашувачки слики на Гоја од циклусот „Капричо“ и од ѕидовите на „Собите на глувиот“. Од неа се смрзнува крвта во жилите. Таа ја прикажува безумната маса која одобрува и служи на партиски, црковно и полициски распити кои служат за кршење на 'рбетот на најдобрите, за безрбетните антропоморфни лидери и нивните слуги само да се гојат и разоруваат туѓи животи. Но, тоа не е претстава која гледачот и учесникот ги носи во апатија или бес, туку предизвикува протест и бунт кај нив. Тоа е политичката доблест на нејзината естетика.Таа е уметност на протест во мрачните слики на окупираната стварност. Таа е лелек на понижени но горди луѓе. Таа е патоказ на животот во театарот и стварноста.
Така како што блескаво го објасни големиот Џулио Карло Арган во „ Модерната уметност 1770 - 1970“, делото на Гоја, како „разбуден разум, кој од несвесното го истерува чудовиштето на суеверието и незнаењето создадени од заспаниот разум“, така можеме и мораме да кажеме и ние за оваа претстава: Таа е највисок естетски момент на антивладините општествени протести во Македонија, но, исто така, и на протестите низ Европа.