
Смртта на куклата
Умре од воспаление на белите дробови,
Куклата, восочна мадона.
Околу перницата се собраа кукли,
Со вкочанет поглед, стаклен плач.
Картонската црква за џуџиња
Плаче со ѕвончиња лути и мали.
Картонскиот сандак е спремен,
На хартиен пат тргна придружбата
Дрвен коњ и мртовечка кола од чоколадо
Поп со брада од памук,
Арлекин во бизарен костум
И постарата сестра на мадоната.
На арлекинот заостанат на патот
му отпаднаа трошките од лактот.
И едвај уште ги слуша
одеците на ѕвоното со угасен звук.
Љубовна песна
Нејзиното лице, како бајка;
Нејзиниот нос од картон;
Устата ѝ е закитена
Со грди заби од чоколадо.
Градите, врв на чкорче,
Телото како ранет столб,
И глупава и кусогледа;
Во долгиот нос се губи
Кутрата девојка, кутрата девојка,
Баш е огорчена.
Елегија за малите суштества
Овде некогаш беше креветот
На детето кое беше однесено
Во кутија за кукли
Во парк, земја и камења.
Оттогаш, во својот мрачен агол
Оловните војници стојат немо
Скаменети покрај трубата
Мислејќи на битките
И замислените победи.
Експресниот лимен воз
Во малата станица од картон
Рѓосал од носталгија
Додека во вагончето
Спие патникот лилипутанец.
Полека, во кротко обоениот дрвен коњ,
Неговата мисла ржи
И немо плаче дворската будала
Обезбоениот арлекин.
Превод: Иван Шопов
Сликa: Pejac