Коце се извинува: не можевме да најдеме поскапа фонтана

16.06.2015 03:27
Коце се извинува: не можевме да најдеме поскапа фонтана

Скопје, 16 јуни 2015

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во соопштение до граѓаните се извини затоа што новата фонтана на плоштадот Македонија чини само 2,5 милиони евра.

„Почитувани граѓани на Скопје, водени од принципот 'да се знае која куќа мрсно јаде', ја одбравме најскапата фонтана што ни беше достапна. Истражувањето на пазарот го спроведовме внимателно, посветено и стрпливо. Ќе бевме среќни да најдеме водоскоци од 5 или 10 милиони евра, но сега за сега ќе мора да се задоволиме со ова што го имаме“, стои во соопштението на Трајановски.

Во изјава за Пара вести тој објаснува дека очекува помош од Министерството за внатрешни работи, кое би можело со водени топови да им излезе во пресрет на граѓаните што нема да се разладуваат на новата фонтана.

„Уште првиот ден има голем број заинтересирани рекреативци кои се прскаат, се сликаат и шетаат помеѓу млазовите вода. Се плашам дека ќе нема место за сите. Очекувам МВР да ги отстапи водените топови, особено за вжештените глави на кои не им е јасно дека фонтаната и целиот плоштад се сува лепота“, рече Трајановски.

Иако е познат по позајмување идејни решенија од повеќе европски и светски метрополи, градоначалникот на Скопје не сакаше да ни открие од каде ја добил идејата за фонтаната.

„Сега тоа не е важно. Се има - се може. Ова лето покажавме дека за нас нема зима. Здравје, наредната ќе биде уште поскапа“, коментираше скопскиот градоначалник.

Според Коце Трајановски, дури и поскапите фонтани од овој вид се исплатливи на долг рок, пред сè поради големиот број странски туристи што ќе ги донесат.

„Гледаме дека фонтаната може да служи и како бања, па туристите ќе оставаат поголем дел од своите пари во Македонија, трошејќи на шампон и сапун. Исто така, фонтаната е погодна за трезнење, а тоа ќе ги охрабри туристите повеќе да пијат во околните локали. Чист ќар“, заклучи скопскиот градски татко.