Извештај на потрошувачот

16.06.2015 11:09

Името на производот што го тестирав е Живот.
Го пополнив образецот што ми го испративте
и прифаќам дека моите одговори се доверливи.

Го имам како дар
и немам некој посебен впечаток додека го користам,
се чини би требало да сум позадоволен.
Во раце изгледа питомо,
но зад себе остава нелагодна трага.
Не е баш економичен,
расфрлав многу повеќе од што се надевав
(претпоставувам дека околу половина имам сплескано,
иако е тешко прецизно да се каже) ‒
па иако упатствата се мошне опширни,
и ги има премногу,
јас не знам до што да се придржувам, посебно
оти изгледа дека си противречат едни на други.
Не сум сигурен дека таква работа
треба да биде испорачувана во форма на дете ‒
тешко е зад тоа да се разбере
целта. Еден мој пријател вели
дека е тоа само за мајсторот и понатаму да има работа.
Цената исто така е превисока.
Многу нешта толку брзо се трупаат,
а после сè, светот постоел
илјадници милиони години
без него, та дали е потребен сега?
(Патем, молам пренесете му на својот човек
да прекине да ме нарекува „испитуваниот“,
не сакам ни да се спомнува некој таков.)
Се чини дека го има во многу видови;
големината и бојата треба да бидат воедначени,
а обликот е несоодветен, непропусен е за вода,
но не е отпорен на топлина, не може да се продолжи,
а сепак е тешко да се отарасиш од него.
Некогаш го прават поевтин, тогаш изгледа
вложуваат помалку ‒ ако кажете дека не го сакате,
тие сепак и сеедно го испорачуваат.
Се согласувам дека тоа е популарен производ
и дека продрел во јазикот; луѓето
дури велат дека се на негова страна.
Лично мислам дека е премногу обработен,
зафрканција со која луѓето се спремни
лошо да се однесуваат. Мислам
дека треба да го прифатиме како подарок. Дали
неговите познавачи се нарекуваат филозофи или истражувачи
на пазарот, или историчари, не треба
многу да му мислиме. Ние сме потрошувачи и крајни
законодавци. Така, на крајот, го купувам.
Но прашањето за тоа дали купувањето е „поволно“
сакам да го одложам додека не го добијам
конкурентскиот производ кој ветивте дека ќе ми го испратите.

Препев: П. В.

оригиналната песна

Питер Портер (Peter Porter, 1929-2010), роден во Бризбејн, Австралија. Во Лондон се преселил 1951 година. Работел како чиновник, продавач на книги и пишувач на огласи цели десет години. Објавил триесетина книги, главно стихозбирки. Бил мошне ценет поет и денес го вредуваат меѓу врвовите на англиската поезија со неговата интелектуална продорност и тематска широчина - од сатирични стихови до барање смисла во искушенијата на постиндустриската стварност, од молитви до раскошни музички фрази; неговото богатство на форми и изрази критичарите го споредуваат со она на В. Х. Оден.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото