Системски фалинки

16.06.2015 13:02
Системски фалинки

1.

Којзнае колку пати сме се судриле со констатациите дека кај нас веќе не постои систем, ама упорно се изненадуваме. Којзнае колку пати сме се согласиле дека кај нас веќе не постојат ни институциите на системот, ама повторно се чудиме кога токму тој факт ќе нè удри по глава. И ако веќе нема систем, ако веќе нема институции… што има? Ништо, и сè си функционира „беспрекорно“, онака како што сакаат неколкумина. А и тоа сме го слушнале многу пати, дека веќе немаме што да бараме од државата зашто нема ни кој да ве заштити, ниту пак да ви помогне кога е потребно. А се случува да е потребно!

Или, ако сакате, не само што го урнисаа системот и институциите, урнисаа и сè што можеше да се нарече струка, професија, еснаф, знаење… Се разбира дека на многумина тоа им одговара зашто сега, велат, секој може сè, секоја будала е стручна за сè – па ене ви го „Скопје 2014“ како (сè уште) жив пример – дека секој може да си истурка што намислил, нормално with a little help from my Party friends! А впрочем, како (и каде) инаку се станува главен архитект на метрополата, со економски факултет? И затоа кога гледа(в)ме кој сè жари и пали низ градов, кој сè се претставува како уметник, архитект, дизајнер, урбанист, историчар… нè фаќаше уплав и не знаевме што ќе видиме утредента како најнов нечиј хир. „Скопје 2014“ беше буквално почеток на нашиот (стручен, професионален но и морален) крај после што веќе сè беше дозволено. Некому – на „избраните“ – се разбира! И научивме и со тоа да живееме.

2.

Затоа, впрочем, и целиот понатамошен живот, оној од почетокот на „Скопје 2014“ ни се одвива во таков дух. По теркот на духот зол од шишето излезен да упропасти сè што може, до крај, до коска. Затоа и оние малку понормални се фаќаа за глава гледајќи што се случува и каде (в)оди приказната. Зашто, кога помина – а помина – сè она низ Скопје, тогаш може да помине и сè друго. И поминува!

Кога се чудевме како е можно среде „метрополата“ да се поставуваат идиотски копии на познати скулптури – од „Бикот од Wall Street“ на Ди Модика, преку „Просјакот“ кај „Пелистер“ и уште едно чудо „оригинални фалсификати – „стручњакот“ Хаџи Пуља во својство на претседател на Комисијата нè просветли дека „Условите во конкурсот беа јасни. Скулптурите требаше и треба да бидат оригинални и иновативни. Ако има поклопувања со скулптури на странски уметници, одговорноста треба да се бара кај авторите на делата“. Што ќе рече: виновни се авторите, а не тие што бирале, а не знаеле што бираат! И земале хонорар за избраното – и не го враќаат! – коешто, се гледа од авион, е плагијат. И тоа беше некаков вовед во целосната дилетантизација и на уметноста кај нас, потоа на архитектурата, па на културата, па на науката … (Политиката одамна пливаше во тие води!).

Претпоставувам дека сличен „одговор“ дека некој друг е виновен ќе има, кога–тогаш, и од фамозната комисија на „стручњаци“ што ги бираше новите македонски пари од 200 и 2000 денари, а што деновиве е топ-бомба во македонската јавност. Топ-бомба не само со уметнички и културен фитиљ, туку со и политичко полнење пар екселанс. Зашто, ако може една навистина врвна институција – онаква заради која ќе менуваа и Устав, богати – да биде вовлечена во такви „игри без граници“, ако и во дизајнирањето пари има политика „на ти го – дај ми го“, а има, тогаш тоа е веќе политички карневал. Без маски, зашто маските одамна се паднати.

3.

Зашто, во случајов, само слеп не би го видел тоа што се гледа со голи очи, само луд би пишувал нелогични и неодржливи „образложенија“ за покривање на нечија нестручност (случајна или намерна, допрва треба да се утврди). А не е за верување дека таму се баш сите слепи и луди. Точно е дека кај нас, во континуитет, тотални дилетанти решаваа(т) за сè и сешто за да се спроведат во дело налудничавите идеи на неколкумина, што очигледно и овде бил случај. Ама, само добро организирана „екипа“ (што секако е само деминутив на вистинскиот збор) можела ова толку долго да го влечка, да ги замајува сите, особено уметникот, да пушта и да повлекува решенија, да се демантира себеси… Ако пак, од друга страна, сето ова може да се „игра“ и во такви институции кои, наводно, работат со ММФ, со Светска Банка, со сериозни маѓународни (финансиски) фактори, каква порака се испраќа низ еден ваков фијаско за некакви пишливи две нови хартиени пари? И кому сето тоа му требало?

И се разбира, по правило, кога еден од нив ќе усере нешто, потоа сите здружено и здушно (партиски) го бришат. Почнувајќи од нашето непрежалено Министерство за (не)култура, коешто, по обичај, се прогласува за ненадлежно дури и за авторски права. А за кој ѓавол им фигурира тој цел сектор за Авторски и сродни права? Што ли работат тие шушумиги таму, ако повредата на авторските права, и тоа во ваков случај, не е нивна надлежност? А потоа и сите други се ненадлежни, почнуваат да го шетаат човека низ кафкините ходници на „правдата“ додека не му се смачи.

Втората фаза при ваквите валканици (претходно добро институционални забришани) е – молчењето. Сите молчат иако прозвани, сите се прават на три ипол, никој уста не отвора, ни да ни не, демек пушти будали, ќе помине.

Ама ете, некому не му пушта, му се смачува, па ќе ги распизди низ медиумите. Ама тие и на тоа се имуни, нив ништо не ги допира, нели? Си имаат свое обвинителство, свои судови и свои судии – си имаат цела своја паралелна држава – и само будала би се фатила во тоа оро!

4.

Иако, некогаш и тоа не е најлошото, зашто веќе на сè нè навикнаа. Најлошото е што веќе никого не го боли уво за ништо, што никој веќе не чувствува никаква одговорност, морална најмалку, целата таа багра остана, а ги остави и другите, и без морал и без образ. Грешки се прават, иако вакви не, особено не во нормалниот свет, ама и за грешките има начин. Меѓутоа, ова сè бре брате како да е растено во некоја и некаква пустелија каде што не важат никакви цивилизациски и човечки норми, некое црно свирипичино каде владеат само волчјите и партиските закони.

Кај нас веќе се заборави сè, па дури и честа. Затоа и го бранат неодбранливото, затоа и го кријат смрдливото. Не знаат дека некои нешта се едноставно – неизводливи. Дека, на пример, во уметноста – а дизајнот влегува во доменот на визуелните уметности – нема такви „случајности“. Двајцата уметници случајно дошле до едно исто решение, во исто време, на ист конкурс! Па дури и до исти детали. Пази богати, каква „случајност“!!!

Дека и кога има(ло) такви „случајности“ – едната е сомнителна. За жал, неуки се и не знаат дека две глави не можат, барем во уметноста, да „родат“ исто решение. До детаљ. Такви случаи историјата на уметноста не познава, а тие што ги познава ги нарекува со друго име.

Во Модерната се познати случаите на слични идеи, на блиски решенија, на неможност да се одреди приматот на едниот или другиот уметник во одделна идеја. Кубизмот, на пример, може да се гледа како плод на творечките лаборатории и на Пикасо и на Брак, но и на неколкумина други. Но тука се говори за сличност на идеи, не за идентични решенија, не за идентични детали! И Постмодерната дозволува користење/преземање на готови „цитати“ во изворна форма, но користење во сосема друг контекст. Овде ние не можеме да говориме ни за Модерна ниту пак за Постмодерна. Ние овде можеме да говориме за локална, македонска варијанта на „оригинален фалсификат“, што повторно е некаков наш придонес во светот на уметноста. Кога не умееме подобро, и поинаку!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптура на сликите: Pauline Krier & Anouk Cazin

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото