Задоцнета правда: Има ли заштита од медиумска дискриминација врз основа на сексуална ориентација?

17.06.2015 10:22
Задоцнета правда: Има ли заштита од медиумска дискриминација врз основа на сексуална ориентација?

На 18 мај 2012 година, еден ден по Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и против трансфобијата, во централниот дневник на телевизијата „Сител“ беше емитуван прилогот „Со кампања хомосексуалците бараат истополови бракови“. Прилогот ќе го анализираме подетално затоа што во него беше утврдена дискриминација и од тогашниот Совет за радиодифузија (СРД) и од Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД).

 

МАНИПУЛАЦИИ ВО НАСЛОВОТ: ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА БАРАЊА КОИ ГИ НЕМА

 

„Намерното искривување на фактите е апсолутно недозволиво“ (Новинарски кодекс, SPJ)

 

Насловот „Со кампања хомосексуалците бараат истополови бракови“ претставува класичен случај на манипулација со јавното мислење затоа што не го поминува тестот на елементарна проверка на фактите. На 17 мај 2012 година, по повод Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и против трансфобијата, воопшто немаше јавни барања за „истополови бракови“. На тој ден, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, во соработка со собраниската комисија за еднакви можности на мажите и на жените, одржа јавна расправа за потребата од јавна осуда на говорот на омраза и нетолеранција врз маргинализираните групи. Истиот ден, Хелсиншкиот комитет најави поднесување иницијатива за оспорување на дискриминаторската дефиниција на „блиските лични односи“ пред Уставниот суд.

И покрај тоа, авторот на прилогот ја дезинформираше јавноста дека хомосексуалците „преку Хелсиншкиот комитет, до Уставниот суд, испратиле претставка со барање за укинување на одредбите од Законот за семејство, кои предвидуваат во брак да можат да стапат само лица од различен пол.“

Дезинформацијата е двојна: Прво, во „Закон за семејството“ нема одредби „кои предвидуваат во брак да можат да стапат само лица од различен пол“, туку одредба која го дефинира бракот како „заедница на живот на маж и на жена“ (чл. 6). Второ, новинарот манипулира дека иницијативата на Хелсиншкиот комитет се однесува токму на дефиницијата на бракот (во чл. 6), а всушност иницијативата се однесува на сосема друг член (Член 94-б, ст. 3), одредба која не се однесува на бракот, туку на „блиски лични односи“:

Накусо, насловот на прилогот „пласира искривени факти“, што е спротивно на новинарскиот кодекс.

ОЦЕНКА НА СРД: ТВ-ПРИЛОГОТ Е ДИСКРИМИНИРАЧКИ

 

„Новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“ (Кодекс на новинарите на Македонија, чл. 10)

 

Афирмирањето на ставот дека „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“ е проблематично затоа што хомосексуалноста е одамна исфрлена од класификациите на болести и на психолошки нарушувања. Впрочем, 17 мај почна да се одбележува како Меѓународен ден против хомофобијата затоа што на тој датум во 1990 година Светската здравствена организација (СЗО) ја тргна хомосексуалноста од „Меѓународната класификација на болести“ (ICD-10).

Токму затоа и беше поднесена претставка против ТВ-прилогот пред СРД, кој во својата анализа се фокусираше на новинарското тврдење дека „граѓаните и во земјава, но и во целиот регион јасно стојат зад ставот дека на хомосексуалците им треба професионална медицинска, а не законска помош“.

Според СРД, од една страна, вистинитоста на ваквиот став е непотврдена, а од друга страна, „тој хомосексуалците ги претставува како лица на кои им треба „професионална медицинска … помош“ со што влегува во рангот на тврдењата од учебникот „Педагогија“ за трета година, за кои Комисијата за заштита од дискриминација побара да се изземат од него, бидејќи „го повредува достоинството на група луѓе, предизвикува вознемирување и чувство на пониженост и е дискриминаторска“.“

Практично, СРД утврди дека се врши дискриминација врз основа на сексуална ориентација (преку стигматизирање и етикетирање) и дека „се шири еден нерационален страв – хомофобијата“.

Советот за радиодифузија изрече писмена опомена кон Телевизија „Сител“ – Скопје, поради прекршување на законот во ТВ-дневникот на „Сител“ емитуван на 18 мај 2012 година. По изрекувањето на опомената, уредникот на ТВ-дневникот на „Сител“ објави протестен текст во дневниот весник „Вечер“ со дискриминирачки наслов „Педерите секогаш се во право“ (30 јули 2012 година).

 

ОЦЕНАТА НА КЗД: „ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА“ И „НЕОПРАВДАН ЈАЗИК НА ОМРАЗА“

 

По цели две и пол години непостапување, на крајот на 2014 година КЗД утврди дека има дискриминација во медиумски прилог на ТВ „Сител“ во кој се тврдеше дека „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“. КЗД утврди дека изразувањата „хомосексуалноста е болест“, како и оспореното изразување погоре, се неосновани, претставуваат „дезинформирање на јавноста“ и со нив „може да се создаде перцепција дека тие луѓе [хомосексуалците] не се добри, чувство на недоразбирање, одбивањето на некои, па дури и омраза кон нив.“

КЗД експлицитно утврдува дека изразите „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“ се многу „флагрантни и следат неоправдан јазик на омраза“ и дека прилогот „предизвикува предрасуди и го нарушува достоинството на лицата врз основа на сексуална ориентација“. КЗД утврди и дека „постои дејство на дискриминација, односно неповолно постапување, разликување, исклучување или ограничување, врз основа на сексуална ориентација“.

И покрај големото задоцнување, ваквата одлука на КЗД има историско значење не само за борбата за ЛГБТ-права, туку и за етичкото новинарство кое е неспоиво со говорот што поттикнува дискриминација и омраза врз основа на сексуална ориентација.

Се разбира, остануваат неодговорени прашањата:

-Зошто КЗД молчеше цели две и пол години?
-Дали со објавувањето на ваквата одлука во 2012 година можеше да се превенира медиумската хомофобична кампања која поттикнуваше дискриминација и омраза врз основа на сексуална ориентација, која кулминираше со повеќекратно физичко насилство врз ЛГБТ-лицата и активистите за човекови права?
-Зошто КЗД сѐ уште не презема конкретни мерки за отстранување на дискриминаторскиот прилог „Со кампања хомосексуалците бараат истополови бракови“ од интернет-страницата на ТВ „Сител“?

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото