Груевски најави дека ќе го помине летото на македонските телевизии

17.06.2015 14:47
Груевски најави дека ќе го помине летото на македонските телевизии

Скопје, 17 јуни 2015

Премиерот на Македонија, господинот Никола Груевски, ги повика граѓаните да го поминат летото во својата земја и нагласи дека и самиот ќе го направи тоа, така што својот годишен одмор ќе го помине во обиколка на македонските телевизии.

„Како што може да се види од моето лице, јас речиси никогаш не се одморам, но оваа година сепак ќе отидам на летување за да им дадам пример на граѓаните. Морам да истакнам дека тоа ќе биде еден вид активен одмор, зашто ќе се потрудам да гостувам на што повеќе телевизии. Ќе го започнам патувањето од МТВ, потоа ќе скокнам до Сител, па Канал 5 Алфа итн. До крајот на одморот ќе гостувам и на повеќе локални телевизии“, ветува премиерот Груевски.

Тој истакна дека Македонија има исклучително убави телевизиски емисии, особено за политика, во кои човек навистина може да се чувствува удобно, без да се малтретира со незгодни прашања.

„Македонија има со што да се гордее кога станува збор за телевизиската понуда. Морам да ја истакнам и пофалам љубезноста и пресретливоста на новинарите кои секогаш се спремни да ми помогнат“, изјави Груевски за Пара вести.

Премиерот додаде и дека за време на летувањето ќе се потруди повеќе да се посвети на читањето, па така за време на престојот на телевизиите најмногу ќе ги чита податоците за историските успеси на неговата влада.

Извор: www.njuz.net