Грижата да се биде пристоен

18.06.2015 10:32
Грижата да се биде пристоен

Под осилото на болката снагата се разбудува; луцидна и лирска материја, таа го воспева своето распаѓање. Сè додека се поистоветуваше со природата, таа се одмораше во заборавот на елементите: егото сè уште не беше загосподарило со неа. Материјата која страда се ослободува од гравитацијата, не е повеќе солидарна со остатокот од вселената, се изолира од полузаспаната целина; зашто болката, агенс на разделбата, активен принцип на посебноста, ги негира насладите од една статистичка судбина.

Вистински осаменото суштество не е она што луѓето го напуштиле, туку што страда меѓу нив, што си ја влече својата пустота по панаѓурите и ги изложува своите таленти на насмеан лепрозен човек, на комедијант на непоправливото. Некогашните големи осаменици беа среќни, не ја познаваа дволичноста, немаа ништо да скријат; се издржуваа единствено од нивната сопствена осаменост...

Од сите синџири што нè поврзуваат со нештата, не постои ниеден кој се олабавува и не се прекинува под товарот на страдањето, што нè избавува од сè, но не и од опсесијата за нас самите и од чувството дека неповратно сме индивидуи. Тоа е суштински хипостазираната осаменост. Тогаш, како ќе комуницираме со другите, ако не преку волшепството на лагата? Зашто, ако не би биле улични акробати, ако не би ги знаеле мајсториите на едно учено шарлатанство, ако најпосле би биле искрени до бесрамност или до трагедија, нашите подземни светови би повраќале океани од жолчка, во кои честа би ни побарала да исчезнеме; така би ја избегнале неприличноста на толку многу гротескното и возвишеното. На одреден степен од несреќата, секоја искреност станува непристојна. Јов запре навреме: еден чекор повеќе, ниту Господ, ниту неговите пријатели повеќе не би му одговориле.

(Човек е цивилизиран доколку не ја разнесува на висок глас својата лепра, доколку искажува почит кон елегантната невистинитост, градена во тек на повеќе векови. Никој нема право да се свиткува под товарот на своите часови... Секој човек сокрива една апокалиптична можност, но секој се труди да ги израмни сопствените бездни. Ако секој би ги испуштил уздите на својата сопствена осаменост, Господ би требало да го создаде светов, чиешто постоење во секој поглед зависи од нашето воспитание и од стравот што го имаме од самите себе... - Хаосот? - тоа значи да отфрлиш сè што си научил, тоа е да си самиот себе...)

Извор: Précis de décomposition
Сликa: Tetra Variations

ОкоБоли главаВицФото