Тоталитаризмот и еднообразноста – Кој не е како нас е против нас

19.06.2015 09:27
Тоталитаризмот и еднообразноста – Кој не е како нас е против нас

Додека во основата на демократската утопија е еднаквоста меѓу луѓето, која се темели на принципите на човечноста, во основата на тоталитаризмот е – еднообразноста.

Еднообразноста во општеството е можна под претпоставката дека сите општествени единки имаат и иста психофизичка основа, т.е дека се биолошки идентични и психички идентично условени, или уште попрецизно, дека генетскиот код е идентичен кај сите или дека варира минимално, како и дека сите имаат иста рамка на психичките доживувања. Еднообразна би била онаа група луѓе кои освен што споделуваат исти или многу слични физички карактеристики, сака, мрази, се плаши, почитува или презира идентични нешта.

Дали ова не ни звучи познато? Дали оваа еднообразност веќе не се манифестирала како нацистички план за истребување сè што ја загрозува „расата“? Исто така, дали оваа слика не инспирираше многумина уметнички да се позанимаваат со крајните консеквенци на идеите на тоталитаризмот, особено откако Хитлер докажа дека оваа безумна идеја и тоа како може да зарази милиони („1984“ на Орвел и „Храбриот нов свет“ на Хаксли како ненадминати визии и критики на изопачената тенденција за контрола и моќ)?

Нацизмот ни покажа дека идејата која во интелигентното анализирање од перспектива на науката се покажува како ненормална, т.е како насилна во однос на природата, во рацете на идеолозите станува не само одржлива, туку и пожелна и способна да се наметне како „природна“. И додека науката знае и докажува дека генетските мутации и варијации се основа на еволуцијата, идеологијата тежнее да ги прогласи за ненормални.

Да погледнеме малку повнимателно што е тоа што е „нормално“ во нацизмот, а важи и за сите други облици фашизам, т.е тоталитаризам.

Што гледаме тука? Слика на свет со кој владејат „високи луѓе“ генетски одредени од светлиот тен, косата и очите каде секое отстапување од, за иронијата да биде поголема – рецесивниот ген, се сфаќа како расна нечистотија, т.е како одреден степен ненормалност.

Нацизмот знаел дека проектирањето на идеалот за расата во иднината е нужно (меѓу другото, како што секоја идеологија смета на иднината која секогаш ѝ е најдобриот соработник). Зошто во иднината? Бидејќи само со темелно програмирање на умот, воспитувањето и пропагандата која од најраните фази на животот ќе почне да ја формира свеста на човекот, може да се смета со нешто што би била – идентична психичка условеност. Ова е можно да се оствари само во општество кое не дозволува алтернатива, во кое сите мораат да споделуваат исти идеали, симболи, желби и вредности.

Слика нималку пријатна, ниту природна.

Интересно е дека иднината која генетиката ѝ ја предвидува на расната еднообразност не е светла. Иако, тоталитарните идеологии, како што правел нацизмот, повеќе се повикуваат на науката и технолошкиот, техничкиот и медицинскиот прогрес, тие од науката го избираат исклучиво она што му служи на нивниот интерес. На пример, генетиката знае дека поголем степен на развиеност и комплексност треба да се очекува од мешањето на два оддалечени генотипи, а не два блиски како што сака расизмот. Заради тоа, нацизмот како екстремен облик на национализам секогаш се движи кон инцест.

Не е случајно што некои од најконзервативните и најтрадиционални општества се многу толерантни кон инцестот. Инцестот секогаш е присутен и раширен во затворените заедници, само помалку или повеќе е видлив или прифатлив.

Генерално, фашизмот е опседнат со физичката моќ и доминацијата. Тој сака да ги покори, потчини и да ги заузда природните импулси. Тој мора да биде фокусиран на физичкото бидејќи мора да го истакне како свој бајрак. Обележјето на припадноста и еднообразноста се изразува преку материјалното кое станува знак. Тоа е знак на препознавање, впечатлив и контролиран како и сè друго во фашизмот. Оваа опседнатост со идејата за контрола на природата е содржана во идејата за технолошкиот прогрес на цивилизацијата, која често е во спротивност со духовниот развој (всушност, сè поевидентно е дека токму прогресот воден од желбата за доминација е причина за духовно назадување).

Фашизмот како „нормално“ го воспоставува она што тој е. Веќе не е нормално она што се подразбира под тој поим во науката – просек или просечна вредност. Нормалното станува она што себе се доживува како меродавно, како единствено прифатливо, додека всушност се доживува како натпросечно.

Така во расизмот дадената раса или генетскиот тип ќе го укинат правото на физичка различност. Како што нормалното во фашизмот секогаш е натпросечно, т.е подобро од другите, тоа нормално, очигледно е и предимензионирано. Генетскиот тип станува расадник на силата, убавината, талентот, плодноста, со еден збор – посебноста.

Од една страна, не се во прашање ретките митови во тоталитарните заедници за поголемата убавина и сила во однос на сите други народи, за впечатливата мажественост на типичните мажи на нацијата, и исклучителната женственост на нивните жени, од друга.

Додека тие чувства кај многу народи често се дел од чувството за национална гордост или склоноста сите нации некритично да се однесуваат кон себеси, во општествата кои се насочени кон тоталитаризмот, тие стануваат опсесија. Карактеристиките загарантирани со одреден генетски тип стануваат неприкосновени вредности. Генот станува атрибут на самата божественост на нацијата со што нацизмот се облекува себеси во фантастичната и ирационална облека на митот.

Тоталитарната идеологија секогаш тежнее да постигне контрола и над историското наследство и митот, било преку негово потполно укинување или со интерпретации кои стануваат недокажливи, со самото тоа и неспорни, „факти“ за божественоста на нацијата.

Многу е јасно зошто фашизмот е особено чувствителен на хомосексуалноста и зошто е особено агресивен кон неа. Освен ирационалниот страв од казна и отфрлањето кои ги буди во авторитарните општества, хомосексуалноста го буди бесот заради нападот на „нормалноста“ на нацијата. Таа „нормалност“ која нацијата ја доживува како посебност, е суштината на зачувувањето на расата (секогаш загрозена од нешто), а хомосексуалноста ѝ ги поткопува темелите.

Десничарските општества често се одликуваат и со потполно занемарување на сите оние кои отстапуваат од „нормалноста“. Инвалидите, луѓето со вродени или стекнати недостатоци, со посебни потреби, се на општествените маргини и често постои само основен минимум цивилизациска свест која ќе ги спаси од потполно занемарување или дури сегрегација. Но, психолошката сегрегација и дискриминацијата на луѓето со посебни потреби секогаш е силна во десничарските општества. На нив се гледа од бездушна „висина“ без оглед на нивните духовни и интелектуални предности кои можат да ги имаат во однос на „нормалните“.

Конзервативната, десничарска свест не поднесува слабост, додека, донекаде е толерантна кон различноста. Меѓутоа, тоталитаризмот, без разлика дали е од левицата или десницата, не поднесува никаква различност. И додека девизата „кој не е со нас е против нас“ се однесува на секоја заедница обединета од поголем или помал број заеднички интереси, во тоталитаризмот важи нешто друго. Тој бара еднообразност според принципот – „кој не е како нас е против нас“.

Извор: http://akuzativ.com/

ОкоБоли главаВицФото