1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
1.
Просто не знам како издржавме до сега. За себе си – знам: во длабок неспокој, во исчекување, во нервози што ми се чинеше дека пак ќе пропушам… За другите не знам, ама верувам дека сите родољуби се чувствувале некако слично. Освен пушачите кои не морале да се грижат дали повторно ќе пропушат. Како и да е, кога објавија дека фамозната ограда за мостот кај „Холидеј ин“ и неприкосновеното ни Министерство за надворешни работи е готова, просто не знаев што ќе направам од среќа. Скокај, играј, смеј се… вистинска веселба, дури празник. Сигурен сум дека дотичното помпезно министерче веќе направило план на посети на сите странски делегации. Па и греота би било да го пропуштат. А и личи мостот на него, мислам – на министерчето, баш така, раскошно е, помпезно, нафракано… А велат дека не само оградата, туку готови биле – и монтирани – дури и некакви си канделабри какви што светот не видел!
Впрочем, да е само тоа што светот го нема видено. Па цел град ни е таков, во светот невиден. Ама чуен, се говори за него, се пишува континуирано, во суперлативи од типот „шизниленд“, „Дизниленд“, „престолнина на кичот“ итн., што некако му доаѓа како комплимент визави вистинскиот изглед.
Некои (на пример Лисичков) ми велат дека кога деновиве поминувале по мостот, среќавале луѓе како плачат. Од радост, нормално, што го доживеале и тој ден и еден таков настан. Ќе си го бележат во биографиите. Некои до душа биле некако индиферентни, ама тие сигурно не се по уметноста. Не можеме сите да бидеме.
Добро, има и такви на кои не им се допаѓа. Белки на тоа имаме право, сè уште?
2.
Како и да е, не може да се одрече фактот дека на светов се граделе и се градат навистина грди мостови. Ги има секакви, секаде. Некој, како и обично, ќе рече дека и тоа е работа на вкус, ама не е. И грдотијата во архитектурата си има стандарди, оние што кај нас ги нема. За некого, особено за нашиве бароковозљубеници, и Милениумскиот мост во Лондон (2000 год.) е грд. И за тоа дури и може да се разговара, особено што на почетокот мостот си имал и друг проблем – се нишал кога го поминувале повеќе луѓе! (Кај нас сега – сите се нишаат!).
Чарлс Дикенс, пак, го сметал стариот мост Ламбет во Лондон за „the ugliest ever built“. Од друга страна, дури и Golden Gate мостот во времето на градењето го сметале за грд и непријатен и дека ќе „го упропасти природниот шарм на пристаништето“! Тоа веќе може да биде работа на „вкус“, ама ова кај нас одамна излегло од рамките дури и на невкусот. Ова кај нас се претвори во целосно шарлатанство, во промашување до промашување платено со огромни народни пари, во нечие игралиште за малоумни идеи токму од типот дека еден едноставен мост треба да „носи“ онаква шизофрена „ограда“. И уште да биде осветлен со оние карикатурални канделабри!
Веќе и на најтврдокорните модерномрсци им е јасно дека овде станува збор за нечие инфантилно поигрување – овојпат врз мост – и со некаква историја, и со некаков фолклор, со нешто тотално анахроно на совремието на 21-от век и неговите уметнички тенденции. Многумина, се разбира, како „градоначалникот“ Трајановски, развиваат амбиции и ова да го претстават како уметност. Ама за тој тип луѓе сè е уметност, дури и рингишпилон крај Вардар. Но, за жал, таа „мостовска инсталација“ е на истото шарлатанско рамниште како и останатиот кич на „Скопје 2014“. Тоа настојчиво „раскажување“ на некакви квазинационални „приказни“ и размавтување со плачлива (фолклорна) симболика завиткана во прескапа бронза само го зацврстува уверувањето во точноста на симптомите на Данинг-Кругеровиот симптом дека токму најнеспособните и некомпетентните „често се полни со несоодветна самодоверба, охрабрени од нешто за што тие мислат дека е знаење“. А ова нашево е богами сериозна смелост!
3.
И сега, ако некој ја погледне целата онаа мостовска агломерација, од некогаш модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ упропастен со онаква тенекиена гобленовидна ограда, па некогаш импозантниот Камен Мост, сега со притеснети визури и соседство на оние две мостчиња со тролчиња, па завршувајќи со оваа самоправска инсталација како капак на петмостовјето, ќе види дека тука не станува збор за сериозно планирање, уште помалку за концепт, туку за редење на играчки без ред и смисла! А Камениот мост, како најстар, црвенее од срам во такво соседство и моли бога да не се сони некому уште нешто па и него да го фати некаков нов „патриотски“ бран од Илинденска б.б.
А впрочем, што е тоа толку национално во оваа најнова идиотска мостовска инсталација што толку ја чекавме и што завреди толкави пари? Оние квазиштитови ли треба да ни претстават некаква македонска хералдика? Или оние тројки развиорени играорки, па играорци, па размавтани сабји, па кавалчиња, зурли и гајди…? Тоа ли е Македонија денес, или само тоа ли била, само тоа ли се корените (чии и да се), само тоа ли се сеќавањата? Па што не ставивте и по некој домат и пиперка, некоја лубеница и праска, па имиџот да биде целосен како во оние спотовине за „Македонија вечна“? А тавче-гравче, зошто за него нема место на мостот? И кому ние денес ја продаваме таа и таква Македонија? Ако некој навистина (во што не верувам) боледува од таква bullshit-nostalgia, нека оди па нека се лечи!
А приказната со канделабрите и ангелите-серафини, каде ли таа се вклопува во скечот „Македонија вечна“? Или „уметницине“ премногу гледаат филмови па го бендисале „Небото над Берлин“?
И се разбира, во сиот тој „раскош“ од бронза, од ангели и играорци, веднаш под нив штрчат оние две грди цевки со целата инсталација за мостот. Лепота! А оние во Париз мислат дека завршиле некаква работа со новата ограда на Pont des Arts!
4.
И кога сме веќе кај конечностите и чудата, кому, впрочем, повторно и толку настојчиво му ја продаваме приказната и за Мајка Тереза, сега повторно преку некаква урнебесна „скулптурална“ композиција од триесетина метри што дефинитивно ќе ја убие и онаа малку преостаната почит за големината на таа жена? Кому навистина му дошло повторно да се подигрува со животот и делото на Мајка Тереза само за да укнижи уште некој процент? Малку ли беа сите будалаштини на таа тема, малку глупости ли испонаправи она Министерство за (не)култура сиве години па му дошло сега, на крајот, да се занимава и со тоа? Нема ли таа „министерка“ навистина попаметна работа и знае ли еднаш да каже – не? А ако не знае, како што впрочем ни покажа во континуитет од неколку години, нема ли Ватикан овде некаков свој претставник, некаков нунциј или како ли веќе се викаат тие персони? И што прави тој човек овде, дреме и не може да отвори барем едно око да види како се упропастува ликот и делото на нивната (и нашата) блажена? Или повторно тој ист Ватикан ќе партиципира и во ова злосторство со свој претставник во некаква комисија, како и во случајот со онаа налудничава градба која што ја крстија „Спомен дом на Мајка Тереза“? Како можеше тој ист Ватикан, и тогаш и сега, да си допушти таков „луксуз“? Еден Ватикан, опкружен со таква уметност?
И зарем навистина е дозволено кој како сака, па дури и вакви болни умови како нашиве, да простите, да се заебава со нечиј лик и дело како ќе му текне? Има ли некој малку да ги размрда, да ги подразбуди господата скопски парох дон Давор Топиќ и Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија д-р Киро Стојанов, поставени овде веројатно да се грижат, да внимаваат, меѓу другото, и на угледот на блажените од рангот на Мајка Тереза?!
5.
Зашто, дефинитивно, ова што овде се случува со сквернавењето на личностите (не само) од македонската историја е безгранична вулгарност, а ова со Мајка Тереза е чиста бласфемија. И целиот тој некомпетентен безобразлук е дневно поттикнуван, поддржуван и хранет од највисоките интелектуални структури во државата, а сега и од верските заедници. Веќе никој не може да се вади дека нешто не видел и за нешто не слушнал, бидејќи лудилово трае со години. А почна, и еве конечно завршува – како што вели главниот архитект – токму со уште една шлаканица врз граѓаните на Скопје, ама и врз ликот на Мајка Тереза!
П.С.
А кога сме веќе кај шлаканиците, колкава ли силина има шлаканицата на љубимиот ни Путинчо врз цела Македонија со наградувањето – по повод 70-годишнината од победата над фашизмот – на „партизанкана“, на Хорхе и Велимирчо?
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com