Коце Трајановски фатен на дело како фрла мртви риби во Вардар!

19.06.2015 11:19
Коце Трајановски фатен на дело како фрла мртви риби во Вардар!

Скопје, 19 јуни 2015

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, вчера беше уловен од камерата на случаен минувач како истура мртви риби од зелена кофа во реката Вардар.

Настанот се случил на кејот на Вардар, во близина на мостот покрај хотелот Александар Палас.

„Излегов да се повозам со велосипедот по патеката на кејот, и по некое време видов дотеран човек со зелена кофа како истура нешто во реката. Внимателно се доближив со мобилниот телефон и го сликав, а потоа се оддалечив без да ме забележи. Кога подоцна ја видов фотографијата, се запрепастив – тоа беше градоначалникот на Скопје, фатен на дело како истура мртви риби во Вардар. Сигурен сум дека не беа живи, оти никој будала не би ставил жива риба во оваа презагадена река“, изјави М.Б. (34), кој побара да не му се објавува идентитетот, стравувајќи од одмазда на градскиот татко.

Пара вести стапија во контакт со одделот за односи со јавноста на кабинетот на градоначалникот и им го поставија прашањето зошто Трајановски истурал мртви риби во Вардар, но оттаму само ни одговорија со штуро соопштение во кое се вели дека тоа било планирано порибување на Вардар со 5.000 пастрмки.

„Порибувањето беше извршено кај хотелот „Александар Палас, и беше во организација на Градот, ГЕФ (Глобалниот фонд за заштита на животната средина и природата), Институтот за сточарство и Македонската риболовна федерација. Порибувањето е дел од проектот за порибување на реките Вардар и Треска и езерото ’Матка’, со цел да се овозможи заштита на македонската пастрмка и вретенарот“, се вели во соопштението.

Сепак, неколку работи остануваат нејасни – како прво, зошто градоначалникот на Скопје врши порибување на река облечен како за на бал, наместо да носи гумени чизми и соодветна рибарска облека; како второ, зошто се порибува река која е толку загадена што во неа секој облик на живот може да опстои само неколку минути; и како трето, дали од кабинетот на скопскиот градоначалник се обидуваат да ја извртат вистината, бидејќи на социјалните мрежи кружи веста дека Коце Трајановски купил риби за да ги нахрани контрапротестантите пред Собрание, но рибите во меѓувреме му цркнале, и тој се обидел да се ослободи од нив на незаконски начин, притоа прекршувајќи неколку одредби од законот за екологија и за третирање на отпадот.

Која и да е вистината, скопскиот градски татко ќе мора да приложи цврсти докази во своја одбрана или да се соочи со гневот на граѓаните.