Претседателот на Република Македонија и неговата погрешна перцепција за македонската реалност

19.06.2015 13:59
Претседателот на Република Македонија и неговата погрешна перцепција за македонската реалност

Претседателот на Република Македонија во неговото интервју на Топ тема на Телма ТВ го изјави следното „Сакате избори, еве ви избори, но очигледно нашата опозиција не е подготвена да се соочи со тоа, и затоа се овие актуелни настани.“

Претседателе, за време на вашиот прв мандат, кога последниот пат имав можност да разговарам со вас, ми наликувавте на професор - теоретичар, залутан во суровите води на политиката, но сепак сталожен, човек од народот, кој има доблест да прифати критика, а и да го каже тоа што треба да го каже. Кога на вашето интервју ја слушнав погоре цитираната реченица, јас едноставно се запрепастив! Прво, таа ми кажува дека вие сте сега личност која потполно го има изгубено контактот со реалноста и второ, несвесно или намерно се ставате во скутот на владејачката партија како нивен мегафон. Па оваа парола е токму таа која секој ден ја повторува премиерот Груевски и неговите мегафони! Мора ли да го повторувате истото? Не можете ли да смислите нешто поразлично или штом Груевски го вели тоа, тогаш мора да е точно и мора истото да се повторува дури и од Вас? Дали воопшто сте размислиле за суштината на кажаното или само повторувате колку да е повторено?! Што би рекле вие, „повторно да повторам“. Дали воопшто сте свесни дека само со оваа реченица се ставате себеси „во служба на партијата“, а вашата функција го налага токму спротивното?! Па нели порано преку проект финансиран од Сорос им предававте на младите социјалдемократи како да бидат подобри лидери? Вакви лидери ли ни се потребни? Лидери без свое јас и без свој став?! Или можеби грешам? Добро би било на таквите некој да им подари по еден фенер, за кога ќе дојдат на некоја функција да можат да тргнат во потрага по своето „разумно јас“.

Но, да направиме кратка анализа на кажаното и дали е тоа вистина или е само бледа флоскула. Велите „сакате избори, еве ви избори, но очигледно нашата опозиција не е подготвена да се соочи со тоа“. Опозицијата јасно кажа дека не бега од избори! Единствениот проблем е кој ќе ги организира тие избори! Дали не мислите дека е очигледен изборен криминал и манипулација разнесувањето на Роми низ Шутка со автомобили означени со број? Дали не мислите дека закани од типот „или ќе гласаш за мене, или нема Ин-Витро“ не се граничи со лудост? Дали Вам ви е навистина толку тешко да го разберете ова? Уште колку докази ви се потребни за да си признаете себеси дека изборите во Македонија се манипулираат во невидени размери?

Во контекст на вашето интервју, претходно го споменавте примерот со Бугарија и тамошната криза, но заборавивте да го споменете и бугарскиот изборен модел. Го кажувате само тоа што Вам ви одговара. Зошто не му предложите на премиерот да прифати формирање на техничка влада шест или осум месеци пред избори, како што е во Бугарија, кога секако искажувате фасцинираност од начинот на решавање на тамошните кризи? Зошто тоа да не стане законско решение и во Македонија? Зошто е толкав проблем изборите да ги организира техничка влада, која претходно ќе створи фер услови за сите учесници? Значи, ниту тоа е нешто страшно, ниту пак е нешто невидено. Арно ама некако не му се прифаќа на Груевски овој предлог. Дали се плаши, дали е нешто друго во прашање, не знам. Еве, вие сте претседател, окуражете го премиерот и објаснете му дека не е крај на светот ако шест или осум месеци се одлепи од фотелјата.

И како што крајот го краси делото, така и претседателот го украси своето дело со ваков крај: „и затоа се овие актуелни настани“. Не претседателе, грешите! Овие актуелни настани се токму поради „бомбите“ на опозицијата и откривањето на вистината за начинот на владеење на оваа власт! Да бевме ние нормална држава, јавниот обвинител ќе беше тој што ќе ја срушеше владата по автоматизам, бидејќи за повеќето членови на таа Влада веќе одамна ќе беше издаден налог за нивно апсење и одземање на имунитетот. Ама ние не сме нормална држава. И токму овој ваш крај на мислата, за жал, ме води до заклучокот дека Вие како претседател имате изгубено секаков контакт со реалноста. Ова е, што би рекол некој, само моја перцепција.

Жал ми што немам прилика овие работи да ви ги соопштам и лично. Но и да имав таква можност, чисто се сомневам дека вие сте сè уште истата личност што некогаш ја запознав, која овие сугестии и критики доблесно би ги прифатила. Атанас Кировски ја имаше таа можност, но за жал ја испушти.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото