Извештајот на Прибе како четириесетта бомба

20.06.2015 16:52
Извештајот на Прибке како четириесетта бомба

Извештајот на Прибке навистина дојде како неочекуван подарок и четириесетта бомба против владата на Груевски/Ахмети. Но искуствата од минатото веќе налагаат конструктивна доза дрскост на гледање во забите на подарокот пред да удриме печат на неспорна доверба. Како препорачлива добра доза на скептицизам, како поради – вреди да се повтори - досегашните искуства со Брисел, но троа повеќе и поради интересно нашироко-и-надолго елаборираната листа на барања од Хан за „итни реформски мерки“ која следеше по објавувањето на Извештајот и „договорот“ на големата четворка.

Вистина, обемноста на барањата час воодушевуваат со деталното согледување на проблемите, но во потполно рамномерен баланс со интуитивната дилема дали таквата опсежност всушност нуди доволно време, простор и инструменти на релативизација на постигнувањата во „спроведувањето на реформските мерки“. Онака како што се имаме навикнато со толкувањата на ЕК Извештаите и апологетскиот новоговор на евро-бирократијта, дека во „определени полиња е постигнат напредок, додека во другите ги охрабруваме властите да вложат дополнителни напори“.

Но, читањето на Извештајот сето време ве става во недоумица пред една друга дилема – доколку извештајот на Прибке е напишан од група експерти, тогаш кој ги пишувал сите досегашни ЕК Извештаи? Или да бидам подиректен, кога Европејците ни ја имаат кажувано вистината – додека нè препорачуваа низ ЕК Извештаи или сега низ експертски групировки? Кога нивните извештаи биле политички, а кога реално-експертски? Досега? Или отсега?

Третата причина за скепса е традиционална и тврдоглаво вкоренета во секогаш присутното но никогаш одговореното прашање: дали ќе доживееме ден кога Извештаите и Наодите и Анамнезите и Обдукциските извештаи на ЕУ ќе се осврнат и кон сопствената улога (на Евро-Комисијата) во нашиот дебакл, со посебен осврт за мирудиите со кои ЕУ и земјите членки ѝ даваа заносен мирис на отровната чорба во која се наоѓаме? ЕУ допрва треба да смогне сила и чест (начини има безброј) да ја врати довербата во нејзините визии и идеи, барем на на ниво на половична убедливост од онаа која ја имаше до пред 5-6 години како апсолутно четиво со полна доверба. Бидејќи, доколку нејзината визија и идеја од пред една деценија се докажа како меур од сапуница и идеален подарок за локалните битанги, која би била причината и убедливоста со која ќе нè уверат дека сегашната ганц-нова визија и идеја од Брисел заслужува беспоговорна поддршка и доверба? Дотолку повеќе што за разлика од пред десет години кога балансот на идеолошки сили во ЕУ беше помалку-повеќе со исто влијание, сега целата ЕУ архитектура наликува на летен нудистички камп на пионири и пензионери на Конрад Аденауер.

Сепак, извештајот на Прибке (но не и листата на Хан) заслужува добра (иако не прекумерна) доза на поддршка. Ако ништо друго, како мал зрак на надеж дека ЕУ (читај – Германија) се има гризнато за малото прсте, согледувајќи ја реалноста дека работите во Македонија отишле троа стотина километри подесно од десната идилична евро-конзервативна лакрдија. Дури може да се каже дека доминатната дисонанца во ЕУ може во некоја поблиска иднина да доведе и до поискрена и погласно признаета Mea Culpa во операцијата на наметнување на балкански хохштаплери како европски адути и подметнувањето на нивните идеолошки протежеа, а нашите историски срамови – Груевски/Ахмети – како евроспки надежи за балканската иднината. Но предуслов за тоа е прифаќањето на нормата дека ниту еден од сегашните ликови од извршно-законодавниот листинг на ликови од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не може, не смее ниту да примириса до каква било подршка од ЕУ и земјите членки. Сè друго е ништо повеќе од решавање на кризата со пластична операција на ликовите, но без намера за липосукциско цедење на криминалот и корупцијата од млитавото тело на балканскиот монструм во чие создавање и Брисел и Вашингтон и Анкара имаат земено учество.

Но, за разлика од ЕУ, извесно е дека ќе треба да почекаме троа подолго и Вашингтон да го прифати и признае својот капитален удел во приказната за тоа како се калеше мафијашко-диктаторскиот челик во Македонија. За разлика од идеолошката измама која ни ја подметна Европа, одговорноста на САД наметнува поискрен однос во признавањето на нејзината улога во промовирањето и инсталирањето на криминогената безбедносна машинерија во ликот на Сашо Мијалков (и неговиот албански Болдрик, Муса Џафери). Секако ќе биде поцелисходно и за нас и за САД тоа да се изведе час поскоро и час потранспарентно, со цел сочувување на високата доверба на овдешното население во полит-дипломатијата на Вашингтон, отколку да тоа се изведе после неколку декади низ стерилизирани докуменатарци на Discovery Channel во приближно ист термин со десеттото продолжение на „Sharknado“.

Но, доколку шансите за посамокритичен однос на ЕУ кон сопствената улога можат да се сметаат како сосема можни и извесни, оние на САД како можни но неизвесни, нема никаков сомнеж дека шансите Република Турција на Ердоган да смогне сили и ја согледа својата неславна улога во хранењето на криминогениот двоец Груевски/Ахмети се ем неможни ем сосема извесно без никаква намера за корекција во блиска иднина. Во која односот на Турција кон Македонија нема да се мери според славопојките кон власта од страна на јавно поетичниот а зад-завесно реал-политичкиот Ердоган и Давутоглу, туку според почитта кон граѓаните како суверени на оваа земја, кои ги плаќаат сегашните, но и идните цехови на нивната дволична политика на подршка за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар
 Јосифовски