LIVE промоција на последниот албум SINN+FORM на Френк Бретшнајдер

22.06.2015 09:43
LIVE промоција на последниот албум SINN+FORM на Френк Бретшнајдер

post global recordings и Креативен викенд ви го претставуваат: Френк Бретшнајдер


Петок, 26 јуни 2015, МКЦ - Кино Фросина, Скопје, 20 ч.


Како дел од европската промоција на последниот албум SINN+FORM, македонската публика ќе има можност да го погледне живиот настап на еден од пионерите на современиот електронски звук Френк Бретшнајдер. Албумот SINN+FORM, издаден за реномираната Берлинска електронска етикета Raster Noton, е создаден на Buchla и Serge, аналогните модуларни синтисајзер системи за време на Elektronmusikstudion резиденцијата во Стокхолм во јули минатата година. Со овој албум Френк Бретшнајдер го поместува фокусот од компонирање и генерирање музика со компјутери и софтвер и оди малку наназад кон основите на електронската музика, враќајќи се кон аналогната опрема користејќи ги овие легендарни модули. SINN+FORM, за разлика од неговите претходни изданија, има различен фокус во пристапот и се вклопува во неговата рецентна идеја за подиректно и интерактивно чувство во компонирањето, добивајќи со тоа поспонтана, импровизирана електронска музика. Звучниот аспект е пропратен со визуелен аспект, кој претставува слика на музиката направен на софтверот гониометар што генерира вид на Лисажуови фигури.

Со албумот Sinn + Form тој ги разјаснува односите меѓу содржината и структурата во музиката и се обидува да најде синтеза на двете. Во овој албум, за разлика од претходните, забележително е и отсуството на ритам, барем во онаа очигледна форма, во смисла на категоријата битови/барови, поставувајќи го акцентот на импровизацијата. SINN+FORM е исто така еден вид омаж кон авангардната електронска и импровизирана музика на 20-тиот век, неговите влијанија и корени, кои се од суштинско значење за разбирањето на неговиот звук. И покрај тоа што овој албум е погруб од претходните ритмични инкарнации, повторно е електронски и минималистичен – во него препознаваме техно, даб, ИДМ и амбиент влијанија, менувајќи ги насоките, формулите, стереотипи и клишеата, со тоа добивајќи за него сосема нова форма.

Со музиката на Френк Бретшнајдер се запознаваме преку албумот Curve, раните материјали под псевдонимот Komet, колаборациите со Taylor Deupree, траките поместени на легендарниот компилациски серијал Clicks&Cuts со кој практично се дефинираше еден сосема нов звук, или изданието од серијалот 20' To 2000, музика создадена како саундтрак за последните 20 минути од 1999 година, поточно почетокот на новиот милениум. Новиот милениум започна со сосема свеж звук и пристап или она што во тоа време го карактеризиравме преку квалификативот microsound. Од тогаш помина декада и половина и многу нешта се случија на полето на новата електронска музика, а тоа го прави Френк Бретшнајдер еден од пионерите на современиот (германски) електронски звук кој пролиферираше од Берлин. Неговите први дела се појавуваа на етикетите кои ги поставуваа рамките и ги поместуваа праговите на овој звук, разгранувајќи го до непоимливи граници: Mille Plateaux, 12k, LINE, Korm Plastics, Shitkatapult и секако Raster-Noton, етикета на којa самиот тој е соосновач.

Frank Bretschneider е музичар, композитор и видео артист кој доаѓа од Берлин и претставува еден од пионерите на новиот електронски звук, а неговата работа е позната по прецизните и комплексни ритам структури и минималистичниот и флуиден пристап. Суптилната и детална музика е проследена со неговите визуелизации: совршено преведени реализации на квалитетите поставени во музиката преку визуелниот феномен. Во 1986, по оформувањето на касетната етикета klangFarBe, Бретѓнајдер го основа и AG Geige, успешен и влијателен Источно Германски андерграунд бенд. Во 1995 заедно со Olaf Bender ја основаат и Rastermusic етикетата која подоцна се спојува со етикетата Noton на Carsten Nicolai, формирајќи го raster-noton во 1999. Раните соло дела на Бретшнајдер се под псевдонимот Komet, почнувајќи со албумот SAAT, кој се појавува во 1996. Од тогаш ја издава својата работа на најразлични етикети. Албумот CURVE од 2001, вториот албум за Mille Plateaux, беше одлично прифатен од критиката и му донесе на Bretschneider интернационална препознатливост.

Интервју со Френк Бретшнајдер на македонски јазик можете да прочитате овде.

www.frankbretschneider.de

 

Останати линкови:

soundcloud.com/kreativenvikend
www.post-global.com
soundscapeworkshop.blogspot.com

ОкоБоли главаВицФото