„Фикус во фокус“: најавена летната школа за перцепција на Иванов

22.06.2015 11:36
„Фикус во фокус“: најавена летната школа за перцепција на Иванов

Скопје, 22 јуни 2015

По прочуената школа за млади лидер, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов ја отвори и летната школа за перцепција.

„Сè што постои на овој свет, па и во политиката, е перцепција. За да напредуваме како држава, мораме да ја подобриме перцепцијата на младите граѓани. Затоа, во оваа школа ќе се фокусираме на овој проблематичен аспект за Македонија“, изјави Иванов за Пара вести.

Тој објасни дека со школата која ќе трае од 1 јули до 1 септември ќе бидат опфатени повеќе тематски целини како и вежби за перцепција, сè со цел таа да се развие и изостри, речиси колку неговата.

„Факт е дека нема рудник за злато кај Анска Река, но ако имате изострена перцепција како мене, ќе забележите дека кај и да е ќе се отвори. Ист е случајот и со територијата на Казахстан: факт е дека големината на територијата на оваа земја не е колку цела Европа, но мојата перцепција го кажува спротивното. Се надевам дека разбирате“, вели Иванов.

Во рамки на школата за перцепција ќе биде вклучено и предавање за целомандатно тихување, затоа што медитативниот молк, според претседателот на Македонија, ја изострува перцепцијата на сите сетила.

Покрај тихувањето, младите кандидати ќе присуствуваат и на следните предавања:

- Фикус vs. претседател - сè е до перцепцијата

- Пастрмајлијада - нутриционистички аспекти на перцепцијата

- А зборлив, а прдлив или молчењето е злато

- Дегустација на пита со праз - кога лидерот перцепира домаќински работи

- Забавна програма со специјален гости: Хорхе игра како Грујо свири

Кандидатите кои ќе ја посетуваат школата ќе добијат и сертификат-диплома, потпишан или непотпишан од Ѓорге Иванов, зависно од перцепцијата.

Слика: Свирачиња