Двомесечен извештај за човековите права во Р. Македонија (април-мај 2015)

23.06.2015 14:58
Двомесечен ивештај за човековите права во Р. Македонија (април-мај 2015)

Јавни настани и повреди на демократските принципи

 

Протест 05.05.2015

 

Хелсиншкиот комитет преку свои претставници беше присутен на граѓанскиот протест пред Владата на Република Македонија на кој граѓаните повторно го изразија својот револт за непреземањето на одговорност за убиството на Мартин Нешковски. Протестот започна во 18 часот со спонтано собирање на граѓаните преку претходно договарање на социјалните мрежи. До 20:30 часот, протестот беше без поголеми инциденти и судири помеѓу граѓаните и полицијата. Првите посериозни судири со полицијата започнаа околу 22 часот. Тогаш, полицијата започна со истиснување на сите граѓани кои беа пред Владата.

Хелсиншкиот комитет забележа дека полицијата при истиснувањето на граѓаните употреби несразмерна и прекумерна сила. Полициските службеници не ја ограничија употребата на сила само на оние граѓани кои беа агресивни кон нив, туку неселективно ги удираа и газеа сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце. Потоа полицијата пристапи кон приведување на учесниците во протестот. При приведувањето, полицијата повторно примени неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните повеќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови. Ова го потврдува и фактот што во 23:30 часот, полициските службеници насилно влегоа во повеќе објекти, помеѓу кои и библиотеката „Браќа Миладиновци“ и повторно примени несразмерна и прекумерна сила кон сите млади кои беа присутни во библиотеката под изговор дека дел од нив наводно биле учесници во протестот.

Според информациите со кои располага Комитетот, во инцидентите беа уапсени повеќе од четириесет и две лица, од кои најголемиот дел беа задржани 24 часа во повеќе полициски станици во Скопје. Претставниците на Комитетот забележаа дека голем дел од приведените не беа дел од групата која се судираше со полицијата, а дел од нив воопшто не учествувале во протестот. На 15 лица им беше определен притвор, на 1 лице му беше определен куќен притвор, а 2 лице беа во бегство. Од притворените лица, 5 беа студенти, од кои 2 лица се претставници на Студентскиот пленум.

Лицата беа осомничени за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие (член 384 став 1 од Кривичниот законик). Казната за ова кривично дело е од 3 месеци до 3 години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки кои стојат на располагање за обезбедување на присуство. 

Комитетот смета дека ваквите одлуки влијаат на ограничување на правото на протест, особено поради фактот што како причина за притворот е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести. Исто така, одлуките за притвор и за поведување на кривични постапки против студенти може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. За споредба, Комитетот имаше монитори на насилните протести против општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда. 

Хелсиншкиот комитет бара судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерката притвор да го земат предвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа оваа мерка, како и фактот што во најголем дел се работи за млади лица кои претходно немаат сторено кривично дело.  

Во периодот од 22 мај до 06 јуни беа одржани главни претреси за 3-те групи на демонстранти кои беа кривично гонети и освен двајца од обвинетите, сите останати ја признаа вината, поради што на најголем дел им беше определена условна казна затвор од 3 месеци која нема да се изврши доколку во рок од 1 година не го повторат делот. На еден од обвинетите кој ја призна вината му беше определена казна затвор во траење од 10 месеци, поради претходна осудуваност за исти кривични дела. Единствено двајца од демонстрантите не ја признаа вината и судот за едно од лицата определи казна затвор од 2 години и четири месеци, поради претходна осудуваност, а на второто лице му беше определена условна казна затвор во траење од седум месеци затвор која нема да се реализира ако во рок од две години не стори ново кривично дело.

Хелсиншкиот комитет ги набљудуваше судските постапки за обвинетите демонстранти за кои беше констатирано дека беа брзи и согласно одредбите на Законот за кривична постапка кои се однесуваат на скратената постапка. Сепак, остануваат забелешките на Комитетот кои се однесуваат на определувањето на мерката притвор.

ПРЕКУМЕРНА УПОТРЕБА НА СИЛА НА ПРОТЕСТОТ НА 05.05.2015

До Хелсиншкиот комитет со барања за правна помош се обратија дел од лицата кои беа уапсени и лишени од слобода 24 часа по протестот, но и лица врз кои беше употребена прекумерна сила, а кои учествувале или пак не учествувале на протестот.

Најголемиот дел од лицата врз кои била употребена прекумерна сила од страна на полицијата се наоѓале на мала уличка веднаш до булеварот Климент Охридски, каде група од 30мина полицајци ги бркала граѓаните кои почнале да се кријат во влезови од згради. На оние лица кои не успеале да ѝ избегаат на полицијата била употребена прекумерна сила, иако според изјавите на граѓаните тие не пружале никаков отпор ниту пак знаеле зошто полицијата ги брка.

Случај 1 - 2 лица ( машко и женско) биле нападнати од страна на група од 6-мина полицајци со што се здобиле со физички повреди по целото тело, а едното лице и со физички повреди во делот на главата. Потоа биле однесени во полициска станица и задржани 24 часа.

Случај 2 - 2 лица (машко и женско) биле бркани од група од 4-ца полицајци, поради што се засолниле во подрумот на еден од влезовите на околните згради. Откако биле најдени од страна на полицијата со тегнење биле извадени од влезот, легнати на тротоар и физички нападнати. Потоа биле пуштени.

Случај 3 - 1 лице (машко), кое не бил учесник на протестот, било пресретнато од група на полициски службеници на булеварот Климент Охридски, бил легнат на тротоар и тепан од страна полицијата, по што бил однесен во полициска станица и задржан 24 часа.

Случај 4 - 2 лица (машки) на бул. Партизански одреди, пред Соборниот Храм, додека биле со исправени раце како знак дека мирно протестираат, биле физички нападнати од група полицајци, приведени и задржани во полициска станица 24 часа.

Случај 5 - 1 лице, кое било присутно на протестот во својство на новинар, било пресретнато од двајца полициски службеници и физички нападнато со што се здобило со физички повреди во делот на десната нога и главата.

Најголемиот број лица кои дојдоа во Хелсиншкиот комитет да го пријават полициското насилство не сакаат да покренат постапки против пречекорувањата на полицијата и употребата на прекумерна физичка сила, поради недовербата во институциите. Сметаат дека нивните права нема да бидат заштитени и дека евентуалните постапки кои би ги покренале ќе им наштетат на нив или нивните семејства. Ваквите изјави ја потврдуваат констатацијата која Хелсиншкиот комитет ја дава во своите месечни и годишни извештаи во однос на недовербата на граѓаните во институциите, особено врз судството, поради нивната партизираност и неможноста да се спротивстават на влијанието од извршната власт.

Целиот извештај можете да го прочитате на следниот линк.