Православниот огранок на Исламска држава се закани дека ќе ги убие сите што вежбаат јога

24.06.2015 08:16
Православниот огранок на Исламска држава се закани дека ќе ги убие сите што вежбаат јога

Скопје, 24 јуни 2015

Македонија се најде под напад на православните исламисти! Православниот огранок на озлогласената терористичка организација Исламска држава вчера испрати заканувачки писма до повеќе македонски медиуми во кои им се заканува со убиства на сите граѓани на Република Македонија кои вежбаат јога.

„Јогата е сатанско дело на сатанската хиндуистичка религија и секој што ја практикува треба веднаш да се откаже од неа и да се покае и да се исповеда и да дарува пари на Црквата, зашто во спротивно ќе му биде отсечена главата“, се вели во писмото што беше испратено до повеќе медиуми.

„Учителите по јога треба веднаш да престанат да подучуваат православни верници и треба да се покајат и да се исповедаат во црква и да даруваат пари на Црквата, зашто во спротивно ќе им биде отсечена главата“, се вели понатаму во заканувачкото писмо.

„Местата каде што се вежба јога треба веднаш да се осветат и да се исчистат и да се проветрат и да се даруваат на Црквата, зашто во спротивно ќе им биде отсечена главата“, се вели во завршната реченица на писмото.

Медиумите веднаш ја известиле полицијата, а оттаму велат дека ќе бидат преземени сите мерки на претпазливост и дека будно ќе ја следат ситуацијата на терен. Од МПЦ ги поздравија заканите на православниот огранок на Исламска држава со изјавата дека „дојдено е времето народот да им се врати на своите верски корени“.

И од владејачката партија ја поздравија заканата на православните исламисти. Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија со соопштение во кое се вели дека „јогата претставува симбол на западната декаденција, а во античкиот православен идентитет на Македонецот нема место за современи трендови кои водат кон блуд и разврат, и кои се очигледно дело на мрачни и нечисти индиско-комуњарски сили“.

Слика: Свирачиња