Книжевна вечер со Роберт Перишиќ

24.06.2015 09:44
Книжевна вечер со Роберт Перишиќ

Авторска вечер со Роберт Перишиќ, гостин на првата книжевна резиденција „Апсолутно модерен“; домаќини: Румена Бужаровска, Роберт Алаѓозовски

 

четврток, 25 јуни, 20 часот

Мобилна галерија, парк на Франкофонијата

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и Град Скопје во март во Скопје престојува Роберт Перишиќ.

Роберт Перишиќ е (роден 1969 година во Сплит) еден од најнаградуваните и најпреведуванит хрватски автори од средната генерација. Автор е на седум книги, од кои првите две збирки раскази веќе во почетокот на 2000-тите му обезбедија читателска публика и преводи на словенечки, српски, чешки и унгарски.

Негова досега најуспешна книга е Нашиот човек на теренот (2007), која се здоби со две книжевни признанија и беше преведена на многу јазици, меѓу кои и на македонски, во 2010, година, во издание на Македонска реч. Книгата ја доби наградата Роман на годината на Јутарњи лист и наградата на Шпаркасе банката во Грац, Австрија. Таа постигна особен успех во САД наидувајќи на одличен прием од американската критика. Познатиот автор Џонатан Френцен го напиша поговорот за книгата. Романот беше пофален како оригинална, сатирична анти-воена проза која последиците од бурните деведесетти години ги спротивставува на фонот на поствоената хрватска реалност, и споредувана со најдобрите постигнувања од жанрот, со Мајка Храброст на Брехт, со Кланица 5 на Курт Вонегат и Добриот војник на Јарослав Хашек.

Освен проза, Роберт Перишиќ пишува и драми, Културата во предградието за театарот Гавела, и сценарио за филмот 100 минути слава во режија на популарниот Далибор Матаниќ.

Инаку, јавноста го знае Роберт Перишиќ како долгогодишен книжевен критичар. Како магистер по хрватска книжевност, најпрвин пишува во легендарниот Ферал Трибјун (1994-2000), а потоа и во Глобус (2000-2013). Тој бил главен уредник и на култното книжевно списание Године и Године нове.

Меѓу другото, Перишиќ е основач и програмски директор и на хрватскиот меѓународен книжевен фестивал, Лит Линк и иницијатор на кампањата „Право на професија“, покрената за подобрување на статусот на писателите во Хрватска.

Најновата книга на Перишиќ, Подрачје без сигнал беше објавена во март 2015 година и веќе добива солидни оценки. На повеќе од четиристотини страници, Перишиќ дава една широка фреска за воените и транзициските судбини на мноштво ликови од едно мало босанско гратче Н. Напишана во духот на Андриќевите хроники, со дискретна иронија, Перишиќ ја разоткрива трагедијата на малите јунаци, до кои и сега, во малите провинциски гратчиња достигаат криминалните посредници на големите белосветски играчи. Тие ги користат локалните жители, веќе трауматизирани и длабоко унесреќени од босанската војна, за нови игри, тајна испорака на стара технологија на арапските диктатори, биотехнолошки експерименти, проекти за неолиберална приватизација на јавните ресурси, уцени од старите кучиња на војната, сега трансформирани во локални моќници и рекетари и слично.

Перишиќ во Скопје работи на новиот роман, краток роман од 120 страници, со фокус на јунакот кој се наоѓа во „празно поле“ откако му се распаднал дотогашниот живот.