Кон општество со поголема еднаквост

25.06.2015 10:21
Кон општество со поголема еднаквост

Приказ на книгата на Ентони Б. Аткинсон „Inequality: What Can Be Done? / Нееднаквост: што може да се направи?“, Harvard University Press 2015

Радикалниот реформизам

Ентони Аткинсон е единствена појава меѓу економистите. Во средиштето на неговите интереси во изминатиот половина век – во опозиција кон доминантните трендови – беше проблемот на нееднаквоста, што јасно покажува дека економијата за него, пред сè е општествена и морална дисциплина. Во својата нова книга Нееднаквост: што може да се направи? – која е полично интонирана и во целост посветена на можните практични решенија – авторот нуди нацрт на новиот радикален реформизам.

Во реформизмот на Аткинсон има елементи кои од сеќавање го повикуваат делото на прогресивниот британски општествен реформатор Вилијам Бевериџ. Читателите ќе уживаат во начинот на кој Аткинсон ги претставува своите идеи. Легендарно внимателниот англиски професор ја открива својата похумана страна, се фаќа во костец со контроверзни прашања и изнесува низа конкретни, иновативни и убедливи предлози со кои покажува дека постојат алтернативи и дека легитимноста на битката за општествен прогрес и еднаквост мора да се обнови, сега и овде. Тој предложува универзални семејни бенефиции кои би се финансирале со враќање на прогресивното оданочување – со што сиромаштијата и нееднаквоста во Британија би се спуштиле од американското на европското ниво.

Исто така, се залага за работни места за невработените во јавниот сектор, со гарантирани минимални плати и демократизација на пристапот за поседување недвижнини во иновативен државен систем за штедење со гарантиран принос за вложувачите. Предложува воведување „наследство за сите“ во облик на еднократна исплата во осумнаесеттата година од животот, која би се финансирала од робустното оданочување на наследството, и најпосле укинување на англискиот регресивен „избирачки данок“ со кој се полнат локалните буџети, со што практично би се напуштил тачеризмот. Резултатот е духовитата, елегантна и темелна книга која е достојна за внимание: авторот нуди најдобра комбинација од сè што политичката економија и британскиот прогресивизам имаат да понудат.

За подобро да ја разбереме оваа книга и она што во неа се предложува потребно е да ја поставиме во поширокиот контекст на кариерата на Аткинсон. Во прашање е автор кој со досегашните трудови стекнал репутација на педантен и ригорозен истражувач. Од 1966 до 2015 година Аткинсон објавил педесетина книги и повеќе од 350 стручни текстови. Неговите трудови довеле до темелни промени на полето на истражувањето на меѓународната дистрибуција на богатството, нееднаквоста и сиромаштијата. Од седумдесеттите години објавил повеќе значајни теоретски трудови, особено во областа на теоријата за оптимално оданочување. Само придонесите на тоа поле би оправдале неколку Нобелови награди. Сепак, најважните и највлијателните трудови на Аткинсон се оние посветени на историската и емпириската анализа на нееднаквоста, заснована на примената на теоретските модели кои ги користи со исклучително мајсторство, внимателно и одмерено. Благодарение на единствениот пристап кој ги обединува историската, емпириската и теоретската димензија, строгоста и интелектуалната чесност, етички урамнотежениот настап во улогата истражувач на полето на општествените науки и граѓанин на Британија, Европа и светот, Аткинсон веќе со децении е пример за генерациите студенти и млади истражувачи.

Заедно со Сајмон Кузнец, Аткинсон практично втемели нова дисциплина во општествените науки и политичката економија: истражување на историските трендови во дистрибуцијата на приходите и имотот. Се разбира, прашањето за дистрибуцијата и долгорочните трендови било во средиштето на политичката економија уште во деветнаесеттиот век, особено во делата на Томас Малтус, Давид Рикард и Карл Маркс. Сепак, авторите од тоа време на располагање имале ограничен корпус податоци, па често морале да се задоволат со теоретски шпеклулации.

Дури во втората половина на дваесеттиот век, благодарение на истражувањата на Кузнец и Аткинсон, анализата за дистрибуцијата на приходите и имотот е втемелена на историски извори.

Во познатата книга објавена 1953 година, Уделот на повисоките приходни групи во приходот и штедењето (Shares Income Groups in Income and Savings), Кузнец ги споредил првите систематизирани податоци за приходот и имотот во Америка на национално ниво (за чие собирање придонел и самиот) и податоците за федералниот данок на приход (кој е воведен 1913 година, по тешките политички борби) за да го објави првиот историски приказ за дистрибуцијата на приходот по години. Вестите биле добри: нееднаквоста се намалувала.

Во книгата објавена 1978 година, Дистрибуцијата на личното богатство во Британија (Distribution of Personal Wealth in Britain) која ја напишал заедно со Алан Харисон, Аткинсон го надминал Кузнец: со систематско истражување на судските архиви за оставинските постапки од втората деценија до седумдесеттите години од минатиот век анализирал како различните економски, општествени и политички сили можат да помогнат во разбирањето на трендовите утврдени во распределбата на приходот, што во тој бурен историски период била важна тема.

Сите трудови за историските трендови за приходната и имотната нееднаквост кои следеле се потпирале на нивните иновативни истражувања. Освен што објавил повеќе историски значајни и пионерски текстови, Аткинсон веќе со децении е еден од водечките меѓународни експерти за компаративни истражувања и мерење на нееднаквоста и сиромаштијата во современото општество. Познат е и како неуморен архитект во проектот за меѓународна соработка на ова поле.

Ангажираната и иронична книга

Во новата книга Аткинсон ги напушта строгите академски рамки и излегува во сферата на јавниот ангажман. На тој начин се враќа во улога на интелектуалец како јавна фигура, од која всушност никогаш не се ни откажувал. Пред историската студија за дистрибуцијата на богатството во Британија од 1978 година, објавил неколку книги во кои на свој начин интервенирал во јавната сфера. Како пример ќе ги наведеме Сиромаштијата во Британија и реформата на социјалното осигурување (Poverty in Britain and the Reform of Social Security) од 1969 и Нееднакви удели – богатството во Британија (Unequal Shares – Wealth in Britain) од 1972 година. Границите кои ги делат историјата, економијата и политиката кај Аткинсон никогаш не биле цврсто поставени: секогаш настојувал во себе да ги помири истражувачот и граѓанинот, често дискретно, понекогаш сосема отворено.

Во секој случај, во новата книга тоа е поизразено отколку во кои било претходно објавени трудови. Аткинсон го прифаќа ризикот и изложува конкретен план за дејствување. Книјата ја одликуваат препознатливиот стил на Аткинсон и особениот начин на кој му пружа прилика на секој аргумент и секој автор, претставувајќи го во најдобро можно светло, јасно и едноставно. Но, овојпат Аткинсон воспоставува јасни дистинкции и зазема страни, понагласени отколку што вроденото внимание инаку му го дозволува тоа. Книгата не е пишувана за да биде забавна, но ја поседува онаа зајадлива иронија која во неговите академски трудови не е толку забележлива, но им е одлично позната на студентите и колегите на Аткинсон.

Еден од примерите е извадокот во кој зборува за историските настани од 1988, кога Најџел Лосон, министер за финансии во владата на Маргарет Тачер, во парламентот предложил најголемите маргинални стапки на данокот на приход да се спуштат на 40 проценти (таа стапка изнесувала 83 проценти кога во 1979 година на власт дошла Челичната дама). Еден пратеник од конзервативната партија во парламентот толку се занел што наводно изјавил дека „на калкулаторот нема доволно нули“ за да пресмета колку ќе се профитира од предлогот за кој гласал. Тоа бил мрачен настан кој го заслужува ироничниот пристап на Аткинсон.

Прекинувањето со полувековната политика за прогресивно оданочување во Велика Британија е препознатливо достигнување по кое и денес се памети една епоха на тачеризмот (како што особено достигнување на реганизмот беше Законот за даночната реформа од 1986 година со кој највисоките даночни стапки во САД беа намалени на 28 проценти). Новите лабуристи од епохата на Тони Блер (кој не му е особено мил на Аткинсон) никогаш не ја доведоа во прашање таквата одлука, токму како што ни демократите во времето на мандатите на Обама и Клинтон не поставуваа прашања за даночната политика на Реган, и како што не можеме да очекуваме тоа да го направи новоизбраната конзервативна британска влада.

Еве уште еден интересен податок од оваа книга, кој ќе изненади многумина од неговите студенти и колеги: на денот на историското гласање во 1988 година, и самиот Аткинсон бил во Претставничкиот дом, каде вредно работел на компјутер во кабинетот на владата во сенка. Со помош на колешката Холи Сатерленд ги пресметал буџетските ефекти од предложените мерки пред министерот за финансии да го заврши воведното излагање, што покажува како научното истражување и компјутерските програми отвораат пат за нови облици партиципативна демократија.

Прогресивното оданочување и социјалната заштита

Идејата за враќањето на фискалната политика за попрогресивно оданочување е важен дел од планот на Аткинсон. Британскиот економист воопшто не го крие тоа: големото намалување на даночните стапки за највисоките приходни класи придонело за радикален раст на нееднаквоста почнувајќи од осумдесеттите години, а притоа не е остварена адекватна корист за општеството во целина. Затоа не треба ни да се губи време за рушење на табуто кое вели дека маргиналната стапка на данокот никогаш не треба да надмине 50 проценти. Аткинсон предложува темелна реформа на британскиот даночен систем со која највисоките даночни стапки би се зголемиле на 55 проценти за годишен приход повисок од 100 000 фунти и 65 проценти за оние кои заработуваат над 200 000 фунти, што би било проследено со зголемување на највисоките износи на придонесот за државно осигурување.

Тоа би овозможило финансирање на проширувањето на британскиот систем за социјална заштита и редистрибуција на приходот, зголемување на бенефициите за семејствата (чиј износ би се удвоил или дури би се зголемил четирикратно според еден од предлозите), како и зголемување на помошта за пензионери и невработени во пониските приходни класи. (Така семејниот додаток за прво дете би се зголемил од 20 на 40 или дури и на 90 фунти неделно во една од варијантите на предлогот; во исто време, таквите бенефиции во иднина би биле оданочувачки.) Аткинсон предложува повеќе верзии на таквите мерки и сценарија за реформа и заклучува дека тоа би овозможило враќање на политиката за универзална социјална заштита која би им била достапна на сите, наспроти условеното пружање помош.

Усвојувањето на таквите предлози кои во книгата се обработени статистички и во целина финансирани од даноците, би довело до значаен пад на нивото на нееднаквоста и сиромаштијата во Британија. Според симулациите кои ги направиле Аткинсон и Холи Сатерленд, нееднаквоста и сиромаштијата од сегашното ниво кое е блиско до американското, би паднале до точката каде би биле поблиски до просеците за Европа и ОБСЕ. Тоа е главната цел на првата група предлози на Аткинсон. Се разбира, фискалната редистрибуција не е доволна, но мора да се почне оттаму.

Новата филозофија на правото

Планот на Аткинсон не запира тука. Сржта на неговата програма ја сочинуваат низа предлози за трансформирање на функционирањето на пазарот на трудот и капиталот со воведување нови права за оние чии права се најмали. Тие предлози вклучуваат работи во јавниот сектор за невработените со гарантирана минимална надница, нови права за синдикалните организации, вклучување на јавноста во регулирањето на технолошките промени и демократизација на пристапот до капиталот. Тоа се само некои од бројните предложени реформи.

Наместо детално да ги разгледувам сите предлози, ќе се концентрирам на проблемот за широк пристап до капиталот и сопственоста. Аткинсон изнесува два иновативни предлози. Од една страна, тој повикува на воспоставување национална програма за штедење која на сите вложувачи ќе им овозможи да го остварат гарантираниот приход од капиталот (за вредноста на индивидуалниот капитал под одредената граница). Имајќи ја предвид вчудоневидувачката нееднаквост на пристапот до фер финансиски приходи, најмногу заради релативните големини на почетните инвестиции (што веројатно е влошено заради финансиската дерегулација во последните неколку децении), би рекол дека овој предлог е многу добар. Кај Аткинсон тоа е блиско поврзано со поширокото прашање за нов пристап до јавната сопственост и можностите за основање нов државен инвестициски фонд. Државата не може да ги сведе своите работи на зголемување на јавниот долг и бескрајна приватизација на сè што поседува.

Од друга страна, со програмата за штедење која ја обезбедува и за која гарантира државата, Аткинсон предложува воведување на програмата „наследство за сите“ во облик на еднократна исплата што би ја добивал секој граѓанин со стекнување полнолетство, кога ќе наполни осумнаесет години. Таа програма би се финансирала од данокот на наследство, со воведување прогресивна фискална структура. Конкретно, Аткинсон проценува дека со сегашниот финансиски прилив од данокот на наследство во Британија можно е да се исплати сума од над 5 000 фунти на секоја млада личност која ќе достигне полнолетство. Тој се залага за опсежна реформа на системот за оданочување и наследство и особено за прогресивно оданочување на наследствата со големи вредности. (Аткинсон предложува стапка од 65 проценти, како и за данокот на приход.) Таквата реформа би овозможила исплата на износ од 10 000 фунти.

Отсекогаш имав резерви кон таквите идеи. Генерално, понаклонет сум кон гарантираниот пристап одреден со фундаменталните добра – како што се образованието, здравствената заштита и културата, меѓу другото. Но, кој пристап и да го избереме, идејата за директно поврзување на данокот за наследство и дистрибуцијата на правата кои се финансираат со тој данок звучи убедливо. Огромната предност на решенијата што ги предложува Аткинсон е во тоа што овозможува јасно да се прикаже целта на тој данок и да обезбеди „наследство за сите“. Можеби со директно поврзување на висината на исплатата за висината на даночната стапка би можеле да успееме да го промениме и опкружувањето во кое во моментов се води демократска дискусија за тоа прашање.

„Избирачкиот данок“ и данокот на имот

Еден од најинтересните делови на книгата е посветен на британската дебата за „избирачкиот данок“. Тоа е ноторно неправеден данок – или паушален данок, како што би рекле економистите – каде секој плаќа ист износ во фунти, без разлика дали е богат или сиромашен. Данокот го вовела Маргарет Тачер 1989-1990 година како замена за стариот систем на локален данок на имот со пропорционални стапки, каде даночната стапка зависела од вредноста на недвижноста. Избирачкиот данок значително ги зголемил износите за најсиромашните даночни обврзници и ги намалил обврските за најбогатите. Благо речено, реформата не се соочила со добар прием: следеле нереди во градовите и блокирање на парламентот, но Челичната дама одбивала да отстапи, додека не била сменета со гласовите на конзервативните пратеници. Во ноември 1990 година на нејзино место го донеле Џон Мејџор, кој веднаш го укинал новиот данок. Било јасно дека предложената реформа не е прифатлива.

Помалку познато е дека новиот „општински данок“ кој го заменил избирачкиот данок во 1993 година и кој се применува и денес, впрочем е речиси подеднакво регресивен како и избирачкиот данок. Податоците што ги собрал Аткинсон се многу впечатливи. Обврзниците чии недвижнини вредат околу 100 000 фунти во просек плаќаат 1 000 фунти, додека оние чии недвижнини вредат околу 1 000 000 фунти плаќаат 2 000 до 2 500 фунти. Иако, тоа очигледно е помалку регресивен систем од оној кој се обидела да го воведе Маргарет Тачер, данокот и натаму е изразено регресивен. Впрочем, даночната стапка опаѓа од еден процент за најсиромашните даночни обврзници на 0,2 до 0,25 проценти за најбогатите, со просечна даночна стапка во 2014-2015 од 0,54 проценти за Британија во целина. Во повеќето европски земји, како и во САД, локалните даноци генерално се утврдуваат пропорционално од вредноста на имотот што се оданочува.

Аткинсон предложува ист пристап и во Британија. Таквата реформа, ако се спроведе доследно, би можела да биде првиот чекор кон воведување прогресивен данок на имот, а потоа конечно и прогресивно оданочување на нето богатството (вклучувајќи ги финансиските средства и долговите). Интересно е дека данокот на промет на недвижности во Британија („административната такса“) веќе е мошне прогресивен и дека во последните години стана уште попрогресивен. Стапката која моментално се плаќа изнесува нула проценти ако вредноста на имотот е помала од 125 000 фунти, до три проценти за имот вреден од 250 000 до 500 000 фунти, четири проценти за вредност од 500 000 до 1 000 000 фунти, пет проценти помеѓу еден и два милиони (новата стапка е воведена 2011 година) и седум проценти за имот вреден повеќе од два милиони фунти (воведена 2012 година).

Треба да се напомене дека стапката од пет проценти која ја воведе лабуристичката влада, во почетокот беше на мета на остри критики од конзервативците. Сепак, кога дојдоа на власт, конзервативците воведоа стапка од седум проценти. Тоа јасно покажува дека во услови на растечки нееднаквости, концентрација на богатството и предизвиците со кои се соочуваат младите кои треба да обезбедат пристап до недвижностите, двете големи партии чувствуваат потреба за попрогресивно оданочување. Тоа покажува и дека треба да се преиспита системот за данок на имот, како што предложува Аткинсон: не е јасно зошто давачките за промет на недвижности биле толку прогресивни, ако данокот на имот е регресивен.

Британија, Европа и светот

Една забелешка која може да му се упати на планот за дејствување на Аткинсон е тоа што тој се занимава пред сè со Британија. Сите негови фискални и буџетски предлози се упатени до британската влада, додека просторот посветен на меѓународните проблеми останува ограничен. На пример, Аткинсон попатно ја споменува идејата за минимален данок за големите меѓународни корпорации и потоа ја остава на купот „идеи за кои треба уште да се размисли“, а не меѓу готовите предлози. Со оглед на истакнатото место на Британија во европските даночни војни, како и на светската мапа на даночните рајови, би можело да се очекува авторот подетално да ги претресе предлозите за воведување глобален данок на добивка или развој на светски – или барем евроамерикански – регистар на вредносни хартии. Аткинсон јавно упатува на тие проблеми и зборува за формирање „светски даночни управи“ и можно зголемување на меѓународната помош на еден процент од бруто општествениот производ. Но им дава помалку простор отколку на предлозите кои се однесуваат на Британија.

Истовремено тоа е една од посилните страни на оваа книга. Авторот како да порачува дека нервозните влади немаат оправдување за својата пасивност, бидејќи е невозможно да се преземаат мерки и на ниво на поединечни држави. Сржта на планот кој го предложува Аткинсон може да се примени во Британија, без потреба да се чека на неизвесен меѓународен консензус, а истите предлози можат да се прилагодат и применат во други земји.

Ако се чита меѓу редови, очигледно е разочарувањето на Аткинсон од Европската унија, иако нè потсетува дека идејата за заедницата долго ја поддржувал, особено кога ѝ се придружила Британија во 1973 година. Во тој период, вели тој, многу земји го критикуваа финансирањето на британската „социјална држава“ (и особено на британскиот систем за здравствена заштита) од даночните приходи. Тоа се сметало за неприфатлив облик на конкуренција во земјите во кои финансирањето на социјалната заштита се темелело на работодавците. Голем дел од британската левица во тогашната Европа и нејзината опсесија со „чистата и совршена“ конкуренција ја видел силата која е во спротивност со идеите за општествена правда и политиката на еднаквост. „Во тоа време таквите сомнежи биле без основа“, вели Аткинсон. Со задоволство би сакал да додаде дека денес и тоа е променето, но не оди толку далеку, бидејќи сака да ја сочува надежта за Европската унија. Оваа книга ја пишувал оптимист и граѓанин на Британија, Европа и светот: живата претстава за праведна економија која успева да им ја пренесе на читателите е еден од нејзините најважни квалитети. Ќе остане запаметена како важен пример, без оглед на резултатите од кои било идни избори.

Извор: http://www.nybooks.com/

ОкоБоли главаВицФото