За пеколот во Дрекслмаер

25.06.2015 13:38
За пеколот во Дрекслмаер

Кога студирав си замислував дека ќе работам многу работи, но никогаш не замислував дека ќе завршам во фабрика, како обичен работник. Но и тоа го доживеав и таа голгота траеше 7 месеци. Кога прв пат влегов во огромните хали на фабриката, се исплашив за себе бидејќи воздухот внатре беше загушлив, тежок, мирис на пластика, нешто слично како кога влегувате во кинескиве продавници кои продаваат евтина стока со сомнителен квалитет. Се исплашив како ќе работам внатре, и онака имам проблем со дишењето... Но, се навикна организмов и по кусо време не правев разлика. Се работи во три смени и во сите три се работи под вештачка светлина - неонка. Природна светлина не допира, ниту имате видик кон надворешниот свет. 8,5 часа ви се пере мозокот со видик од кабли, бучни машини и нервозни работници. По некое време се замајува свеста од хаотични дразби, бука и нетолеранција. А што значи да работите со месеци под неонско светло - ќе ви кажат очните доктори по некое време.

Пауза - два пати по 5 минути кои не ви значат многу, бидејќи додека да излезете да фатите воздух, треба да тргнете назад. Ако сте подалеку од вратата кон надворешниот свет, по пат трошите 2-3 минути, значи 2 минути пауза на воздух и цигарче, ако ви се пуши. Мислам дека во затвор добиваат повеќе воздух од ова.

Пауза за јадење - 20 минути. Повторно, одење до кантината, миење раце (ако има сапун, ако нема гужва), чекање во ред, враќање до местото за работа - 5-10 минути, зависно. Значи, дување во жешката храна и џвакање од 10-15 минути. Притоа, ова се смета за среќно време. Неретко остануваат помалку од десет минути за јадење. Дека ве нарекуваат мрзлив работник, дека ве нарекуваат неспособен, дека требало да се оди во сабота, ако не те бркаат од работа - тоа некако не се сметало за мобинг. Кој знае, можеби тоа им е политика за мотивирање на работниците. И на крај, најтешко им е на оние кои работат на лента, оти лентата се врти на 3-4 минути, а вие немате право на пауза, на одмор, на воздишка, да си ја избришете потта и слично.

Ако ве видат на мобилен - тешко вас, без разлика дали дома сте оставиле мало дете, болен партнер или слично. Во секоја работа и закон има дупки. Така и овде, оние поитрите ги наоѓаат и ги користат. И со право. Во ваква работа дури се пожелни и поголеми дупки, оти работата е физички ненормално тешка, како спрегнати волови на нива ги третираат вработените. И да, лани ова време работев таму и не ни дозволуваа клима, ниту да ја соблечеме униформата од која ви се топи и салото. Дали страдате од висок притисок, дали белите дробови ви бараат повеќе кислород, дали имате потреба од шеќер во крвта или пауза за вбризгување инсулин - НЕ ги интересира.

Имаат лекар 24/7, но прашајте кои услуги ги пружаат и кои лекови им се при рака за брза интервенција. И за надомест на трудот на оние кои им носат милијарди на орвеловите свињи на фармата од ДМ им се фрлаат не трошки, ами тровчиња – 12-15.000 денари плата, зависно дали сте работеле во саботите, неделите и на празниците. Не можев да го дочитам текстов, а овој пат како дипломиран демек академски граѓанин стравувам да не завршам повторно на такво место. Оти не котирам добро онаму каде што вработуваат...

Извор: Фејсбук профилот на авторката