Последната ортомарка во Велес

26.06.2015 00:23
Последната ортомарка во Велес

Благородна Кулева: Не дозволувајте и овој занает да умре!

 

Благородна Кулева е последниот и единствен производител на ортоми во Велес и во Македонија. Taa e апсолвент на Факултетот за прехранбена технологија. Факултетската диплома нема да ја смени веќе донесената одлука токму Благородна да биде продолжувач на занаетчиската традиција на семејството Нацеви. Неа ја најдовме во дуќанот, што се наоѓа на градскиот пазар, како плете колани за берачи на вишни.

Опкружена со повеќе примероци на узди, подопашници, колани, ортоми, врзми, дисаѓи, зобници и други производи наменети за добиток, изработени од коноп и најлон конец, Благородна со скромна насмевка на лицето почна да ја раскажува својата животна приказна, зошто го напуштила факултетот и донела одлука да го наследи ортомарскиот занает на дедо ѝ.

„Уште како дете, со татко ми, доаѓав во дуќанот на дедо Владо. Уживав гледајќи го како со прстите ги плете коланите, уздите и стрмените. Тоа за мене е уметност. Ми даваше и јас да работам. Се гордееше кога гледаше како многу брзо научив да работам. Го засакав овој занает. Особено најмногу го засакав кога татко ми Ацо Нацев, инаку технолог, по затварањето на Порцеланка остана без работа, па за парче леб мораше секојдневно да доаѓа во дуќанот и заедно да работи со дедо Владо. За жал, занаетот изумира, но јас си поставив цел и покрај тоа што нема заработувачка да не дозволам да умре, да го снема“, рече Благородна.

Таа ги урива табуата. Благородна е првата жена ортомар во занаетот кој важи за машка професија. Ни вели дека работата не е лесна, но не и тешка, па затоа може и жена да ја работи. Нејзин идол, поттикнувач, мајстор и поддржувач бил нејзиниот дедо Владо. Велешани за него раскажуваат како за познат мајстор почитуван од повеќето занаетчии, еснафи, во велешката чаршија.

Велес во 19-от и почетокот на 20-от век имал чаршија. Имал безброј занаетчии, мајстори, калфи и чираци во дуќаните со ќепенци. Тие работеле и ги создавале разновидните производи за граѓаните, нивните муштерии. Тогаш селата биле богати. Имало многу добиток коњи, крави, магариња. Се барале ортомарски производи. Мајстор Владо имал полни раце работа. Од занаетот добро живеело семејството Нацеви. Двајцата браќа Владо и Бошко биле ортомари во дуќанот кај Стар Мост, непосредно до Вардар. Со секое надоаѓање на реката водата го поплавувала дуќанот и го оштетувала до целосно распаѓање. Мајстор Владо во 1935 година отвора дуќан во близина на зградата на гимназијата. И таму работат сè до осумдесеттите години на минатиот век, кога се гради комплексот дуќани над Потокот, непосредно до градскиот пазар, а двајцата браќа Владо и Бошко купуваат по еден дуќан и продолжуваат да работат. Мајстор Владо со ортомарскиот, а мајстор Бошко со сарачкиот занает.

„Жално е што изумреа многу традиционални занаети. Во велешката чаршија останав јас, еден ковач и двајца лимари. Порано Велес беше познат по занаетчиството. Што да се прави. Времињата се менуваат. Добиток има сè помалку. Доаѓаат само жители од селата Бузалково, Мелница, Јаболчиште, Чашка и Дурфулија, кои сè уште чуваат добиток. Само ним им се потребни нашите производи. Не така често добивам порачки од краварски фарми за изработка на оглавници. Кога видов дека не може да се живее од занаетот, решив да го затворам дуќанот. Од општината ме советуваа да не го правам тоа бидејќи најавија некакви олеснувања. Се согласив, ама многу помош не видов. Секоја година плаќам давачки од дванаесет до петнаесет илјади денари само за пензиско и здравствено осигурување. А толку пари не се заработуваат. Тешко е. Верувајте, да не го сакам занаетов, ќе го затворам дуќанот како што тоа го направија сите други во Македонија. На секој можен начин се обидувам да заработам. Затоа плетам мрежи од коноп за дворови, базени, кафетерии или пак мрежи што се поставуваат позади стативите за ракомет или фудбал. Не е лесно да изработиш мрежа од дванаесет метри. Тоа е макотрпна работа. Ако не е со мене мојот сопруг Трајче и мојот татко Ацо, на кого сум му многу благодарна, сама не можам сето тоа да го сработам. Работиме на машина која е стара повеќе од 80 години бидејќи немам пари да купам нова. Едвај се врзува крај со крај“, рече Благородна.

И додека разговаравме таа не прекина да работи. Плетеше колани од најлон-конец. На неколку пати мораше да ги прекине работата и разговорот бидејќи доаѓаа оние што ги порачале коланите. Ни рекоа дека само Благородна знае како да го направи овој вид колани кои се врзуваат на половината и на нив се прицврстуваат гајбите во кои се собираат обраните вишни. Пофалните зборови ѝ годеа на Благородна која со насмевка им одговори да се вратат попладне кога коланите ќе бидат готови.

Потоа единствената ортомарка во Македонија ни рече дека со суровини се снабдува од Турција, Хрватска, Словенија и Бугарија. За миг се присети на првата порачка на поголема количина ортомчиња од Армијата на Република Македонија. Тоа се случило по распадот на Југославија, штом ЈНА се повлече од државава и кога со себе однесе сè, па и ортомчињата за чистење на цевките на пушките. Тогаш Благородна добила задача да изработи поголема количина на таков вид ортомчиња. Прифатената понуда за неа значело дека мора да извади сертификат. Паралелно со средувањето на документите семејството навреме ја подготвило бараната количина на ортомчиња.

Во тие денови, како што ни рече Благородна, имале работа.Тогаш стигнала и порачката за изработка на голема ортома, за врзување на бродот на снимање на филмот во Охрид на режисерот Раде Шербеџија. Ги израдувала и порачката за изработка на големите спортски мрежи. Сето тоа се работело додека редовно ги снабдувале со ортоми говедарите од велешко.

Додека тешко воздивнуваше, Благородна, со жалење констатира дека сето тоа е минато. Кога продолжи да зборува, ја кажа констатацијата дека ако таа и малкутемина занаетчии во Велес набрзо не добијат помош, тогаш ќе ги стават катанците на влезните врати на малубројните дуќани.

„Навистина се чудам како никој во оваа наша држава не се заинтересира да ни помогне, да ги зачуваме овие стари занаети. Па тоа е нашата историја, нашето постоење, нашиот живот. Технологијата оди напред, точно, но таа не прави узди и дисаѓи, не ги калајлисува бакарните садови, не ги клепа секирите, не прави српови. Тоа мора да го направи човек, занаетчија“, рече Благородна.

Потоа додаде дека се надева на помош која ќе овозможи да го зачуваме нашиот корен, бит, традиција.

„Ортомарскиот занает е добар. Тој е златен. Јас го сакам. Верувајте, кога работам, кога ги плетам производите, психички сум одморена. Не би го менувала и никогаш не би го оставила, па дури и денар да не заработам. Но, не ќе можам некому да го предадам, оставам во наследство. А тоа не е едноставна работа затоа што ќе замре еден дел од занаетчиската традиција во Велес, ќе се заборави и првиот и сите ортомари по него. Знаете што, од коноп може сè да се направи. Тој има ширина и должина, сè е по мерка. Горда сум што мои дела од коноп красат многу домови, канцеларии, кафетерии. Горда сум што работам со сопругот, со татко ми и што ми помагаат моите деца, синот и ќерката. Токму поради нив уште еднаш ќе им порачам на одговорните за зачувување на традицијата, да не дозволат да изумре ниту еден од вековните занаети“, вели Благородна.

Извор: Дума.мк

ОкоБоли главаВицФото