Новите светски господари

11.03.2010 13:02
Мартин Жак

Овој век е век на Кина. Времето на западот – две столетија негов подем и сила – заврши. До половината на 21-от век, кога Западот ќе остварува помалку од половина од светскиот БДП, ќе настапи пресврт во кој Кина ќе биде главна суперсила.

Тоа е основната теза на книгата на британскиот научник и професор на британските и кинески универзитети, колумнист на лондонски Times и Independent, и основач на организацијата Демос, д-р Мартин Жак, „Кога Кина ќе завладее со светот: Крајот на Западниот свет и раѓањето на новиот светски поредок“. Оваа опсежна студија е исклучителна по својата аналитичност и поткрепеност, а со новата теза за крахот на Западот предизвикува поделени реакции.

Динамичен хаос

Светот, каков што го знаевме досега, поминува низ капитална историска промена: земјите во развој ги стигнуваат и претекнуваат развиените земји. Делумно тоа е резултат и процес на глобализацијата, во која најголем добитник излезе источна Азија, најмногу Кина. Од смртта на Мао, и со либерализација на економијата во 1978 г., БДП на Кина порасна за 70 пати. Со досега невидена просечна стапка на раст од десетина насто годишно, оваа земја и понатаму граби напред.

Динамичниот хаос го замени новиот ред. Тука се новите патишта, мостови, фабрики и еден куп автомобили. Времето на евтината кинеска стока веќе изминува. Оттаму веќе стигнуваат многу пософистицирани производи. А голем дел од кинескиот економски успех лежи и во кинеската штедливост: таму домаќинствата штедат речиси една четвртина од доходите, а исто така и компаниите, па во кинеските банки лежи околу 160% од вредноста на БДП, повеќе од која и да е друга земја.

Тивок поход

Економскиот подем на Кина неизбежно мора да доведе и до секаква друга кинеска превласт во светот. Идниот светски поредок сè уште е нејасен, бидејќи Кина сè уште дипломатски настапува тивко. Но до крајот на веков големи се шансите Кина политички, културно и воено да ги надмине сите останати. Поради кинеската специфичност – поинаквото сфаќање на државата и поделбата на власта, цивилизациските вредности во кои спаѓа и семејниот идентитет, чувството на супериорност на сопствената раса, бројот на жители и големината на земјата – светот навистина ќе биде поинаков од западниот, на кој навикнавме.

Разговараме со авторот кој смета дека Кина ќе загосподари со светот и ќе создаде нов светски поредок.

Британската индустриска револуција и нејзиниот економски напредок вродија со тоа земјата во 19-от век да стане најзначајната светска сила. Така и економскиот подем на САД меѓу 1880 г. и средината на 20-от век доведе до нивно водечко место во светот, по Втората Светска војна. Дали Кина е на ред?

- Така изгледа. Се разбира, секогаш нешто може да тргне во спротивен правец. Но подемот на Кина, и тоа што станува најголема економија во светот, значи дека со него доаѓа и моќта. И не би требале да бидеме изненадени. Западот гледа со недоверба на подемот на Кина и ги затвора очите. Кон Кина отсекогаш владеел скептицизам, делумно политички, а делумно културолошки, бидејќи се работи за сосем поинаква култура. И како таа воопшто може да успее? Мојата книга можеби и првата која вели: „Еј, кинескиот економски подем не е само економски феномен. Ќе има длабоки политички, идеолошки, културолошки, интелектуални, морални и воени последици“. Бидејќи економската сила е предуслов за манифестација на другите облици на сила.

Пребрз раст

Кога минатото лето ја објавивте книгата, Кина беше втор светски извозник, после Јапонија. Во меѓувреме, стана прв. Исто така е најголемиот светски пазар за автомобили. Промените се случуваат побрзо отколку што можеме да ги сфатиме...

- Навистина, во Кина имате двоен ефект. Имате супербрз раст, дури побрз и од оној кој ги карактеризираше поранешните азиски тигри (Јапонија, Јужна Кореја и Тајван). Ефектот е засилен и од многубројноста на населението. Имате земја со годишен раст од 10% и тој на толку големото население му значи драстична промена. Ние западњаците не сме навикнати на таква брзина. Едноставно кажано, немаме искуство бидејќи европските стапки на раст секогаш биле околу 1.5% годишно, или приближно толку. Американскиот раст, во најдобрите времиња, беше околу 3%. А ова што се случува со Кина е нешто навистина големо. Кој сака да ја почувствува иднината, мора да појде во Кина. САД навистина беа одличлен пример за тоа чувство на иднината. Но сега веќе не се. Но САД барем подобро ја чувствуваат Кина, бидејќи сепак се работи за суперсила која има различни интереси низ целиот свет и бројни професионалци кои следат што и каде се случува. Но дури и во САД, до неодамна, можеби до глобалната финансиска криза, не беа свесни дека нивната сила слабее. Не така одамна, за време на изборите пред 10 години, претседателот Буш изјави дека почнува новиот американски 21-ви век и дека светот може да се обликува според американскиот модел, во склад со американските интереси. Тоа беше лудо... А последица остана не само тоа што се појави недостаток на свест за пропаѓањето, туку и американска офанзива. Дури со глобалната криза Американците станаа свесни дека можат да ослабнат. Но и понатаму многумина од нив не веруваат. Делумно придвижување нанапред е тоа што повеќе не се мисли дека кинеските бројки се напумпани, а книгите наместени.

Хегемонистички ум

Авторката Сузан Ширк мисли поинаку. Таа вели дека на Кина и’ недостасуваат многу нешта за навистина да стане важна. И други западни автори истакнуваат дека на Кина и’ пречат недостатокот на демократија, мултиетничноста која може да експлодира во судири, човековите права... Го проценува ли Западот светот по своите мерила?

- Секако. Во темелите на западниот менталитет е размислувањето дека, кога сте оствариле хегемонија, сите мораат да наликуваат на вас и да ги следат вашите вредности. Кога зборуваме за универзалните вредности, не зборуваме за исламската традиција на толеранција, која досегнува многу подлабоко во минатото од европската, туку мислиме на западната идеја за толеранција. Целата идеја на западната култура се стреми кон универзалното. Во врска со тоа можеби најбрутален беше периодот на колонизацијата која експлицитно се манифестираше во супериорноста на европската цивилизација над секоја друга. И за потребата да се „цивилизираат“ дивјаците и варварите, да им се донесе религијата како што е христијанството. Подемот на Кина ќе го промени светот во основа бидејќи западниот модел повеќе нема да го има истиот авторитет. Тоа западњаците тешко го сфаќаат бидејќи 200 години не мораа да размислуваат за него. Мојот колега Пол Кохен дури вели дека ние западњаците мислиме за себе дека во космополитската култура никој не може да ни биде конкуренција, а всушност нашата култура е најпровинцијална од сите. Остатокот од светот по подемот на Европа од крајот на 18 век мораше да се справува со европската модернизација, со таа многу агресивна колонизаторска сила. И мораше и покрај сè да ја сврти главата. Ние во Европа сега се жалиме на имигрантите и на тоа колку тие ја менуваат нашата средина. А тоа не може да се спореди со она што значело да се биде колонизиран, покорен од надворешна сила. Всушност, остатокот од светот бил космополитски бидејќи морал целосно да се преобрази, да ја сфати новата култура. Западот никогаш не морал да сфати друга култура.

Во книгата предупредувате дека и Кина е стара цивилизација и дека досега многупати се има обновувано како суперсила, односно, била единствена суперсила во историјата која успеала неколкупати да се поврати. И притоа ги задржала оригиналните вредности, втемелени на 5000 години старото учење на Конфучие.

- Исклучително долгата историја на Кина е можеби нејзината најважна карактеристика. Кина имала блескави моменти кога била најнапредната цивилизација на светот. И кога луѓето велат, на пример Сузан Ширк, дека „Кина не му е привлечна на светот“, јас тоа не го разбирам. Барем не во поширок историски контекст. Кина е исклучително софистицирана цивилизација, и како што се модернизира, така ќе биде способна да се претстави на значајно поприфатлив начин. Да се сетиме само на отворањето на Олимписките игри во Пекинг, фантастичната презентација во стилот на 21-от век, но и во стил на кинеската традиција. Тоа е само делче од она што се случува. Кинескиот народ има најдолга историја.

Бекство од сиромаштијата

Во последно време економиите на Кина и САД се толку поврзани што тој засега „среќен брак“ историчарот и економист Нил Фергусон го нарекува „кинамерика“. Америка го отвори пазарот за кинеската стока, а така заработените пари Кина ги вложува во американските државни обврзници, и практично го издржува огромниот американски надворешен долг. Што ќе стори Америка со подемот на Кина? Гледате ли нова блоковска поделба во светот?

- Многу е тешко да се биде сигурен во тоа. Сегашната ситуација – САД како должничка држава, со Кина како главен банкар – не може лесно да се разреши. Можеби Кинезите и би сакале да излезат од толку големиот доларски долг, но тоа би влијаело на вредноста на доларот, односно, за возврат би ги поткопало кинеските девизни резерви. Оваа безизлезна ситуација е историски производ на односите САД-Кина од 1978 г. Кинезите, пред сè, се фокусираа на економијата, на бекството од сиромаштија, за што требаше да се создадат надворешни услови, па се свртеа кон пријателските односи со САД. Тој однос беше релативно стабилен, втемелен на бавното но сигурно вклопување на Кина во системот, низ преференциите на американскиот пазар, сè додека Кина не стана членка на СТО. Што ќе биде во иднина во односите меѓу Кина и САД е сложено прашање. Мојата најголема грижа не е Кина, туку САД. Времето е на страната на Кина. Кинезите се стрпливи, внимателни, прилично ненаметливи, барем досега. Неодамнешната американска реакција на компјутерските напади повеќе говори за Американците отколку за Кинезите. Прашањето е како во иднина ќе реагира Америка кога Кина ќе почне да добива, бидејќи сега губи многу. Главното прашање е можат ли САД да се прилагодат?

Покрај тоа, светот е многу посложен од прашањето на Кина и САД, бидејќи до средината на овој век и Индија ќе има економија која во најмала рака ќе биде еднаква со онаа на САД. Како Кина ќе реагира на тоа што Индијците ќе станат сериозен учесник?

- Интересно е тоа што би можело да се случи ако Кина стане најмоќната земја на светот, но ако постојат уште сили, како Индија во јужна Азија, Бразил во Јужна Америка – можеби дури Индонезија во југоисточна Азија. А тука се и САД. За Европа не знам, ЕУ е екстремно неефикасна како геополитички играч, па мислам дека Европа ќе се распадне во наредните 20-30 години.

Верба во универзалноста

Велите дека Кина не е агресивна. Зборувате за „помека сила“. Мислите ли дека ќе биде наметлива, но не и воинствена? Како ќе изгледа светот во кој Кина ќе го зазема клучното место? Споменувате нови институции, можеби нова резервна валута, доминација на кинескиот мандарински јазик. Ќе гледаме ли повеќе кинески филмови, или повеќе кинески спортисти на терените?

- Тоа веќе се случи во Пекинг. Кина освои многу повеќе златни медали од САД (51, наспроти 36). Но да се вратиме на прашањето како ќе се однесува Кина. Не очекувам дека ќе се однесува како ЕУ или САД. Европа историски била исклучително агресивна, експанзионистичка сила. Верувала во својата универзалност, заминувала во освојување на светот. Не го очекувам истото од Кина.

Извор: virtualreview.org

ОкоБоли главаВицФото