1005 hPa
94 %
20 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 02:59
Ниедна најава за распад на еврозоната до сега не се оствари. Газејќи преку своите предизборни ветувања, владите на државите од еврозоната сè уште попуштаа пред барањата на Тројката, а ЕЦБ во најкритичните моменти го смируваше пазарот. Овој процес го одржа еврото, но и ја зацврсти погубната политика на штедење. И да не се залажуваме: неколкуте квартали скромен раст во задолжените држави не ги компензираа поразителните последици од петгодишната масовна невработеност.
Политички губитници од овој процес се партиите од левиот центар. Прифаќањето на строгите програми за штедење и откажувањето од сè за што се залагаат, им нанесе далеку поголема штета отколку на партиите од десниот центар.
Тројката сметаше на тоа дека новата грчка влада ќе го направи истото што и нејзините претходници. Или Ципрас ќе предизвика расцеп на својата коалиција и ќе влезе во нова со партиите од десниот центар, или владата нa Сириза ќе падне. Нормално, тоа сè уште не може да се случи.
Но, изгледа дека Ципрас сè уште не е спремен на политичко самоубиство. Соочен со ултиматумот на Тројката, распиша референдум на кој грчките граѓани ќе се изјаснат за политиката на штедење. Одлуката за референдумот предизвика бројни коментари за неодговорноста на грчката влада и самиот Ципрас. Но тој ја направи вистинската работа, од две причини.
Прво, ако победи на референдумот, грчката влада ќе го зајакне својот демократски легитимитет, кој е сè уште важен во Европа. (Ако повеќе не е, нека нè известат за тоа.)
Второ, до сега Сириза беше во непријатна политичка ситуација, зашто нејзините гласачи беа незадоволни од сè поголемите барања на доверителите и програмите за штедење, а истовремено неспремни да ја напуштат еврозоната. Тоа се сè потешко помирливи барања. На референдумот гласачите ќе кажат кое од овие барања им е поважно и ќе му дадат мандат на Ципрас да направи сè што мора да направи, ако Тројката не попушти.
Според моето мислење, владите на државите доверители и институциите направија огромна грешка со тоа што дозволија да дојде до сево ова. А бидејќи до сево ова веќе дојде, не можам да го обвинам Ципрас за тоа што се свртува кон своите гласачи, а не кон нив.
Извор: The New York Times, 27.06.2015.