Вратете ни го градот

28.06.2015 23:47
Вратете ни го градот

Вратете ни го градот
во кој не сте израснале!
Улиците на кои не сте згазнале,
нерамната калдрма со
штрбави коцки.
Костените со стари коски,
тополите кои ги надвисивте
со многукатноста на алчноста.
Вратете ни ја невиноста!
Граѓанството кое го уништивте
умислувајќи си дека сте граѓани.
Вратете ни го плоштадот по кој возев
кога не сте били ни родени!
Дискотеките кои работеа цела ноќ.
Бристол кој го отвораше изгрејсонцето.
Вратете ни сè што ни украдовте!
Ги паметам старите имиња на улиците
и до крај на живот ќе чекорам по нив.
Се лажете ако мислите дека сте ни
го столчиле чувството за убаво.
Скопје 2014. е земјотрес на вкусот.
Вратете ни ги старите градби,
нашите згради од чисти сништа,
изградени да разубават,
не да побијат и испоганат.
Со модернизмот можат да си
поигруваат постмодернистите,
а не архитектите-безрбетници.
Ни во турско не било полошо.
Ни го уништивте градот,
но за тоа нашол лек Нобел,
уште пред 149 години.
Градот убав пак ќе никне,
како германските градови
по втората светска војна.
Градот пак ќе биде наш,
догодина, кај и да е.

28.06.2015

Фотографија: Иван Шопов

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото