Каде е мојата Европска Унија?

30.06.2015 11:11
Каде е мојата Европска Унија?

Еврофил сум. Не само тоа, јас сум производ на Унијата. Го структурирав животот околу идејата за слобода на движење; својот идентитет околу идејата дека можам да бидам повеќе од една работа: Миконец, Грк, Лондончанец, Британец, Европеец. Прв пат во мојот живот почнувам да се прашувам дали Европскиот проект сега не е премногу расипан за да се поправи.

Не ме сфаќајте погрешно. Ја сакам идејата за Европа на партнери обединети околу принципите на солидарност и размена. Само мислам дека направивме погрешни чекори. Толку многу и толку погрешни, што чувствувам многу несигурност околу тоа дали можеме да го пронајдеме патот за назад.

Не сум осамен во чувствово и тоа не е само последица на настаните во Грција. Изминативе денови добив бројни пораки од про-европските пријатели овде во Британија, кои ми велат дека начинот на кој институциите ја третираат Грција ги убедил да се префрлат во таборот „надвор“ за претстојниот референдум за членството на Британија во ЕУ.

Не сум во таборот на заблудените кои веруваат дека националниот суверенитет е магично стапче со кое ќе се врати некаква националистичка утопија што постои само во нашиот ум. Владите се заробени од интересите на корпорациите толку целосно и на секое ниво, што полето на кое сите битки треба да се водат се промените за излегување од ЕУ. Нема знаме што обезбедува заштита од нив, колку и силно да се замотаме во него.

Не сакам да сугерирам ни дека проектот не беше успешен. Пред да биде зафатен од фаталната монетаристичка треска, постигна децении на досега невиден мир и просперитет, неверојатни предности во правата на работниците и потрошувачите и мешање на култури со создавање популација кое нè збогати сите. Но, длабоко во срцето знам дека сега тој проект е неповратно оштетен.

Изборот што им е претставен на луѓето во Грција е тежок. Заглавени меѓу ѓаволот и длабокото сино море, како што велат. Од една страна, продолжување на програмата што ја десеткуваше земјата и нејзината економија, фрли милиони луѓе во сиромаштија и уби повеќе илјади. Од друга страна - целосна непознаница. Не, не автоматски Grexit, како што некои од вас мислат. Но сигурно можност за тоа.

Страната која велејќи „да“ го поддржува срамниот договор што беше понуден, во замена за останување во Еврозоната, го отсликува тоа на два начина: прво, како битка меѓу сигурноста и несигурноста. Но тоа е погрешна трага. Бидејќи, испитувајќи ја траекторијата на нашата земја изминативе пет години, сигурноста што се нудеше со „да“ е сигурност за повеќе мизерија, повеќе сиромаштија, повеќе понижување, повеќе деградација. Оние кои препорачуваат „да“ за земањето поголема доза од лекот што ни е препишан, го прават тоа со полна свест дека овој лек е отров.

Второ, изборот е претставен како избор помеѓу емоциите и разумот. Секако, не е необично естаблишментот да биде претставен како разумен, а радикалите како емотивни. Тоа во голема мера е целата основа на конзервативизмот. Но стравот исто така е емоција. А она што ги одржува луѓето од „да“ таборот изгледа дека е многу јасниот страв од замислата дека непознатото може да биде уште полошо. Тоа е логика на некој што се заклучил во кабината на Титаник, зашто чамците за спасување се премали, а океанот замрзнат.

* * *

Минатата зима стоев пред зградата на Операта во центарот на Атина разгледувајќи ги постерите на стаклото. Ми пристапи убаво облечена и беспрекорно дотерана постара дама. Се потргнав на страна. Помислив дека сака да помине. Не сакаше. Ми побара неколку евра зашто беше гладна. Ја однесов на вечера, а за возврат таа ми ја раскажа нејзината приказна.

Се викаше Магда и беше во средината на седумдесеттите години од животот. Цел живот работела како наставничка. Нејзиниот сопруг бил универзитетски професор и „за среќа умрел долго пред да се доведеме до оваа состојба“, рече таа. Тие си ги плаќале даноците, осигурувањето и придонесите за пензија директно од платата, како повеќето луѓе. Никогаш не ја измамиле државата. Никогаш не ризикувале. Штеделе. Живееле скромно во двособен стан.

Првата година од кризата, пензијата од нејзиниот сопруг била укината. Втората и третата година нејзината пензија била намалена на половина. Продажбата на станот не била опција - цените на недвижностите многу опаднале и немало купувачи. Третата година работите се влошиле. „Прво, го продадов мојот накит, освен прстенов“, рече таа, допирајќи го венчалниот прстен со палецот. „Потоа ги продадов сликите и килимите. Потоа, скапите сервиси и среброто. Па поголемиот дел од мебелот. Сега не остана ништо што некој би сакал да го купи. Минатиот месец дојдоа и ги извадија радијаторите од мојот стан, зашто долго време не плаќав за греење. Се чувствував многу посрамено.“

Не знам зошто оваа средба ме трогна толку длабоко. Сиромаштијата и гладот се насекаде во Европа. Приказната на Магда е приказна на илјадници луѓе ширум Грција. Сигурно не зашто животот на еден човек е поважен од животот на друг. А сепак има нешто посебно неправедно кај „новите сиромашни“, исто како кај „новите богаташи“. Најверојатно ме шокираше зашто продолжив да мислам колку ме потсетува на мајка ми.

Сепак, не знам дали гласањето „за“ или „против“ ќе го направи нејзиниот живот подобар или полош. Не знам ни како ќе гласа Магда. Можам само да претпоставам. Она што го знам е дека таа средба беше почеток на крајот на мојата љубовна врска со Европскиот проект. Бидејќи, едноставно, ова веќе не е мојата Европска Унија. Тоа е Унија на Амазон и Старбакс, на политичарите и ММФ. Но не е моја.

Ако припадноста на најголемиот и најбогат трговски блок во светот не може да обезбеди вечера за пензионирана наставничка како Магда, тогаш нема причина да постои. Ако Европската Унија со БДП од 28.000 евра по глава на жител не може да обезбеди сигурност за неа, тогаш е длабоко лоша. Ако ова не е унија на партнери, туку банда од големи и мали играчи, кои ја сечат најслабата алка при првиот знак за неволја, тогаш таа е ништо.

Секој од нас ќе има својата внатрешна битка пред референдумот во недела. Ќе мислам на тебе, Магда, кога ќе гласам. Изгледа како фер основа, која одлука и да ја донесам.

Извор: Bylyne

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото