Ходникот на големиот хотел

30.06.2015 13:36
Ходникот на големиот хотел

Се вратив во мојата хотелска соба доцна навечер, веќе бев пола соблечен кога почувствував потреба да одам во тоалет.

Мојата соба беше речиси на крајот од еден бескраен, слабо осветлен ходник; на секои дваесетина метри бледи виолетови ламби фрлаа снопови светлина врз црвениот тепих. Точно на средина, покрај една од ламбите, имаше скали, а од другата страна двојна стаклена врата од просторијата.

Ја облеков домашната наметка и излегов во пустиот ходник. Речиси стигнав до тоалетот, кога се најдов пред човек кој исто така беше во наметка и кој, излегувајќи од сенката, доаѓаше од спротивниот правец. Беше висок и крупен со тркалезна брада како на Едвард VII. Дали ја имаше истата цел? Како што знае да се случи, и двајцата за момент се збунивме, и за малку не се судривме. Така, мене, којзнае зошто, ми беше срам да влезам во вецето пред неговите погледи и продолжив како да сум тргнал на друго место.

Но, по неколку чекори сфатив каква глупост направив. Всушност, што друго можев да сторам? Постоеја две можности: или да одам до крајот на ходникот па да се вратам назад со надеж дека господинот со брадата во меѓувреме ќе си отиде. Но, не се знаеше дали тој ќе влезе во некоја од собите и ќе го остави слободен теренот; можеби и тој одел во тоалет, и кога се сретнавме се засрамил, исто како и јас; и сега се наоѓаше во истата непријатна ситуација. Така, ако се вратев назад, ризикував да го сретнам по втор пат и уште повеќе да се изглупирам.

Или пак – втора можност – да се скријам во прилично долгиот ходник, под една од многуте врати, да изберам некоја помалку осветлена, и од тука да го надгледувам теренот сè додека не станам сигурен дека ходникот е сосема чист. Така и направив, пред да ја проучам ситуацијата докрај.

Меѓутоа, кога се најдов стуткан како крадец во еден од тие тесни отвори (бев пред вратата на собата бр. 90) почнав да размислувам. Како прво, што ако собата е зафатена и ако гостинот излезе или влезе, што ќе рече кога ќе ме најде скриен пред неговата врата? Уште полошо: зошто да ја исклучам можноста дека оваа е токму собата на господинот со брадата кој, враќајќи се назад, би ми го блокирал излезот? Не му ни треба некоја посебна недоверба кон мене, за моите постапки да му изгледаат многу чудни. Како и да е, да останам таму би било непромислено.

Полека полека, си ја подадов главата за да го проверам ходникот. Од едниот до другиот крај сосема празно. Ниту шум, ниту звук на чекори, ни човечки глас, ниту пак врата да се отвори. Сега беше вистинскиот момент: излетав од засолништето и со несигурни чекори тргнав кон мојата соба. Си мислев, по пат ќе влезам и во тоалетот.

И во истиот момент, но тоа го забележав премногу доцна за да можам пак да се скријам, господинот со брадата, кој очигледно размислувал исто како мене, излезе од просторот покрај една од вратите на крајот од ходникот, можеби беше и мојата, и одлучно ми доаѓаше в пресрет.

По втор пат, уште повеќе збунети, се сретнавме пред тоалетот, и по втор пат ниеден од нас не се осмели да влезе од срам другиот да не го види; сега навистина постоеше ризик да испаднеме смешни.

Така, колнејќи го во себе човечкото почитување, се упатив поразен кон мојата соба. Кога стигнав, пред да ја отворам вратата, се свртев да погледнам: долу, во полусенката, го видов оној со брадата како и тој влегува во собата; и како се свртува да погледне кон мене.

Бев бесен. Но, зар самиот не бев виновен за тоа? Залудно обидувајќи се да читам весник, чекав повеќе од половина час. Потоа внимателно ја отворив вратата. Во хотелот владееше целосна тишина, како во некоја напуштена касарна; а ходникот беше пуст како никогаш досега. Конечно! Излетав речиси трчајќи, нетрпелив да стигнам до местото.

Но од другата страна, со неверојатна синхронизираност, како телепатски да се разбиравме, и господинот со брадата излета од собата и со несомнена подготвеност се упати кон вецето.

Така, по трет пат се најдовме еден спроти друг, пред вратата со замаглени стакла. По трет пат и двајцата се направивме луди, по трет пат и двајцата си продолживме без да влеземе. Ситуацијата беше толку комична што ќе беше доволна некаква ситница, еден знак, една насмевка за да го скрши мразот и сè да заврши со смеење. Но ни мене, а веројатно ни нему, не ни беше до шега, напротив; некој гневен очај нè притискаше, чувство на кошмар, како сето тоа да беше некаква тајно смислена сплетка против нас.

Како и при првиот напад, и овојпат завршив вовлекувајќи се покрај една непозната врата за да се скријам и да чекам да видам што ќе се случи. Сега требаше, барем за да го ублажам срамот, да чекам брадестиот, кој бездруго беше како мене во заседа на другиот крај од ходникот, да излезе прв од ровот: ќе го пуштев да помине добар дел од патот и дури на крај ќе излезев и јас; со цел да не се сретнам со него пред тоалетот туку поблиску од оваа страна, така што по средбата ќе можев слободно да дејствувам без досадни очевидци. Доколку, пак, тој уште пред да ме сретне одлучи да влезе во просторијата, уште подобро, зашто откако ќе си ги задоволи потребите, ќе се повлече во собата и нема да се појави цела вечер.

Ѕиркајќи со едното око зад вратата (заради далечината не можев да видам дали и другиот го правеше истото), останав долго време во заседа. Изморен од стоење, во еден момент клекнав не прекинувајќи го бдеењето. Но, човекот не се решаваше да излезе. Сепак, остана долу, скриен, исто како мене.

Слушнав како отчука два часот, три, три и петнаесет, три и пол. Не можев повеќе. На крајот, заспав.

Се разбудив целиот укочен, веќе беше шест часот наутро. Во првиот момент не се сеќавав на ништо. Што се случило? Зошто се наоѓав на земја? Потоа видов и други како мене, во домашни наметки, стуткани пред влезовите на стотици и стотици врати, како спијат: кој на колена, кој седнат на подот, кој задремал на нозе како муле; бледи, измачени, како по тешка битка што траела цела ноќ.

Превод од италијански: Кристина Плечиќ

Извор: Девојката што паѓа, Темплум, Скопје, 2005.

Слики: Cinta Vidal

ОкоБоли главаВицФото