Наместо лудачки кошули во економијата, потребно е да се испотат седум кошули во политиката!

01.07.2015 09:36
Наместо лудачки кошули во економијата, потребно е да се испотат седум кошули во политиката!

Апсурдно е како ние Македонците очекуваме некакво враќање на демократијата благодарение на ЕУ. Актуелната криза и поделба во рамките на самата Европа ни покажуваат дека континентот и заедницата се зафатени од далеку посериозна политичка криза и демократски дефицит кој не се решава само со креирање на повеќе институции.

Зошто и актуелната криза со Грција, како и генерално кризите на јужните членки, и нивната наводна дистанца од ефикасните северни членки е резултат на политичка проблематика, а не на самите граѓани. Тоа е криза на нееднаквоста која владее во Европа и која прогресивно се зголемува. Ако југот има повеќе мафија, криминални и коруптивни елити и кафкијанска бирократија, јасно е дека нивната ефикасност ќе биде послаба. Значи, проблемот не е во луѓето, проблемот е во политиката која не е единствена.
Решението за Европа може да произлезе не низ монетарни и економски унии, квоти и спредови, туку низ политичка унификација над суверените борби против криминалот и корупцијата, за работнички права, за социјална правда и велфер, за човекови права, за слободни и критички медиуми, односно сите оние работи што кај нас не функционираат, а богами не функционираат ни обединето, демократски и политички во Европа.

Повеќе од економски рецептури, кои се важни, повеќе од надминување на конзервативизмот и неолиберизмот за сметка на експанзивни и кејнзијански решенија, на Европа ѝ треба обедината политика на прашањата кои потоа ја тангираат економијата и служат како засилувач на поделбите и нееднаквоста. Наместо лудачки кошули во економијата, потребно е да се испотат седум кошули во политиката и да се оствари реално политичко обединување околу социјалните и слободарските проблематики.

Значи, враќање на политиката, нејзино ослободување од економијата и финансиите, надминување на партиските системи и на нивната приватизација на јавното. Како што може да забележите, истото недостасува и во малата Македонија.

***

Многу е интересна аналогијата како две земји од југот на Европа покажуваат напори, се разбира недоволни, за потребата од универзална и интернационална валидност на демократските принципи и вредности.

Но, разликата помеѓу Грција и Македонија е преголема од повеќе аспекти. Додека Грција ја изврши својата народно-активистичко-политичка унификација против закоравениот бипартитизам на големите олигархиски семејства, и денес како плебејци се борат против патрициите на европската олигархиска плутократија, во Македонија таа транзиција не е изведена и ние допрва треба да го изодиме патот против домашните олигархии.

Сириза успеа да ги освои домашните институции, па да тргне во обид за трансформирање на европските. А нас нè чека долг и макотрпен пат да разбереме колку треба народниот плебс да се обедини против политичко-економските елити кои уво не ги заболе за граѓаните.

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото