Смртта е услов за опстанокот на Македонија!

03.07.2015 14:57
Смртта е услов за опстанокот на Македонија!

Пред извесно време на некои од порталите, мислам дека беше Е- новине на Перо Луковиќ, наидов на обраќањето на Вилијам Фокнер при доделувањето на Нобеловата награда за литература во 1948 или 49-та година, не сум сигурен... Таа реч на големиот писател потоа е преобјавувана со одредени редакции, така што не знам дали сме читале ист материјал, но работите за кои тука ќе стане збор, тие страшни паралели со Македонија, па и со светот после седумдесет години, се фасцинантни.

Треба да се знае, како мал вовед, дека тоа е време во кое светот излегува од траумите на Втората светска војна, време во кое на хоризонтот сосема јасно се исцртуваат контурите на прогресот, на радоста, на рокенролот малку потоа. Се разбира, грижите не се сосема исчезнати: се задава студената војна и жестокиот корејски судир и многу други предизвици, но општо земено, претстои период на глобален мир и просперитет во сите области!

Е, сега, во таков момент, еден голем човек, во многу специјална ситуација, во едно кратко и за такви услови обраќање, наоѓа за потребно да укаже на проблемот на стравот како категорија што битно го ограничува човекот и неговите потенцијали, квалитетот на неговиот живот и можните дострели што му стојат како совладливи предизвици! Како крајно опасен и штетен по интегритетот на човекот.

Второ, Фокнер укажува на феноменот што се дефинира низ траењето на стравот и низ спремноста на човекот да му се адаптира, да престане да се плаши, да не го доживува стравот како нешто срамно, ограничувачко и опасно за својот интегритет, туку како дел од себе, како нормален, дури, би рекол, добар дел од својот интегритет!

Фокнер мисли толку лошо за оваа, тој ја нарекува кукавичка категорија, што се залага за протерување на стравот. Тој израз го употребува: протерување на стравот.

Мислам дека не е потребно никакво дополнително аргументирање за да се фатат паралелите со Македонија!

Јас си земав слобода да кажам дека многу е важно не само да се ослободиме од таканаречените физички стравови, па и психички, на оние, сакам да кажам кои се однесуваат на работното место, таа фамозна и фасцинантно манипулативна категорија или на слични стравови, дека ќе ве остави жената или дека ќе ве фатат пијан на работното место, дека може да ви падне саксија или метеорит врз главата, или дека некоја будала може да ви го запали џипот или да ве скрши од ќотек или, дури, да ве убие, туку и на стравовите од критичкото разгледување на таканаречените мета-теми, мета-нарации, на теми какви што се нацијата, државата, црквата, верата, партијата...

Ова не е пледоаје да ги протераме крупните теми туку да го протераме стравот од нив. Тие теми се како ниски плафони што нè држат згрбавени цел живот.

Јас сум живеел и работел во време кога не сум бил свесен за тие плафони, потоа сум работел во време кога сум бил свесен, но сум внимавал главата да не ја кренам превисоко и да не го пробијам плафонот, просто не сум сакал да влегувам во одредени конфликти, значи од опортунистички причини и на крајот сум живеел и работел во време кога сум се изборил да останам без какви и да било плафони и тавани, слободен и ограничен само од чувството на одговорност, од одредено од некое ниво на знаење и моралност. Од ништо друго, од никакви други авторитети. Можам сосема нескромно да кажам дека чувството е фасцинантно, дека е сврзано со милион ризици и штети, но чувството е фасцинантно и е незаменливо.

Еден од тие тавани што нè држат згрбавени е вмро. Намерно ги пишувам со мали букви. Најточната дефиниција на нашата драма е сјорановската дефиниција: ние сме жртва на политичката концептуализација на митот за вмро. Тоа е време на декаденција, агонија и смрт, вели филозофот! Колку е полажен митот, концептот е потрагичен, а нашиот мит е апсолутно лажен. Сјоран вели дека нема никаква смисла да се борите против тие процеси кога ќе фатат да се развиваат туку да се стимулираат.

И тука доаѓам до поентата која никогаш не сум ја споделил и која е една сосема оптимистичка варијанта! Со своето делување односно неделување, со нискиот или безначаен отпор на вмровската концептуалистичка деструкција, со беневоленцијата кон декадентната распојасаност, македонското општество ја стимулираше агонијата и патот кон смртта и во сјорановска смисла се однесуваше, всушност, позитивно, освојувањето на смртта тука се јавува како позитивност.

Прво, затоа што на тој начин се доближуваме до расчистување на теренот да изградиме нешто ново, нова Македонија, тоа е многу важно да го разберат сите што учествуваат во решавањето на оваа драма, значи никакво спасување на Македонија ваква каква што е, туку изградба на нова Модерна Македонија и, второ, доближувајќи се до својата цел - смртта на Македонија, вмро се доближува до сопствената смрт, тоа е толку логично и затоа тука нема никакви основи, освен глупандерски, да ја спасуваме партијата, а да ги го бркаме лидерите!

Тоа што е за дорастурање треба да се дорастури и да почнеме одново!

Тоа е единствениот став што може да произведе општа општествена хемија и енергија за нови подвизи!

Тоа треба да им се објасни на луѓето од Европа и од САД!

Слушам дека магнетната резонанца на Стејт департментот покажала дека власта во Македонија е канцероген тумор со раширени метастази низ сите општествени органи.

Потребни се повеќе тешки операции, грозни хемиотерапии, радикална промена во исхраната и, воопшто, во животниот режим на болниот!

Јас мислам дека дијагнозата е добра, но дека во оваа форма и пациентот и неговата болест позната под името вмро, треба да се пуштат да умрат, односно не да се пуштат да умрат туку да се умрат, да им се исклучат сите апарати, за да може да се расчисти теренот за нова Македонија! Тоа е ризично, се разбира, но помалку е ризично, неспоредливо помалку ризично, од обидите да се замачкуваат работите што немаат никакви шанси да го спречат драматичниот исход!

Јеби га, што се мора не е тешко, и да умреш колку можеш ќе се спасиш! Уствари, само ако умреш ќе се спасиш, викаше една кумановка!

Тоа е тоа што беше изложено погоре!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат