Една голема (в)работилница

04.07.2015 11:28
Една голема (в)работилница

1.

Мислам дека г-дин Тричковски дефинитивно претера. Што сега му пречат белите маички на новинарите на „Вест“? Па уште: „… јебале вас белите маички“! Зошто? А на нив убаво си пишува – „Македонија вработува“. И што тука има погрешно?

Ама, ако Македонија е навистина нешто во изминативе години, тогаш тоа е една голема (в)работилница. Тука се (в)работи сè и сешто и се вработува сè и сешто. Од шуто до рогато, од ќораво до слепо, од криво до сакато … од глупо до поглупо. И сите нешто работат, и сите се вработени. И им се даваат „решенија“ за една година унапред, и им се ветуваат брда и долини и им се раскажуваат приказни за мали деца. И овие – веруваат. Баш ко мали деца. Ко Ристо Никовски, на „24“! (И кога сме кај него, може ли некој да објасни како човек со таква „логика“ можел да биде амбасадор? И може некој да ни каже кој и зошто воопшто некогаш го вработил? И сите оние други ко него, од онаа „амбасадоркана“ во Хрватска па надаље? И сите овие двесте и кусур илјади во јавната администрација? Е што е тоа ако не е вработилница?).

И сега ги најдоа новинарине на „Вест“, само тие не чинеле па ќе ги отпуштаат? А имат убави маички. И, плус, ми се допадна нивниот „перформанс“ со мобилните и селфито. Многу слично како неодамнешниот перформанс на „Протестирам“ во милиот ни Театар на спрдачината и Н.В. директорката. Која што, еве, покрај партиското пренемагање наречено глумење, организира и меѓународен фестивал, ама со театри од Македонија. Добро, и еден од БиХ! Каква инвентивност од нашата најдобра глупица, според „великанон“. Ама, ете, чекам, имено тој ист „великан“ да се јави и да протестира и против перформансот на новинарите не „Вест“ односно да го каже судбоносното „за“ нивното (потенцијално) бркање од работа. И како воопшто се осмелуваат да протестираат против газдите? Та тоа е непојмливо во оваа (в)работилница!

2.

И ене, како убаво ја вработија и дотичната „госпожа“ да носи бурек во Археолошкиот музеј на Македонија. Ним навистина им требаше уште само тоа, односно таа. Сè друго им е потаман, иако зградата веќе почнала да им се распаѓа, да пука. А како и не би под товарот на толку глупост набиена во неа. Пазете: ем Археолошки музеј, ем Уставен суд ем Државен архив! Мега глупост, на квадрат. Плус проектантот. И разбирливо, веќе во старт, после само неколку месеци, Археолошкиот музеј станува – археолошки експонат! Чуди невидено. И повторно ќе доаѓаат странци да го гледаат како којзнае кое по ред светско чудо. Само не знам зошто не го изложат внатре – а може и надвор, пред влезот, уште подобро – и главниот „проектант“, па главниот изведувач, па главниот … падар, сè до Големиот архитект. Нека ги гледаат луѓето, нека знаат чие дело е тоа. Нека направат еден споменичен ансамбл, за сликање, па и за „селфи“. Ако дозволи „великанон“, се разбира, зашто тоа може ќе го крсти напад и врз овие велелепни институции?

И навистина мислам дека треба да се определи еден ден во неделата кога сите вработени глаучи во државава, со нивните пулени наречени јавна администрација, би се построиле пред нивните институции, народ да може да ги гледа. И кога велам сите, мислам од Хорхета па надолу. Ќе се одбере еден ден, еве на пример понеделник, сите ќе си се постројат пред влезовите и ќе можеме да ги видиме кој за што е надлежен. Зашто вака изгубивме и ред и рачун кој каде е, кој за што одговара, кој што работи односно – не работи. Така би си имале увид, и ние и тие. Зашто, сигурен сум, и власта изгубила есап каде кого вработила. Кој што прави или треба да прави. Вака – сите на ачик, па бирај аго шта ти драго!

Едновремено, мислам дека пред институциите треба да се наредат и оние кои чекаат вработување во нив, оние на кои нешто им е ветено, оние кои добиле пред-договори или пред-решенија дека ќе бидат можеби вработени во 2021 година итн. Зошто? Па така ќе видиме зошто одделни персони хистеризираат низ медиуми, зошто се прават луди како оној Никовски и братија, зошто со нокти и со раце и со нозе се држат до налудничавите тези во одбрана на власта. Само така ќе видиме кој какви ветувања има и на какви трки трча. Така на време ќе ја видевме и онаа што треба да носи бурек во Археолошкиот музеј. И многумина други – жени, мажи, синови и ќерки, браќа и сестри … сите наредени пред институции, сосе пред-договорите в раце. Милина!

3.

Па така, почнувајќи од горе, од Хорхета, па надолу, би имале одлична претстава кој сè за џабе ги јаде државните пари. Или, можеби, Хорхе треба да го поштедиме, човекот често заспива, губи фокус и перцепција. Него би можел да го застапува новиот му советник, а? А да ја имавме воведено мерката порано тој ќе стоеше во другиот ред, кај оние кои чекаат вработување во Кабинетот и ќе ни беа појасни сите негови лудории.

Како и да е, значи од Водно па надолу, преку неколку министерства, па МАНУ (со сите оние „надежни“ кои чекаат и пред нејзините врати!), па Владата, па разноразни агенции и дирекции … би виделе импресивна галерија на ликови. Сè кој до којега, „кремот“ на оваа македонска лудница. Е тогаш оној од Антикорупциска не ќе можеше така да бега од новинарите. Ќе мораше да стои мирно пред влезот во зградата и да одговара на прашања како и за што арчи државни пари. Или, кога ќе се наредат заедно оние од Обвинителството, сосе Зврлевски, ама и оној претходниот кој сега држи лекции за кодификација и закони. Па, па, пааа, каква глетка би било тоа.

Се разбира, не би требало да се заборават и универзитетите, барем оној државнион, се разбира. Тууу, каква „интелектуална“ збирштина бо добиле: нацуцулени ректорчиња ко оној одликуванион, па до нив деканчиња, па профресорчиња … па од другата страна сите оние идни наречи-професорчиња на кои некој нешто им ветил и само чекаат ред да ја фатат фотелјата … Нормално, културата би дошла на крај, како шлаг на тортата, сосе „министерката“, па нејзиноно директорче на Управата за уништување на културното наследство, па една цела булумента домаќинки и домаќини кои глумат директори низ културните институции … Таква карикатура ни Цицо Поповиќ не би можел да нацрта!

Само така би станале свесни за оваа целосно вработена работилница наречена Македонија, во којашто ништо не се произведува. Освен глупост, лаги и криминал! И непријатели, се разбира. Сите што не се пред институциите, се против нив. Тоа е јасно ко бел ден и не ни треба дури ни Никовски да ни го објасни.

4.

Само една таква слика ѝ треба на оваа (в)работилница. Му треба додуша и на г-динот Заев за да точно види кого сè оваа држава плаќа, и за што. Еден таков панорамски кадар веројатно би ги развеал идеите дека таа јавна булумента којашто некој сака да ја нарекува администрација треба да ја задржи на работа. Зошто, и кому му е потребна? Македонија никогаш немала понеспособна јавна булумента од оваа, која (не)свесно ја води земјата кон катастрофа. Нивната докажана неспособност е веќе легендарна, епска. Замислете како би изгледале потенцијалните преговори со ЕУ кога на наша страна би седнале овие „стручњаци“. SF хорор! Затоа, ни на г-динот Заев ниту пак некому друг му требаат којзнае какви тестови или проверки на способноста на оваа администрација. Нивниот групен портрет е на виделина толку години. Сосема доволно ќе биде само уште еден поглед врз нив, онака построени, некој понеделник … од Хорхета па надолу!

Слики: Свирачиња
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com