Личното е политичко

04.07.2015 18:15
Личното е политичко

Во текот на вчерашниот ден прочитав текст од дотичната Искра Коровешовска со наслов „Хомофоби и пропагандисти“. Овој текст беше објавен во Дневник, каде и порано можела да се прочита хомофобична содржина.

Во текстот, авторката се обидува да се осврне на изминатата Недела на гордоста, која беше одбележана во Македонија. Таа вели дека оние кои не се сложувале со овие ставови биле линчувани и дека и ним им била потребна поддршка. Понатаму, споменува дека кампањата која била спроведена била „насилна, наметлива и агресивна“. Исто така, го поставува прашањето: „Што припадниците на ЛГБТИ заедницата ги прави позначајни и посебни од останатите во Македонија?“. На крајот од текстот следи следниот заклучок: „Сексуалната ориентација е дел од човековата интима, и никој никому нема право да му кажува што треба и со кого да прави во својата постела. А пропагандистичката машинерија на ЛГБТИ заедницата ги надмина сите граници на активност“.

Како активист за човекови права, особено поврзани со родовиот идентитет и сексуалната ориентација, чувствувам потреба да ѝ објаснам и одговорам на Коровешовска на некои недоумици кои очигледно ги има.

Најпрво, сакам да ја потсетам дека како новинарка би требала да знае за разликата помеѓу слобода на говор и говор на омраза. Она со што се соочи ЛГБТИ заедницата, особено на социјалните мрежи во изминатиот период беше говор на омраза. Говорот на омраза подразбира повикување на насилство како и деградирање на одредени личности или група. Доволен доказ за тоа е Фејсбук настанот за „Лезбејскиот пикник“ кој се одржа во рамките на Неделата на гордоста. На Фејсбук настанот сè уште може да се прочитаат секакви навреди упатени кон заедницата, повик за насилство, закани... Имено, тоа е напишано од личности кои не се сложуваат со ЛГБТИ заедницата, но тоа не може да се квалификува како слобода на говор и изразување на мисла, туку како говор на омраза.

Во поглед на „агресивната“ кампањата, би сакала да прашам како на истата авторка до сега не ѝ пречела агресивната и наметлива кампања за трето дете и многудетни семејства, која впрочем беше емитувана на јавниот сервис, секако, платена со нашите пари? Дали оваа кампања не е наметлива и не навлегува во приватноста на сите? Дали државата треба да троши наши пари за да ни држи лекции за планирање на НАШЕТО семејство, со акцент на интересот на државата, а не на граѓанинот? Според мене, оваа кампања е многу поагресивна бидејќи навлегува директно во мојот џеб како и во моето тело, со тоа што државата се обидува да ги наметне своите вредности во мојот избор.

На прашањето: „Што припадниците на ЛГБТИ заедницата ги прави позначајни и посебни од останатите во Македонија?“, има еден доста опширен и комплексен одговор, кој пак е од друга страна е доста едноставен. ЛГБТИ заедницата е постојано под притисок и закани. Кога зборуваме за правата на ЛГБТИ заедницата, да се потсетиме дека оваа заедница не е целосно заштитена ниту во Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде основата за дискриминација врз основа на сексуална ориентација е ставена под „друго“ и тоа го отежнува процесто на заштита. Исто така, да потсетам на многубројните регистрирани напади врз оваа заедница кои сè уште не се разрешени, туку одговорот за разрешувањето е: „Истрагата е во тек...“.

Во општество како нашето, сè уште не можеме да говориме за другите права кои на оваа заедница треба да ѝ бидат обезбедени, од причина што животите на овие луѓе се под постојана опасност. Токму тоа ги прави поранливи од другите заедници, а со тоа и посебни во третманот кој треба да им се пружи.

На крајот, би сакала да позборуваме малку за ставот дека сексуалната ориентација е дел од човековата интима. Тоа е апсолутно точно, но она што Коровешовска го заборава е дека ЛИЧНОТО Е ПОЛИТИЧКО. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се дел од инитмата, но како такви тие се политичко прашање. Всушност, кога зборуваме за сексуална ориентација зборуваме и за хетеросексуалната ориентација која претставува основа за многу права кои луѓето ги имаат. Така, правото на брак, правото на основање семејство, на социјална заштита, на заштита од дискриминација произлегуваат од хетеросексуалната ориентација, па од тоа можеме да заклучиме дека таа секако претставува политичко прашање. Ист е случајот и со хомосексуалната ориентација. Правата и третманот на лицата со хомосексуална ориентација претставуваат политичко прашање кое треба да добие на значење и за кое треба дури и повеќе да се дискутира од досега.

Хомофобијата во текстот на Коровешовска се забележува во очигледната затвореност во ставовите и во недостатокот на аргументи, заменети со индиректни напади кон ЛГБТИ лицата и активистите. Во овој случај се согледува ситуацијата која е многу слична со ситуацијата во нашето општество, а тоа е парцијален и селективен пристап во анализирањето на човековите права и јасна дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.

Извор: www.lgbti.mk

ОкоБоли главаВицФото