Филмовите со кои го опишував груевизмот (2 - Митови)

07.07.2015 12:40
Филмовите со кои го опишував груевизмот (2 - Митови)

Eraserhead / Roma

Ми се допаѓа пристапот на Дејвид Линч: „откривањето“ на нештата понекогаш е нивно уништување. Пробивањето воздух во старите крипти понекогаш значи нивно распаѓање. Линч во едно интервју објаснува дека за потребите на филмот Eraserhead набавил една мртва мачка и ѝ ја отворил утробата. Под влијание на воздухот боите на внатрешните органи видно бледнееле пред неговите очи. Таа ситуација Линч ја споредува со сцена од филмот на Фелини, „Рим“. При копањето тунел под Рим, група археолози пробиваат во една просторија полна со фрески; но, пробивајќи го ѕидот тие во просторијата внесуваат воздух и фреските видно брзо почнуваат да бледнеат.

Утробата на мртвата мачка

Индијана Џонс / Маратонците го трчаат последниот круг

На Македонија ѝ се случи трикот од филмот „Индијана Џонс“, кога Инди го краде златниот идол од постољето осетливо на промена на тежината и вешто го заменува со вреќа песок. Груевизмот ја украде Македонија и на нејзино место постави - испишана свиња. Забавна, смешна, можеби психоаналитичарска свиња-екран, но зборот ми е - паднавме на трик, на финта, на магија.

Можеби уште посликовит, во однос на нашите состојби, е еден друг чудесен филм, „Маратонците го трчаат последниот круг“. Таму Били Питон (Зоран Радмиловиќ) тргува со мртовечки сандаци. Тој и неговите работници откопуваат гробови, но го вадат секогаш истиот сандак, од којшто претходно, се разбира, го исфрлаат покојникот, за измиениот и дотеран производ да можат да го испорачаат, по поволна цена, до погребната фирма Топаловиќ.

Четириесет години по настанувањето на текстот на култната трагикомедија и дваесет години по шетањето на српските коски од поповите на Милошевиќ (кои тврдеа дека Србија е таму каде што се српските гробови, подготвувајќи ја војната), Били Питон одново копа гробови и одново вади мртовци. Овојпат во Република Македонија, најстарата земја на светот, со најдлабоките гробови на светот. Од копањето гробови, менувањето мртовци и шминкањето користени сандаци груевизмот направи најдоходовна политичка индустрија. Уште повеќе, светнатиот употребен мртовечки сандак стана симбол за - Македонија. Слизни го мртовецот во безимената јама и поклони му се на ковчегот-идол.

Испишаната свиња

Beau Geste

Груевизмот го третира македонскиот народ онака како што го третирал и фамозниот француски конзул во Битола, од почетокот на 20 век, кој на шега изјавил дека кога би имал милион франци би можел да ги преобрати локалните Словени во Французи, смислувајќи им приказна дека се тие наследници на Норманите од крстоносниот поход од 12 век. Така и Груевски мисли дека со неколку стотици милиони евра, со мизерни стратегии на еден широк културен инженеринг и со масовен и бескрупулозен агитпроп преку ноќ може да го промени себеразбирањето на Македонците. Брејлсфорд (во чија книга, „Македонија“, од 1906 година, се спомнува анегдотата со францускиот конзул) коментира дека Грците издвоиле многу повеќе пари за Македонија, а сепак ја изгубиле. Така, неславно, на ѓубриштетото на најбизарните историски потфати, ќе заврши и проектот на Груевски да ја хеленизира („класицизира“) македонската култура.

Во меѓувреме, сеирџиски чекајќи груевизмот да изгние самиот во себе, што треба да правиме ние, граѓаните?! Да се спротиставуваме, да бојкотираме?! Искрено, уморен сум од совети. Но, не ме мрзи накусо да раскажам, можеби наместо совет, еден интересен американски филм од 1939 година, Beau Geste. Станува збор за класична холивудска авантуристичка мелодрама во која три брата живеат со својата добродушна тетка. Најстариот од нив (Гари Купер) прави еден несфатлив потег што наликува на неблагодарност и суровост: го краде скапоцениот сафир "Blue Water", гордоста на семејството на тетката, и исчезнува, знаејќи дека неговиот углед засекогаш е уништен. Зошто го прави тоа? Дури на крајот на филмот дознаваме дека тој наизглед ексцесен чин Гари Купер го направил за да го спречи непријатното откритие дека сафирот е лажен. Никој освен него не знаел дека тетката пред скорешно време морала да го продаде скапоцениот камен на некој богат махараџа за да го спаси семејството од банкрот и дека продадениот сафир бил надоместен со негова евтина имитација. Непосредно пред кражбата Гари Купер дознал дека еден далечен роднина, косопственик на скапоцениот камен, посакал да го продаде накитот поради финансиска корист; но, ако накитот се продаде, недвосмислено ќе се открие дека е лажен, па главниот лик може да го сочува достоинството на тетката и на семејството само така што ќе исфингира кражба.

Нормани за милион франци

Триумф на волјата

Антиквизацијата, денес почнувам да разбирам, е освета на поразениот социјалистички реализам маскиран во националистичко кожувче. Одмазда на парохијалците и патријархалците кои мислат дека националната култура е кутија за кибрит: отвараш и затвараш кога сакаш, палиш по желба. Една нова класа над-Македонци (некои од нив самите се нарекуваат Македоноиди, пра-раса од која сè потекнува) сакаат културна валоризација на својата величественост (набутани во кутивчето). Исто како што комунистот и фашистот сакаа да ја естетизираат импозантноста на своите идеологии (во филмот „Триумф на волјата“ на Лени Рифенштал, на пример, Хитлер се симнува од облак).

Во дуќанот на бескрајните знамиња

Александар Велики

Атина, 1900 година. Разбојникот Александар бега од затвор. Граба неколку британски дипломати за да добие помилување, но и за да им биде вратена земјата на селаните во неговото село. Кога власта ќе му ги задоволи барањата, Александар се враќа во родниот крај. Таму еден учител ја организира заедницата според моделот на анархосоцијализмот. Александар набрзо ја презема целата власт во селото и воведува терор.

За својот филм „Александар Велики“ Тео Ангелопулос 1980 година во Венеција е награден со Златен лав за новите кинематографии. Критиката во филмот видела метафоричка осуда на револуционерните утопии и на желбата за моќ, низ користење на митски и историски алузии за античкиот владател Александар Велики.

Триесетте години поминати од филмот на најпознатиот грчки режисер покажуваат дека Република Грција сеуште не излегла од 19-иот век. Ново е што безмилосното балканско-античко сонце во меѓувреме ги зовре главите и на соседите-Македонци, од новата држава, Република Македонија, која својата вистина ја бара по истите идентитетски беспаќа (можеби е до сонцето; ми текнува на крајот на романот „Странец“ од Албер Ками; кога на судењето за убиство судијата го прашува Мерсо, главниот лик, што го навело да го убие Арапинот, овој дава незаборавен одговор: „сонцето, со својата неподнослива блескавост и врелина“).

Филмовите на Ангелопулос (на пример, неговиот најпознат филм, Патувачките глумци, од 1975 година) често функционираат врз две семантички рамништа: на едното секојдневниот семеен живот се прикажува како мит, а на другото рамниште општествено-политичките и воените судири функционираат како реална историја. Животот на луѓето испаѓа како некаква халуцинација во однос на ветриштата на историјата кои дејствуваат како „природни“ катастрофи. Се чини дека балканските политичари се однесуваат на истиот начин, како „патувачки актери“: за нив не се реални секојдневните човечки проблеми и грижи, а хиперреални се митовите, легендите и фабрикувањето историја со цел поданиците да се држат на кусо сиџимче, т.е. постојано да се злоупотребуваат за потребите на културно-политичките елити.

Црвениот опаш на лисицата

(продолжува)

1 - Идентитет

ОкоБоли главаВицФото