Скопје 2014

12.03.2010 12:26
PAB-logo.jpg

Откако ја погледнавме скапата визуелизација за тоа како треба да изгледа Скопје во 2014, ставот на Прва Архи Бригада останува непроменет. Ние и понатаму сметаме дека проектот на Владата претставува целосно и погрешно разоблучување на градот и од аспект на урбанизам и од аспект на архитектура, а секако и од аспект на инфраструктура која е целосно запоставена во проектот, а всушност е главен проблем на градот.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека не е точно тоа што го изјави Министерката за култура, која што одговорноста за ваквата историска грешка сака да им ја препише целосно на архитектите, под изговор дека конкурсите биле транспарентни, архитектите сами нуделе такви решенија во историски стилови. Вистината е дека во документациите на конкурсите стоеше “диктат” или урнек (со слика или текст) од нарачателот, за тоа како треба да изгледа фасадата и кој стил треба да се применува. Затоа одговорноста за ова историско промашување треба целосно да ја превземе владата-нарачателот, некои од архитектите послушници како и стручната јавност која не е доволно гласна во искажувањето на своето незадоволство од ваквиот развој во архитектурата.

Друг интересен момент кој зборува колку оваа идеја е промашена е дека самите луѓе на кои им се допаѓа видеото, коментираат дека Скопје конечно ќе заличи на европски град, на Париз, на Рим, на Венеција. Ја препознаваат архитектурата и елементите кои ги оформуваат историските јадра на тие градови што значи дека целата приказна која владата сака да ја продаде со ова видео, за нашето македонско минато, нашето наследство и автентичната македонска архитектура, пропаѓа. Оние кои го бранат владиниот проект за разобличување на Скопје, говорат дека не треба да се прават copy/paste модерни згради од Европа и дека мора да се насочиме кон проектирање врз основа на нашите традиции, при тоа заборавајќи дека всушност проектот на владата е copy/paste на европските историски стилови.

Ние имаме неолит, антички градови и населби, имаме Византија, имаме средновековна станбена архитектура која била инспирација за создавање на некои од начелата на модерната архитектура, имаме османлиска архитектура. Конечно тие што сакаат да го видат нашиот македонски барок нека појдат во нашите цркви и манастири и нека ги погледанат извонредните иконостаси- тоа е нашиот барок, а не објектот на Министерството за надворешни. Имаме модерна архитектура, имаме земјотрес, имаме град на солидарноста и објекти донации од многу земји во светот. Имаме Кензо Танге, еден од најзначајните светски архитекти. Имаме наши автори кои изградиле модерни згради инспирирајќи се од нашата традиција. Тоа се вистинските вредности кои ги поседуваме и со кои треба да се гордееме. Туристите од светот сигурно нема да дојдат во Скопје за да гледаат карикатури од неокласицизам, барок, неоантика изградени во 21виот век.

05.02.2010

Извор: pab.blog.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото