1029 hPa
38 %

12 °C
Скопје - Нед, 09.02.2025 13:59
Кога гледаме кон Грција ни изгледа дека постои само еден филтер: оној наметнат од страна на економистите, Тројката, и најпосле од Сириза, бидејќи сите разговараат само за економијата, додека во позадина (или впрочем отворено) се одвиваат низа процеси, кои би можеле да станат сè поголем проблем. Имено, додека ја гледаме економската слика, како сите да пропуштаат да го забележат јакнењето на националистичката реторика, која овојпат доаѓа од лево, па веројатно затоа и се занемарува? Истовремено, се заборава дека токму Ципрас при преземањето на власта изјави дека „континуитетот на државата продолжува“, со што јасно даде до знаење дека сè останува исто, но со некакви реформи.
Набрзо откако Ципрас им се обрати на граѓаните на Грција во својот телевизиски говор (27 јуни 2015 година) кој многумина веднаш го прогласија за „историски“, изостанаа коментарите на националистичката реторика што ја користеше, неколкупати повикувајќи се на суверенитетот, историјата, националното единство па дури и на тоа дека Грција е „колевка на демократијата“ (ова последното е особено интересно бидејќи „демократијата“ на античка Грција се темелела врз работната сила на робовите и власта на граѓаните). Главно, суверенитетот, дигнитетот и националното единство во говорот беа такви што ни Фрањо Туѓман не би се посрамотил од таквата содржина.
Нормализираниот национализам
Всушност, сето тоа не треба да нè зачудува. Грција е изградена со национализмот и империјалистичките тенденции на своите владетели; од осамостојувањето со војни ја ширела својата територија или повремено ја губела, но паралелно со освојувањето територии била смислувана и нова верзија на историјата – онаа во која грчката култура, јазик и православие биле угнетувани, а за сè биле виновни отоманските (и другите) окупатори. Се разбира, вистината е малку поинаква, токму како што тоа секогаш е случај во сите новосоздадени национални „историски вистини“ бидејќи освен што опстанало сето споменато и постоело паралелно со останатите култури и религии, тоа не им пречело на националистите денес да „измешаат“ сè што не е грчко.
На пример, во Грција не можете да се напиете „турско кафе“, но ако нарачате „турско кафе“, она што ќе ви се послужи има вкус, мирис и изглед токму како и турското кафе; се подготвува во ѓезве и се очекува полека да го пиете. Се разбира, сето тоа е исклучиво и само грчка традиција, сосема неповрзана со што било друго. Исто така, имате можност да јадете грчки баклави, грчка алва, гирос (кој, се разбира, нема никаква врска со ќебапот), а сето тоа опкружено е со многу државни знамиња, што лесно може да се поврзе со новата традиција на соседните балкански земји, кои ете исто така мака мачат со создавање автентична и само своја традиција. Се разбира, ова се само примери на секојдневно ниво и само делумно го доловуваат нивото на нормализираниот и сосема вообичаен национализам и негирањето на сè што можеби нема грчки предзнак. На општествено ниво, проблемот е далеку подлабок и посериозен од тоа чии се кафето или баклавата.
Во такво окружување и заради фактот дека главните сојузници на Сириза во власта се Независните Грци, десничарска партија на која ѝ го доверија управувањето со војската (преку министерството за одбрана), можеме да кажеме дека таквата националистичка реторика е разбирлива. Разбирлива, но никако прифатлива.
Не треба да се заборави ни тоа дека Грција е „бедемот“ на Европа, една од првите црти на „одбраната од мигрантите“ и таа работа веќе со години се извршува послушно, брутално и без многу прашања од страна на ЕУ за методите, мртвите, затворените. Тука Сириза не е исклучок. И покрај големите ветувања, токму деновиве се подготвува терен за изградба на нов „центар за странци“ во Аксиополи (северот од Грција), без големо медиумско внимание и расправа за ова прашање кое е само едно од оние за кои веќе не зборува Сириза.
Станува збор за затвор, иако „поубаво“ звучи „центар за странци“, во кој се држат лица без документи, што самото по себе не е злосторство, но се третира така што луѓето без судење или каква било правна процедура завршуваат в затвор. Не треба да се заборави дека токму заради тоа Грција е важна за ЕУ, бидејќи претставува мошне остра бариера на патот на бегалците, па логично е што малкумина го отвораат ова прашање, иако е тоа „запаливо“ во Грција, но и во остатокот од Европа.
Дополнително, едно од прашањата поврзани со национализмот е и прашањето за милитаризмот, односно војската која во Грција има посебна улога, но е подеднакво важна и за ЕУ која сè повеќе ја префрлува одбраната на „тврдината Европа“ кон воените сили. Во Грција сè уште е на сила задолжителното служење воен рок и во последните години се актуелизираше отпорот кон милитаризмот, па сè повеќе се оние кои го изразуваат својот тотален приговор на совеста, одбивајќи каква било присилна служба. Пред освојувањето на власта Сириза ветуваше дека ќе го реши тој проблем, но сега веќе не се разговара за тоа. Згора на тоа, ѝ го дадоа тој ресор на десницата, а војската, која пред 40 години уште владееше со земјата, и понатаму има важна улога која не се доведува во прашање.
Политичка партија без општествена база
Нешто што може да нè изненади нас кои набљудуваме од страна е тоа дека Сириза, имено, нема општествена база. Имаат гласачи, тоа е вистина, но немаат база на која можат да се потпрат или во соработка со која би можеле да работат на нужни општествени, политички и економски промени за тој дел од светот најпосле да почне да живее без притисокот на капитализмот. Иако тоа може да изгледа чудно, но факт е дека Сириза не израсна од општествено движење, туку се создаде како коалиција која го „јавна“ бранот создаден од општествениот бунт и во моментот кога ПАСОК падна на најниски гранки, едноставно ја пополни празнината во политичкиот простор. Што е мошне интересен феномен, историски гледано, бидејќи ПАСОК беше создаден од општествените движења од почетокот на осумдесеттите; но, вообичаено, со доаѓање на власт тие станаа уште една корумпирана партија и никаква социјалистичка историја и социјалистички предзнак не помогнаа тоа да не биде така. Едноставно, не можеш во гнила куќа да вградиш нова штица и да се надеваш дека и таа нема да стане гнила. Меѓу другото, мој став е дека самата амбиција за доаѓање на власт е доказ за „гнилоста на штицата“.
Главно, Сириза се создаде како политичка коалиција со идеја за освојување на власта, со што всушност самата се осуди да има само гласачи и на тој начин мора да се однесува. А борбата за гласови значи низа популистички потези каде национализмот (или како што многумина сакаат да го нарекуваат во последно време, домољубието) е очигледен, ако не и прв избор. Но, тоа со себе повлекува низа проблеми. Додека се обидуваат да придобијат широка општествена поддршка истовремено градат конфликти врз кои е поставена службената политика. Првенствено, во грчкиот случај, тоа е градењето антигермански сентимент. Се разбира дека тоа може да се сведе на критика на политиката на власта во Германија (во овој случај како „главен“ претставник на ЕУ), но премногу добро знаеме во што се претвора тоа на улиците: во омраза кон сè што е германско, токму како што несогласувањето со политиката на Израел е многу лесно да се претвори во омраза кон сè што е еврејско. Или да ги ставиме нештата во локални рамки, да се сетиме само како несогласувањето со политиката на Милошевиќ лесно беше претворена во омраза кон сè што е српско.
Така, како одговор на притисокот на Ангела Меркел, пред амбасадата на Германија во Атина на 23 мај беше организиран собир наречен „антиимперијалистички“, а на кој беа поканети левичарските групи и неколку анархистички, што предизвика вистинска бура од реакции и осуда од страна на антиавторитарното движење и антифашистичките групи кои во ова препознаа два проблеми: првиот беше давањето поддршка на власта, а вториот е (ин)директниот придонес за јакнење на национализмот. Интересно и загрижувачки е токму тоа што левицата ја презема улогата која досега во Грција ја имаше главно десницата, па сега заговараат суверенитет и национални интереси, како токму тоа да не е коренот на проблемот.
Сириза како фактор за пацификација
Во општеството кое има силни општествени движења, особено антиавторитарно движење, кое секако и секогаш е надвор од трката за власт и претставува важен општествен фактор, преку социјалните центри, автономните простори, солидарните проекти и акции (како важното прашање за мигрантите), отпорот кон мерките за штедење, токму како и капитализмот кој е причина за кризата и бедата во која живеат луѓето во Грција, е постојан и поголем од каде било во Европа. Во таква ситуација, Сириза на некој начин беше логичен одговор на капиталот за проблемот на потенцијално револуционерна ситуација. Дури и сега, кога изгледа дека западот и северот од Европа се обидуваат да ја зауздаат „непослушната“ левица на власт, од самата победа и коалицијата, од антиавторитарните кругови доаѓаат јасни пораки за тоа дека Сириза е фактор за пацификација во општеството бидејќи се појавија како „спасители“ и со тоа ги замолчија општествените збиднувања кои не бараа решенија во институционални рамки.
Сириза, и покрај надежите на европската (и светска) левица, е сепак само партија која во рамки на капиталистичката ЕУ дојде на власт во обид да ги намали или укине мерките за штедење, но да ја задржи Грција во истиот монетарен систем, европскиот пазар и истата политичка рамка. Меѓу другото, самиот Ципрас го кажа тоа при преземањето на власта. Се разбира, многумина веројатно помислија „мораше да го каже тоа, но сега ќе им покаже што сака навистина“, но тоа „што сака навистина“, никако да дојде на ред или ако веќе дошло на ред, не покажува јасно колку и како тоа е поинакво од она што беше досега?
Се разбира, веќе две години е јасно дека Сириза исполни дел од својот мандат, дури и пред да ја освои власта. Со своето ветување дека како „нова сила“ ќе ги промени Европа и Грција, но преку институционални механизми и парламентарна „борба“, стивна голем дел од општествениот бунт кој со години беше многу жив во Грција. Не зборувам за конфликтите со полицијата и сличните „riot-porn“ содржини кои ги сакаат мејнстрим медиумите, туку за општественото движење кое препозна или почна да препознава дека институциите дури и кога „ја работат својата работа“ (како што се вели кај нас), тогаш го прават тоа за политичарите, бизнисмените, банките и ним блиските. Во таква ситуација, на сцената мораше да дојде некој нов, некој кој не носи кравата, вози мотор, има левичарска реторика, но и кој ќе ја врати верата во институциите, во „европскиот сон“, во „европските вредности“, верата и државата, и најпосле во поредокот кој бил загрозен. Засега таа „нова сила“ добро ја работи работата.
Најпосле, јасно е дека по неколку години отворена неофашистичка реторика во Грција, дури и либералната реторика може да звучи добро, јасно е дека овде не ни станува збор за промена на системот или „европските вредности“, туку станува збор за обид за зачувување на ЕУ. Само да се сетиме на фијаското и компромисните решенија на Зелените, кои од антимилитаристи дотуркаа до заговорници на војна и бомбардирање цели земји. Имаме или причина да мислиме дека сега би можело да биде поинаку?
Извор: http://h-alter.org