11 филмски холивудски пионерки

09.07.2015 10:47
11 филмски холивудски пионерки

Известувањето на Центарот за проучување жени во филмот и телевизијата од Универзитетот во Сан Диего донесе вознемирувачки податоци според кои во последните 16 години немало забележливо зголемување на бројот жени кои работат во филмската индустрија.

Холивуд навистина е машки клуб, во кој само 9% од најуспешните филмови ги режираат жени, и само 15% од нив играат главна улога. Меѓутоа во раниот период на Холивуд, повеќето од најмногу платените сценарија ги пишувале жени, а жените на екранот играле разновидни и комплексни улоги.

Дека и жените можат да бидат подеднакво добри продуцентки, монтажерки, глумици, режисерки, сценаристки и извршни директорки на филмски компании докажуваат овие 11 пионерки на Холивуд.

Францес Марион

Новинарка, уметница, режисерка и сценаристка двапати наградена со Оскар, Марион е вистинска легенда од периодот на немиот филм. Често пишувала за добрата пријателка и глумица Мери Пикфорд, меѓутоа далеку од тоа дека пишувала сценарија за таканаречените „женски филмови“. Нејзините наградени сценарија, за филмовите The Big House (1930) и The Champ (1931), раскажуваат приказни за мажите и нивната борба со насилството, сиромаштијата, славата, зависноста, пропаста и престојот зад решетки.

Мери Пикфорд

Талентирана и деловно способна, Пикфорд се занимавала со глума од малечка, а соработувала со великани како Чарли Чаплин. Со појавата на звучниот филм, престанува да глуми и почнува да се занимава со продукција. Позната е како коосновач на филмското студио United Artists, денес подружница на MGM, со пријателите и филмските колеги на Чаплин, Даглас Фербенкс и Д.В Грифит.

Анита Лус

Една од најпознатите и најплодни сценаристки од раниот Холивуд. Најпозната е по работата на филмовите San Francisko (1936), The Women (1939) и Red-Headed Woman (1932), а својата книга Gentlmen Prefer Blonds, ја прилагодила за истоимениот филмски хит од 1953 година. Уште пред тоа, напишала сценарио за The New York Hat (1912), краток филм во кој глумела Пикфорд, а го режирал Грифит, како и за низа авантуристички филмови на Фербенкс.

Марион Е. Вонг

Иако за неа не се знае многу, познато е дека била пионерка на азиско-американската кинематографија, а се занимавала со глума, режија и костимографија. Исто така, во Оукленд пред 1920 година ја основала се-кинеската продукциска компанија, Mandarin Film Company, која реализирала барем еден филм, The Curse of the Quon Gwon: When the Far East Mingles with the West (1916).

Дороти Арзнер

Феминистката Арзнер, работела во театар, на филм и на радио, а како режисерка била активна од доцните дваесетти до раните четириесетти, и во тој период била единствената жена која работела во ова поле. За разлика од многумина, успешно дејствувала и во периодот на немиот филм, но и по појавата на звукот. Низа години соработувала со Paramount, а подоцна како слободна уметница и со низа други филмски компании. Нејзини најпознати филмови се The Wild Party (1929) и Dance, Girl, Dance (1940).

Алис Ги-Блаше

Француската режисерка, сценаристка и деловна жена, Ги-Блаше работела на повеќе од 1 000 филмови, а заслужна е за вклучувањето на Афроамериканците во светот на филмот како и за развојот на подобра филмска наративна структура. Снимила низа филмови за Studio Gaumont, од кои го издвојуваме нејзиниот прв филм, La Free aux choux (Вила од зелка, 1896), а подоцна го водела и сопственото филмско студио Solax.

Џун Матис

Била една од највлијателните жени во филмската индустрија на своето време. Се занимавала со пишување и монтажа, а се смета дека додека работела за Metro била една од најмногу платените холивудски раководители/ки. Иако поживеала само до 38 година, во тој период нејзината кариера цветала, а нејзините најпознати сценарија се оние за The Four Horsemen of the Apocalypse (1921) и Blood and Sand (1922). Запаметена е и по откривањето на талентот на италијанскиот глумец Рудолф Валентино.

Ала Назимова

Филмската и театарска глумица Назимова, била вистински пример за „модерна жена“ од дваесеттите години. Учествувала во различни контроверзни, иако не нужно успешни, проекти кои им се спротивставувале на холивудските стандарди. Со Рудолф Валентино глумела во филмот Camille (1921), а продуцирала и глумела во еден од првите арт филмови, Salome (1922), адаптација на истоимената драма на Оскар Вајлд.

Марион Ферфакс

Пионерка во користењето stop-motion анимации и голема заговорничка на нови жанрови во филмската индустрија. Стивен Спилберг може да ѝ биде благодарен, бидејќи многу пред него правела филмови со диносауруси, а ја истакнуваме нејзината адаптација на романот на Сер Артур Конан Дојл, за филмот The Lost World (1925) за земјата во која владеат предисториски суштества.

Наташа Рамбова

Сценографката, костимографка, сценаристка и глумица од периодот на немиот филм, чиј стил е споредуван со францускиот експресионизам и естетиката Арт деца. Со Назимова соработувала на филмовите Aphrodite (1921), Camille (1921), A Doll’s House (1922) и Salome (1922). Подоцна работела како дизајнерка и египтолог.

Цуру Аоки

Контроверзна, но важна фигура во историјата на филмот. Нејзиниот краток период на слава бил клучен за понатамошното вклучување на другите раси во филмската индустрија во времето кога антиазиските чувства не биле реткост. На многу проекти соработувала со сопругот, глумецот Сесуе Хајакава, кој, за разлика од неа, е добро познат во филмскиот свет. Често била избирана за улоги кои ја нагласувале стереотипната повлеченост на Азијатките, меѓутоа покажувала и бунтовничка храброст, како другите страшни жени од тој период.

Извор: http://voxfeminae.net/

Слични содржини

Свет / Уметност / Филм

ОкоБоли главаВицФото