Чекорење наназад, 20 години по Сребреница

11.07.2015 10:33
Чекорење наназад, 20 години по Сребреница

Дваесеттата годишнина од геноцидот во Сребреница ќе биде дочекана без декларации за забрана за негирање на геноцидот и холокаустот во Босна и Херцеговина. Ни процесирањето на случаите на геноцид и воени злосторства не оди во вистинската насока – кон помирување и сатисфакција на жртвите. Жртвите не се сосема задоволни ни со работата на трибуналот во Хаг, кој наскоро ќе биде затворен. Сето ова е кажано на меѓународната конференција „Истражување, документирање и процесирање на геноцидот во БиХ“, која за првпат е организирана од страна на здружението на жртвите и сведоците на геноцидот во БиХ.

По дваесет години откако е направен геноцидот во Сребреница, најголем на тлото на Европа од Втората светска војна, дојде време да се утврди што е направено, за да се задоволи правдата и за да се научи лекцијата такво зло никогаш и никому да не се повтори. Страдањата на жртвите траат и денес.

„Нашата болка трае дваесет години. Нашата вистина сè уште не излегла на површина. Нашите рани сè уште крварат. Кога ќе пронајдеме една коска, ние сме среќни. Ќе ја завиткаме таа коска во свила, бидејќи каква политика се води во Босна и Херцеговина и во Европа, ќе дојде време да ни кажат: ’Вие не сте ни биле мајки, не сте имале деца‘“, рече Мунира Субашиќ, претседателка на здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“.

Затоа семејствата на жртвите бараат од правосудството да ја работи својата работа како што треба.

„Не смее да се заборави дека секое злосторство има две имиња, но и две презимиња. Еден злосторник, една жртва. Не ја заборавајте жртвата во прогонот на злосторниците. Вашето обвинение и вашата пресуда и нашето обвинение и нашата пресуда. Не дозволувајте жртвата да биде важна само тогаш кога треба да сведочи. Жртвите имаат право да дојдат до правдата и до вистината. Зарем е премногу тоа што го бараме ние, жртвите?“, се запраша Мунира Субашиќ.

Претседателот на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Теодор Мерон, истакна дека досега постоел голем број пресуди во Хаг по обвиненија за геноцид и тие ги докажале геноцидните намери:

„Иако, некои и понатаму дискутираат за тоа што се случило во Сребреница, никој не може да негира дека судиите на Меѓународниот кривичен суд во Хаг утврдија дека страшните злодела направени таму претставуваат геноцид. Ги цитирам зборовите на Крстиќ на жалбениот совет: Меѓу најгнасните злосторства кои овој суд има задача да ги осуди, актот на геноцидот бара посебна осуда и претставува срам. Ова злосторство е ужасно според својата природа. Неговите извршители одлучиле да истребат една цела група луѓе. Оние кои го спроведувале геноцидот одлучиле да ги лишат тие луѓе од нивните животи, националноста и религијата. Ова е злосторство против целото човештво. Жалбениот совет едногласно го нарече масакрот во Сребреница со вистинскиот збор, геноцид“, рече Мерон.

Геноцидот во Сребреница не бил спонтан чин, а во неколку пресуди на злосторниците е потврдено дека постоел план од највисоките органи на власта да се спроведе злосторството. Тоа го нагласи главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц.

„Негирањето на геноцидот секогаш го набљудувам со загриженост, што ми е тешко да го сфатам, бидејќи меѓународните судови кои се надлежни да одлучат што е геноцид, а што не е, донесоа одлука дека тоа е геноцид. Нема сомнеж околу квалификацијата на тој настан и тешко ми е да сфатам зошто луѓето сè уште користат такви коментари, кои не се во согласност со реалноста. Негирањето на геноцидот е и навреда за илјадниците жртви кои се убиени и оние кои ги изгубиле своите најмили“, рече Брамерц.

Удар за независното судство

Јелко Кацин, во 2009 година поднесе предлог до Европскиот парламент за усвојување декларација за Сребреница. Тој предлог беше прифатен во Европскиот парламент, но босанските парламентарци сè уште не ја усвоиле декларацијата за Сребреница. Тоа не го зачудува Кацин:

Од самиот почеток беше јасно дека БиХ ќе биде последната земја која ќе им се поклони на жртвите. Тука е селективниот пристап кон жртвите. Тоа не е модерен пристап. Тоа е една од причините која ја враќа БиХ во минатото. Мислам дека дваесет години по Сребреница, дојде време да се сфати дека БиХ веќе дваесет и пет години чекори наназад“, рече Кацин.

Уште пред десет години правосудството во Босна и Херцеговина ги презема случаите за воени злосторства и геноцид од Хашкиот трибунал и оттогаш, вели главниот обвинител од Обвинителството на БиХ, Горан Салиховиќ, е направено многу:

„До денес имаше 29 предмети. Направивме, не скромна и ограничена промена, туку огромна промена. Во овој момент останати се седум предмети и ние ќе останеме без хашките предмети до Нова година“, нагласи главниот обвинител од Обвинителството во БиХ, Горан Салиховиќ.

Но, заради одлуката на Уставниот суд во случаите Мактуф и Дамјановиќ, пресудите од Судот во Босна се вратени на почеток. Со тоа е извршен удар на транзициската правда и независното судство, смета Патриција Вален, поранешен меѓународен судија од Судот во БиХ.

„Граѓаните од Босна и Херцеговина веднаш ја платија цената на оваа одлука, жртвите повторно се трауматизирани, целите на транзициската правда се намалени, а политичката клима во земјата дополнително е ослабена. Осудата на геноцидот и злосторствата против човештвото стана просечна. Судиите ја изгубија способноста да ги разграничат овие злосторства од другите“, тврди Вален.

Жртвите не се задоволни и јасно го кажаа тоа.

„Ова е како да се движиме како полжави. Не сме задоволни, можеше многу побрзо, како на пример во случајот Милошевиќ, Шешељ. Понекогаш имаме чувство дека некој сака да го забави процесот за жртвите да не ја дочекаат правдата живи“, е мислењето на Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртвите и сведоците на геноцидот.

Извор: http://www.slobodnaevropa.org/