Сообраќај

13.07.2015 10:52
Сообраќај

Тешко, многу тешко, ќе може трагичната погибија на новинарката Сузана Тодоровска – Павловска да се подведе под сообраќајна несреќа. Се случуваат, за жал, сообраќајни несреќи. Некои, според бројот на жртвите, и потешки од трагедијата што неодамна се случи пред трговскиот центар „Зебра“ во Скопје. Но, за разлика од апсурдното губење живот на тротоарот пред „Зебра“, тие се навистина - сообраќајни несреќи.

Има многу причини поради кои се случуваат сообраќајните несреќи, пијанство, пребрзо возење (неприлагодена брзина на условите на патот, како што полицијата еуфемистички го нарекува ова), неисправно возило, неискуство, замор итн., но сите тие можат да се подведат под една графа - „грешка во комуникацијата“. Имено, сообраќај и не значи ништо друго туку комуникација, контакт меѓу луѓето, со-обраќање. Затоа и постојат, на пример, поштенски сообраќај, телефонски сообраќај, паричен сообраќај итн.

Превозот на луѓе и стока, иако најчесто идентификуван со поимот „сообраќај“, всушност е само едно од значењата на овој збор. Иако, во суштина, и тука станува збор за комуникација, поточно за односот меѓу субјектите во таа комуникација. Со други зборови, како и во секој вид комуникација и тука постојат правила за да може таа да се одвива непречено и без поголем застој.

Кога велиме „правила“ не мислиме само на оние сообраќајни правила што секој возач ги учи при полагање на возачкиот испит, туку на правилата што важат за сите учесници во сообраќајот, а кои за жал никаде не се учат. Пред се’, значи на хиерархијата во сообраќајот, а хиерархијата е тука стриктна и железна, што би се рекло (иако, овдешните консументи на сообраќајот најчесто ги прескокнуваат овие константи).

На врвот на сообраќајната хиерархиска пирамида стои пешакот. Под него, според важноста, се велосипедистите, мотоциклите, потешките мотори, патничките возила, комбињата, автобусите, камионите и на крајот шлеперите и другите тешки возила. Теориски гледано, тоа значи дека само на пешакот не смее ниту да му се ограничи, а најмалку да му се забрани сообраќајната комуникација. За разлика од него, на сите други возила може (во зависност од потребите) да им се ограничи движењето. И тоа по обратен редослед, најнапред на тешките возила, па камионите, автобусите, комбињата, патничките возила... и на крајот на велосипедите (што вообичаено не се случува).

Неприкосновени простори каде што пешакот може да оди, седи, стои, па ако има потреба и да легне, се тротоарите, а потоа пешачките премини и пешачките острова. Во таа смисла, на тротоарот не смее ништо да има, освен дрвја за сенка и клупи. Значи, не смее да има возила, билборди, кафеански маси, па дури ни велосипеди (затоа и оние велосипедски патеки, исцртани по тротоарите се сосема погрешни). Истото важи и за пешачките острова, каде што не смее да има ни фонтани, ни црквички, како што тоа го има во општина Аеродром, на пример. Во времето на големите протести во Србија кон крајот на 90-тите години од минатиот век, Белград донесе уредба дека е забрането стоење по коловозите во градот. Тогаш демонстрантите ги „окупираа“ сите пешачки премини, стоеја таму и не мрдаа и така го блокираа сообраќајот. Дури и тоталитарниот режим на Милошевиќ немаше храброст да го забрани стоењето на пешачките премини.

И, да... Сообраќајни несреќи, сепак, се случуваат. И тука и секаде во светот. Но, не на тротоарите. Убиства со возила на пешаци на тротоар, во светот се нарекуваат – тероризам! Затоа и мојата прекрасна пријателка и колешка, човек со посебен квалитет, толку редок на овие простори и врвна новинарка, Сузана Тодоровска – Павловска, не смее да се смета за жртва на сообраќајна несреќа, туку на теророт на абдалите, дибеците (нема соодветен израз за овој тип не-луѓе) што ова општество така упорно ги негува, чува и пази; на нашата анти-хумана ароганција, неверојатна и со ништо непоткрепена надмоќ над сите оние што се покршливи од нас. На крајот на краиштата, нека ви звучи и натегнато, но Сузе го загуби животот од упорното пропагандистичко удирање во гради за Македонија вечна, за Македонец - како тоа гордо звучи, за библиската земја, за убедувањето дека ние, само ние и никој друг не е во право. Само така можат да се создадат и ѕверови по градските улици, кои сметаат дека се надмоќни, само затоа што некоја будала, слична на нив, им дозволила да имаат автомобилски управувач во рацете. Не, не е тоа грешка во комуникацијата, тоа е апсолутна дискомуникација.

Инаку, зборот „сообраќај“, како и обраќање, обрт, обратно итн. Потекнува од старословенскиот „obvortъ “, што значи враќање, да се вратиш.

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото