Колективна трагедија

14.07.2015 11:05
Колективна трагедија

Една ориентална приказна почнува со тоа како еден духовник одлучил да патува во градот Камир. По два дена заморно пешачење по пустината се доближил до целта. По патот можел да види само пустински амбиент без никакво зеленило. Но, пред да влезе низ капијата на градот, од десната страна духовникот забележал невидена убавина од зеленило со рајска панорама од боите на убавите цвеќиња. Од таквата восхитеност духовникот скоро заборавил за каде тргнал. Влегол внатре во зеленилото и се изначудил кога видел безброј бели мремерни камења паднати на кои пишувало нешто. Се доближил до едниот и прочитал – “Абдел Тарег, живеел 8 години, 6 месеци и 3 дена“.

До него друг напис – “Јахмир Кхалиб, живеел 5 години, 8 месеци и 9 дена“. Телото почнало да му трепери и срцето почнало да го стега кога видел безброј надгробни плочи со слични содржини. Што ли страшно им се има случено тука на овие илјадници несреќни деца!? Каква ли масовна трагедија се има случено овде што толку невини деца морале да изгинат, низ солзи во себе се запрашал духовникот!?

Најдолго што живеал бил некој што во поменот му пишувало – 9 години, 3 месеци и 6 дена!

Од големата тага духовникот се препуштил на гласно плачење. Солзите никако да му престанат. По некое време наишол чуварот на гробиштата. Му објаснил дека според локалната традиција секој човек треба стриктно да ги запишува само тие денови од текот на својот живот кои ги поминувал како среќен човек. И на крајот сите тие ќе се собирале и претвореле во години, месеци и денови. Впрочем се сметало дека само тоа е животот што го живееле, а другото се било или губење време или страдање.

Нешто слично изгледа и нам ни се случува, оти половина милион млади витални се иселиле од нивните домови затоа што “преродбата во сто чекори“ направи сите тие да зачекорат во туѓина, оти насекаде на друго место им било подобро отколку во нивната татковина! Тука бројката на среќни дни за обичниот човек може да биде само сон.

Бројни луѓе ќе заплачат кога ќе прочитаат на милион плочи како едни деца што се родиле во Македонија умреле кој знае каде. Сето тоа само поради потребата што ја има една ептен чудна и болна фамилија за ептен чудо од раскош и богатство. Што несреќа ги снашло тие јадни луѓе што за прв пат вкусиле сладолед од чоколадо, а не знаеле зошто се во шаторите?! А странците мислат дека треба да преговараат со лисицата за да не јаде повеќе кокошки! И власта се фали дека од нив прави дебили. Дури паѓаат на измислици на Груевски.

Но, ај да одиме со ред.

Прво, тезата што цело време се врти во западните кругови вклучувајќи ја и Меѓународната кризна група е дека состојбата во Македонија може да ескалира до дестабилизација од поголеми размери ако не се најде компромис. Тоа детерминира претеран флексибилитет на Брисел и Вашингтон кон тешките дубиози на Груевски и дружината, за кои доверливо ќе ви кажат дека ги сметаат за “чудаци и лудаци“. Епа јас им кажувам, токму затоа мора организирано да дејствуваме за да се спречи нивната лудост и чудост да се претвори во веќе неконтолирано колективно лудило. Таквиот “лудак“ веќе десет години управува со државата и нашата судбина. Проблемот е што во политиката важат апсурдни правила. На пример, без лекарско уверение не смеете да добиете дозвола за да управувате трактор, ама можете да управувате со целата држава! Најголема опасност по стабилизацијата на државата и регионот е токму самиот Груевски. Секој ден што е тој на власт, е ден поблиску до колективното лудило. Оваа власт е заслужна за перење на повеќе од пет милјарди евра. Заслужна е за мегакриминали од историски размери. За газењето и приватизирањето на институциите. Заслужна што само еден процент (не)луѓе (чест на исклучоците) владеат со околу 65 отсто богатства во државата. И малите деца знаат дека до дестабилизација не може да води борбата за праведност, за демократија и прогрес, туку толерирањето на организираниот криминал, замижувањето пред владеењето со газење на институциите, заглувување додека се гази по животот и судбината на луѓето. Мислам дека по пропаѓањето на фингираната дестабилизација (Куманово), власта ќе бара други форми, а тука силно ја помагаат корумпираните медиуми, со цел да се замрзнат криминалите. Оттука, факт е дека политичките преговори се поставени на погрешна основа, а опасноста за дестабилизација може да дојде само ако и понатаму се замижува пред делата на Груевски. Омекнувањето на речникот на странците видно ги охрабри овдешните мафијашски медиуми за да вршат невидена кампања за тоа дека кризата создадена од опозицијата треба да биде третирана одвоено од криминалите.

Второ, фразата која цело време се врти на разни нивоа е ставањето на општите интереси пред партиските или личните! Па кој нормален сеуште може да верува дека Груевски и Ахмети токму тоа ќе го направат?! И птиците гледат дека интересите на незаситната фамилија се алфа и омега за оваа власт. Која е логиката тие да почнат да работат против нивното црно богатство кое сукцесивно десет години го стекнувале?! Да верувате дека со Груевски се можни демократски избори е исто како да верувате дека сте паднати од Марс. Многу повозможно е да не погоди некој метеор отколку тоа чудо да се случи.

Трето, странците се убедени дека и со Груевски е можна обновата на легитимитетот на правосудниот систем и на другите институции во државата. Дека со него ќе има правна разрешница за “Македонска банка“, за “Актор“, за становите на функционерите на ДПМНЕ, за огромните плацеви на Водно, за огромното надување на цените и провизиите со кинеската фирма “Синохидро“, и за илјадници други тендери со сои профитирале бројни медиумски газди, уредници или нивни мајки, тетки и снаи! Дека тој ќе го реформирал судот што го обвинува шефот на опозицијата за некаков фантомски “пуч“, а останал слеп за сите владини криминали кои веќе секој ги знае. Антикорупциската комисија видела фантомска вила во Грција , а огромните криминали на власта пред нејзин нос и се невидливи! Ќе реформирал тој што деформирал?! Тој што од институциите направил приватни служби! Тој што тие институции ги довел до тоа да веќе и да сакате не ќе можете да ги реформирате, туку ќе треба да ги распуштете. Вон умот е да очекувате тоа да го направи човек близок со Баболис од „Актор“, со Кондоминас, со краварот Субрата Рој, со градежникот Јеремиќ. За среќа сите тие се во затвор.

Оттука, на мнение сме дека опозицијата силно треба да притисне особено за најмалку две работи. Прво, јасно временски предвидено судско процесуирање на сите криминали под стриктен надзор на странците. Тука по ниедна логика Груевски нема ни микрон резон да води влада. Второ, формирање посебно тело за надгледување на медиумите (двајца од власта, двајца од опицијата и петтиот странец), кое тело секој месец ќе излезе со извештај, со право прекршителите привремено да ги затвори. Престанувањето плаќање за владини реклами не е сигурна гаранција, оти сосема е извесно дека власта на црно ќе продолжи да ја финансира гебелсштината. И сега пред очите на странците Груевски продолжува со поткупувањето на граѓаните – неодговорни вработувања, чудни субвенции, ослободување од казни и многу други клиентелистички форми. Мора да сфатиме дека ниеден диктатор не паднал само со преговори. Треба да се подготвуваме за жежок септември. Мора да биде пожежок од јули и август. Поинаку, нема што да запишеме на мермерите.

Слики: John Brosio

http://libertas.mk/