Живот во кутија (2)

15.07.2015 13:43
Живот во кутија (2)

Никола Софијанов
За болеста, за Мане, за фотографиите...

Човекот се раѓа за да ги развива своите моторни способности. Човекот се раѓа за да ги надградува своите ментални способности. Човекот живее со своите развиени моторни и ментални функции за да ги задоволува потребите, да ги изразува желбите и чувствата и на тој начин да се одржи себеси како единка, збогатувајќи ги со своите можности достигнувањата на општеството.

Но, природата понекогаш си поигрува со хармоничниот и правилен развој на човечката индивидуа. Разни внатрешни и надворешни фактори го спречуваат развојот на индивидуата атакувајќи ја моторната или менталната сфера.

Моториката или хармоничната координација на целокупната телесна мускулатура диригирана од централниот нервен систем, а со која се реализираат седењето, стоењето, одењето и сите останати складни движења - понекогаш страда.

Церебралната парализа е една од оние состојби којашто во голема мера ја намалува моторната активност кај децата и младинците и која значително ги хендикепира семејството и општеството. Оваа состојба најчесто се стекнува непосредно пред или за време на раѓањето на детето. Бројни причини што доведуваат до намален прилив на крв и кислород во мозокот или до прскање на кревките и незрели мозочни крвни садови – претставуваат основен фактор за предизвикување на церебралната парализа. Притоа страдаат мозочните структури, особено оние што се одговорни за моторната активност. Првите месеци по раѓањето ги даваат и првите симптоми: застој во моторните достигнувања (бебето подоцна ја држи главата исправено, подоцна проседува, а ако прооди, тоа се случува со големо задоцнување), како и развој на изразена вкочанетост на мускулите, што уште повеќе ја попречува моториката. Ако детето е среќно да прооди, тоа обично се случува со големо задоцнување. Во најтешки случаи, пациентот никогаш не проодува и тогаш тој целиот живот е прикован за инвалидска столица.

Социјалните импликации на оваа состојба се огромни. Семејниот хендикеп е голем, а општеството прави огромни напори и вложува огромни средства за на лицата со моторна попреченост да им ги олесни движењето и комуникацијата (адаптација на тротоари, скалила, автобуски влезови и сл.).

А сега, збор-два за Мане, тоа чудо од дете со потешка форма на церебрална парализа. Од рана младост се стекнал со моторен хендикеп со кој неговите родители се конфронтирале уште од првите денови на неговото раѓање. Упорни во борбата, свесни за нејзината долготрајност - тие во ниеден момент не потклекнаа пред тешкотиите. Но нивниот оптимизам, пренесен и на Мане, направи чудо. Мане, иако дете со хендикеп, го живее животот како и сите други деца. Опсипан со љубов и внимание, непотценет како дете со потешки пречки во моториката, нему му се нудат сите благодети што едно нормално семејство ги нуди на своето чедо. И тој, Мане, зачудувачки ги прифаќа тие благодети, подарувајќи им ја својата широка насмевка како на своите родители така и на сите добронамерни луѓе што на него гледаат како на Божјо суштество желно за земни радости.

Токму овие фотографиите на најсликовит начин ни го прикажува тоа, убедувајќи нé дека и невозможното со љубов и трпение станува возможно.

Скопје, март 2009 година

Живот во кутија (1)