Орвел во Македонија: Дали скандалот со прислушувањето беше предвиден уште во 2010?

17.07.2015 01:04
Орвел во Македонија: Дали скандалот со прислушувањето беше предвиден уште во 2010?

Медиумските известувања за „скандалот со прислушувањето“ обелоденет во 2015 година речиси и не се задржаа на предупредувањата за неконтролирано масовно прислушување кои беа „жешка тема“ во македонската јавност уште во 2010 година, кога беа донесени контроверзните измени во Законот за електронски комуникации.

За жал, бројните меѓународни и домашни известувањата за обелоденетите докази за „орвеловско надгледување“ во 2015 година пропуштија да потсетат на сериозните и образложени предупредувања од 2010 година, дека може да ни се случи „Орвел во Македонија“.

ПРВИЧНИТЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ЗА „ГОЛЕМИОТ БРАТ“ ОД 2010 ГОДИНА

Уште во почетокот на мај 2010 година, опозицијата предупреди дека Владата има намера да донесе законски измени со кои ќе се овозможи прислушување без судска одлука:

„Со овој закон МВР ќе може да го прислушува секој, секаде и во кое било време и тоа континуирано 24/7. Освен телефоните тоа ќе се случува и со компјутерите, односно преку модемите.“ (Макрадули: Со законот за електронски комуникации Владата ќе ги прислушува сите).

Предупредувањата дека со законските измени се создава своевидна „полициска држава“, не доаѓаа само од СДСМ, туку и од пратеници на други опозициски партии. (Законот за електронски комуникации или за прислушување).

Тогаш, законските измени не беа критикувани само од опозициските партии, туку и од здруженија на граѓани кои укажаа дека со нив се загрозува приватноста и другите човекови права („Метаморфозис“: Предложените законски измени се закана за приватноста – Уредничка забелешка за целосна транспарентност: Фондацијата „Метаморфозис“ го имплементира проектот во чии рамки е и „Сервисот за проверка на факти во медиумите“).

Медиумите во 2010 година покажаа високо ниво на свест за укажаните проблеми од страна на критичарите на законските измени. Дел од медиумите акцентираа дека законските измени не се усогласени со регулативата на ЕУ (Законски измени надвор од договореното со ЕК), дел укажуваа дека со законските измени ДБК добива ингеренции да прислушува без судска одлука („Големото уво“ ќе се лепи и на компјутерите), а дел дека законските измени се носат во сомнителна постапка, со просто мнозинство. („Операторите присилени на прислушување“)

Иако критичките медиуми ги акцентираа предупредувањата на опозицијата дека „МВР ќе прислушува сè живо и диво“, ги пренесуваа и пораките на власта „опозиционерите да не бидат параноични“ и нивните гаранции „дека можноста сè да се прислушува и да се следи не значи дека ќе има злоупотреби“:

„Би сакал да укажам дека нема потреба од плашењето од големиот брат или не знам братучедот, вели Цветко Грозданов.“ (Дали полицијата ќе може да прислушува без налог)

„ОРВЕЛОВСКИ“ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ПРИ ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА СПОРНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Иако оспорените законски измени не поминаа на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите (Жолт картон за прислушувањето, Не помина „шпионскиот“ закон), Владата не прифати да ги повлече спорните измени на Законот за елeктронски комуникации и го отфрли барањето на опозицијата да се чека мислењето од Брисел (Не се повлекува законот за електронски комуникации).

Ваквиот потег наиде на жестока критика од новинар(к)ите, експертите и здруженијата на граѓани, кои постојано реферираа на Орвеловата „1984“.

На пример, коментарот во „Дневник“ предупреди на „орвеловски all inclusive аранжман“, дека „ако Собранието ги усвои измените на Законот за електронските комуникации, за слободни граѓани наскоро ќе може да се сметаат само оние што не користат мобилен телефон и компјутер“:

„Како да поверуваме дека не може да се прислушува без судски налог, кога според предвидените измени на Законот, полицијата ќе си обезбеди технички можности за директен пристап до сите персонални компјутери, а ќе може без согласност и знаење на мобилните оператори (!?) да симнува податоци од нивните системи? Кој би барал налог од судија, кога техничките можности ќе му обезбедат во секое време да слуша, да пресретнува пораки, да следи електронска пошта…“ (Пресметка кај Youtube коралот)

И написот „Големиот брат“ ќе прислушува каде сака постојано реферира на Орвеловата „1984“:

„Ќе нѐ надгледува ли „Големиот брат“ 24 часа дневно, седум дена во неделата, во домовите, канцелариите, работните простории, кафеаните, буквално, насекаде? Можно ли е Македонија во 2010 година да го доживее мрачниот поглед на светот опишан во култниот роман на британскиот писател Џорџ Орвел, „1984“, објавен пред 61 година.“

ПРЕДУПРЕДУВАЊА НА ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИ И НА ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ

Во 2010 година, граѓанскиот сектор беше прилично активен во подигнувањето на јавната свест дека „Измените во законот ја нарушуваат приватноста“. На трибината организирана од „Метаморфозис“ беа изнесени бројни аргументи зошто законските измени се закана за приватноста и за другите човекови права (Приватноста на увид кај тајните служби).

Новинската агенција „Макфакс“ и невладината „Транспарентност нулта корупција“ ги прогласија законските измени за „најматен настан“:

„Најматен настан во мај, според гласовите на 14 од вкупно 17 уредници на печатени и електронски медиуми се предложените измени на законот за електронски комуникации, според кои МВР ќе може да ги следи и прислушува сите луѓе во државава без налог од суд.“ (Полицијата ќе прислушува без налог, најматен настан во мај).

Преку јавно соопштение, „Метаморфозис“ побара да се повлече од собраниска процедура предлогот за измени на Законот за електронските комуникации, затоа што се создаваат „законски можности за арбитрарна и неограничена примена на прислушување и други облици на следење на електронските комуникации“ („Метаморфозис“ против измени на Законот за електронските комуникации).

И Дирекцијата за лични податоци реагирала против прислушувањето, оценувајќи дека дел од измените „ги нарушуваат уставните постулати за слободата и неповредливоста на сите форми на комуникација“. И јавниот обвинител тогаш предупреди дека „Јавното обвинителство нема техничка можност да врши следење на комуникациите на евентуален криминал кој би се случувал во министерството“ (за внатрешни работи):

„Министерството за внатрешни работи има таква ексклузивност да може да врши следење на комуникациите на сите, меѓутоа што е со криминалот што би се случувал во МВР, затоа што, да бидеме реални, никој не е имун на криминал.“(Шврговски: Никој нема да го следи МВР).

Но, и покрај сите предупредувања и јавни апели, „Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изгласаа измени во Законот за електронски комуникации со кои МВР непречено може да ги следи интернет и телефонските комуникации.“ (МВР ќе прислушува без судски налог).

Хелсиншки комитет за човекови права ги оцени законските измени како „голем чекор во целосно воспоставување полициска држава и де факто бришење на правото на приватност.“ (МВР неконтролирано ќе прислушува и ќе следи). Претходно, во анализата „Приватноста под лупа“, укажа дека измените се противуставни и во колизија со други закони:

„…се определува дека на овластениот орган за следење на комуникации – а тоа е МВР, операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи, како и услови за самостојно превземање на податоците за сообраќај. И ова решение е, исто така, проширено и на локациите на терминалната опрема на корисниците. Со ваквите решенија се избегнува Судот, Јавното обвинителство, па дури и самите оператори затоа што на МВР му е овозможено самостојно преземање на податоците за сообраќај, така што никој друг нема потреба да знае дека МВР превзема податоци, додека за надворешна контрола не станува воопшто збор, што е во апсолутна колизија со веќе постоечкото законодавство.“

Незадоволни од законските измени со кои на полицијата без контрола ѝ се овозможува да одлучува „Кој ќе биде прислушуван, колку време и за каква цел“ (Невладините против МВР), неколку невладини организации одлучија да поведат иницијатива за „Орвеловскиот закон на Уставен суд“.

(Продолжува: Одлуката на Уставниот суд и нејзиното (не)спроведување)

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk/