Фуга на смртта

17.07.2015 13:14

Црното млеко на мугрите навечер го пиеме ние
го пиеме напладне, изутрина, го пиеме ноќе
пиеме и пиеме
во воздухот копаме гроб и во него не е тесно

Во куќата живее маж тој пишува тој со змии се игра
тој пишува кога кон Германија се темни
твојата златна коса Маргарета
тој го пишува тоа и излегува пред куќи
и светкаат ѕвездите и им потсвирнува на пците
со свирка ги повикува своите Евреи и наредува
во земјата да се ископа гроб
заповедува и сега свири за танец

Црно млеко на мугрите те пиеме ноќе
те пиеме изутрина напладне те пиеме навечер
пиеме и пиеме
еден маж живее во куќата и игра со змии
тој пишува пишува твојата златна коса
Маргарета кога кон Германија се темни
твојата пепелеста коса Суламит копаме гроб
во воздух во него не е тесно

Тој вика копајте подлабоко во земното царство
а вие други свирете и играјте
тој го фаќа железото на појас го мавта очите му се
сини
заринете ги лопатите подлабоко вие,
а вие другите свирете уште за танец

Црно млеко на мугрите те пиеме ноќе
те пиеме напладне, наутро те пиеме навечер
пиеме пиеме
еден маж живее во куќата твојата златна коса
Маргарета твојата пепелеста коса Суламит
тој игра со змии

Тој вика свирете ја послатко смртта
смртта е мајстор од Германија
тој вика потемно стружете по струните
тогаш ќе се искачите како дим во воздух
тогаш во облаците ќе имате гроб што не е тесен

Црно млеко на мугрите те пиеме ноќе
те пиеме напладне смртта е мајстор од Германија
те пиеме навечер и наутро те пиеме и пиеме
смртта е мајстор од Германија окото ѝ е сино
те погаѓа со оловен куршум и те погаѓа точно
еден маж живее во куќата твојата златна коса
Маргарета тој ги насрчува своите големи пци на нас
и ни подарува гроб во воздух
тој игра со змии и мечтае
смртта е мајстор од Германија
твојата златна коса Маргарета
твојата пепелава коса Суламит

Препев: Душан Томовски

Паул Целан (Paul Celan, роден 1920 во Черновци, тогашна Романија, денес Украина; се самоубил со скок во Сена 1970 во Париз), поет, преведувач и есеист од германското јазично подрачје. Бил роден како Паул Анчел (Antschel ili Ancel) во семејство на германски Евреи ционисти.
Посебно се занимавал со прашањата на јазикот. Се обидувал надвор од јазичните конвенции одново да го именува неискажливото, настапите на тишина во јазикот, допирајќи до крајните граници на искажливото. Првата книга ја објавил во 1948, уште под влијание на Рилке.
Поезијата му е во знакот на парадоксот; го воведе „противзборот“ (Gegenwort) како вистински збор за апсурдот. Зборовите во песните често му се нижат по звуковни асоцијации, не толку по смисла. Песните му се слики, статични, во кои како да се вовлекла вечноста.
„Фуга на смртта“ е една од неговите најпознати песни, но и една од најпознатите и најпреведуваните песни на светот во 20 век.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото